Македонија
Бројот на ковид-пациенти и натаму опаѓа, во целата земја хоспитализирани се 422 лица
Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 422 и има околу 470 празни болнички кревети во ковид-центрите, информираат од Министерството за здравство.
Од таму потсетуваат дека поради намалениот број на болни, болниците затвориле дел од капацитетите наменети за ковид-пациенти.
Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во болниците низ земјава, со исклучок во главниот град, е пријавено дека се лекуваат вкупно 253 пациенти позитивни и суспектни на вирусот.
Во болниците во Скопје тој број изнесува 169 пациенти, од кои 15 биле примени во последните 24 часа. Во изминатото деноноќие дома биле пуштени 19 оздравени пациенти.
„Во болницата во Битола се хоспитализирани 28 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани исто така 28 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 8 пациенти, во Велес се лекуваат 31 болен, а во Куманово 43 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во ковид-центарот во Охрид има хоспитализирано 30 пациенти, во Прилеп 17, во ковид-центарот во Гостивар 8, а во Струга 20 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 17 пациенти, во Кочани 7, во Кичево 6, Кавадарци 7, а во Гевгелија 3 лица позитивни и суспектни на вирусот“, се наведува во соопштението од ресорното министерство од каде додаваат дека бројките се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти.
Исто така се нагласува дека во скопските ковид-центри бројот на приеми во изминативе денови е намален и утрово до 8 часот имало 130 слободни места.
Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна поддршка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Владата ги отфрла тврдењата на опозицијата за наводна нетранспарентност околу ИПАРД
Владата категорично ги отфрла тврдењата на опозицијата за наводна нетранспарентност околу скандалот со ИПАРД програмата.
-Апсолутно го отфрлам ова тврдење дека се крие нешто во однос на таа постапка. Знаете дека сме максимално транспарентни, изјави на денешната прес-конференција портпаролката Марија Митева, одговарајќи на новинарски прашања.
Таа дополни дека очекува Министерството за земјоделство и сите надлежни институции, вклучително и судските органи кои постапуваат надвор од извршната власт, да ги дадат своите информации за состојбите.
Портпартолката на СДСМ Богданка Кузеска денеска на прес-конференција обвини дека „две недели по скандалот за ИПАРД, наместо да даде одговор на клучните прашања, министерот Цветан Трипуновски бега од одговорност, од вистината за суспензијата на парите а бега и од одговори“.
Средствата од ИПАРД 3 програмата (2021–2027) во Македонија се привремено суспендирани поради проблеми и сомнежи околу работењето на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, што предизвика прекин на исплатите како превентивна мерка за заштита на европските фондови.
Македонија
11.500 студенти веќе подигнале нови електронски уреди, Владата додели над 33.000 ваучери
Владата информира дека заклучно со вчерашниот ден се доделени вкупно 33.682 ваучери за студенти, секој во вредност од 15.300 денари. Од нив, веќе 11.500 студенти успешно го реализирале ваучерот и подигнале нов електронски уред.
-Овие бројки јасно покажуваат дека интересот е огромен, имплементацијата стабилна, а мерката создава вистински резултати, изјави портпаролката на Владата, Марија Митева на денешната прес-конференција.
Митева нагласи дека мерката е внимателно планирана и спроведена во соработка со ресорните министерства.
-Оваа мерка не е случајна ниту пак импровизирана. Прецизно и навремено испланирнаа од страна на генералниот секретеријат на Владата во блиска соработка со Министерството за дигитализација и Нинистерството за образование и наука. Оваа институционална координација ни овозможи брза организација на постапките, јасни критеируми за студентите, технички усогласен систем за доделување и реализација на ваучерите и висока транспарентност на процесот, појасни таа.
Според Владата, целта е намалување на дигиталната нееднаквост и поттикнување на дигиталната трансформација во образованието, а мерката ќе продолжи со следење на реализацијата кај овластените трговци и подготовка на нови политики насочени кон модернизација на образовниот систем.
-Владата покажа дека инвестициите во знаење технологија и млади се наш приоритет а исполнувањето на ова ветување е доказ дека државата функционира во служба на граѓаните. Ја намалуваме дигиталната нееднаквост и ја поттикуваме дигиталната трансофрмација, нагласи Митева.
Во врска со прашањето за исплатата на ДДВ на граѓаните или фирмите, дали Владата има пари за тоа, односно зошто доцни исплатата, Митева соопшти дека исплатата се одвива регуларно, а за сите недостатоци или потенцијален застој ќе информираат дополнително.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Кацарска постапува по насока на СДСМ и бара укинување на 7.000 денари за пензионерите
Од ВМРО-ДПМНЕ денеска остро реагираа на однесувањето на уставната судијка Добрила Кацарска, обвинувајќи ја дека постапува по насока на СДСМ и дека со предметот поднесен до Уставниот суд се загрозува зголемувањето од 7.000 денари за пензионерите. Ставовите партијата ги изнесе на прес-конференција преку портпаролот Валентин Манасиевски.
Според Манасиевски, Кацарска „го загубила кредибилитетот пред граѓаните“ и продолжила да работи во партиски интерес. Од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат на нејзините претходни одлуки и обвинуваат дека судијката „наместо да ја врати довербата, повторно одработува за СДСМ“.
Во реакцијата се наведува дека „контаминираното судство“, како што го нарекува партијата, од една страна бара повисоки плати, а од друга страна донесува одлуки што, според ВМРО-ДПМНЕ, можат да им нанесат штета на пензионерите. Посочуваат дека станува збор за „мал дел од системот“, но дека токму овие случаи ја нарушуваат довербата на јавноста.
Партијата повторно побара темелни реформи во судството и обвинителството, со цел, како што велат, да се зајакне интегритетот на институциите и да се создадат услови чесните судии и обвинители да дојдат до израз.

