Европа
Водачите на ЕУ не успеаја да се договорат за ковид-пасошите, преговорите ќе продолжат

Водачите на ЕУ не успеаја да ги завршат преговорите за воведување на дигитални зелени сертификати во вторникот, со што би го започнале спроведувањето на планот за спасување на претстојната туристичка сезона, но преговорите ќе продолжат в четврток.
„Претставници од Европскиот парламент, Европската комисија и владите на земјите членки ќе продолжат со преговорите в четврток“, објави португалското претседателство со ЕУ.
Дигиталниот сертификат може да отвори повеќе земји на ЕУ за патување во рамките на Унијата на крајот на јуни, дури и за време на пандемијата на коронавирус, како и загриженоста за новите видови на вирус, наведува „Јутарњи лист“.
Таканаречениот дигитален зелен сертификат ќе биде доказ дека лицето е вакцинирано против Ковид-19, дека има негативен резултат од тест или ја прележало болеста.
Ова беше воведено за да се избегне дискриминација на лица кои не можат да се вакцинираат.
Целта на потврдата е што побрзо укинување на мерките што се во сила во моментот кога станува збор за патување меѓу земјите.
Сепак, на секоја од 27-те земји членки е да одлучат кои придобивки ги носи сертификатот во рамките на нивните граници.
Германската европратеничка Корнелија Ернст рече дека пратениците не се согласиле за клучни прашања.
„Дискусиите продолжија да се вртат околу клучните точки, како што е барањето на Европскиот парламент за пристап до бесплатни тестови за сите“, рече Ернст по преговорите.
Европратениците исто така одбија да им овозможат на одделни земји на ЕУ можност да воведат свои ограничувања за влез од други земји на ЕУ, дури и ако имаат дигитален зелен сертификат.
Извршната власт на ЕУ го претстави својот предлог за дигитален зелен сертификат уште во февруари.
Грција веќе ги олесни условите за влез за странците кои биле вакцинирани, а Шпанија дозволува влез на туристи од ЕУ под услов да имаат негативен тест.
Според Европскиот центар за превенција и контрола на болести, една шестина од возрасната популација на Европската Унија сега е вакцинирана со двете дози.
Целта на Комисијата е тоа да се зголеми на 70 проценти до септември.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Чешкиот претседател: Кина е на исто ниво со Русија кога станува збор за хакирање

Кина е на исто ниво со Русија кога станува збор за државно спонзорирано хакирање и шпионажа, изјави чешкиот претседател Петр Павел за „Фајненшл тајмс“.
„Пекинг и Москва се „еднакви во однос на сајбер заканата““, рече тој, додавајќи: „Сведоци сме на сајбер напади од двете страни, речиси на исто ниво“.
Минатиот месец, Чешката Република ја обвини Кина дека е одговорна за „злонамерна кибер кампања“ насочена кон мрежа што се користи за некласифицирани комуникации во нејзиното Министерство за надворешни работи.
Кина ги отфрли обвинувањата.
Европа
Путин: Мојата внука течно зборува кинески

Рускиот претседател Владимир Путин рече дека неговата внука течно зборува кинески бидејќи нејзината дадилка е од Пекинг. Путин се обидуваше да ги нагласи блиските врски меѓу Москва и Пекинг.
„Споменав дека некои од моите блиски роднини учат кинески, мислев на мојата внука, чија дадилка е од Пекинг. Таа течно зборува кинески со неа“, рече Путин за време на состанокот со странски новинари во Санкт Петербург.
„Русите покажуваат зголемен интерес за учење кинески јазик како што се продлабочуваат економските врски меѓу двете земји. Годишната трговија достигнува 240 милијарди долари“, истакна тој.
Забелешката на Путин понуди редок поглед во личниот живот на рускиот претседател и ги илустрираше блиските врски меѓу двете земји.
Кина не се придружи на меѓународните санкции што ја погодија Русија по нејзината инвазија на Украина во 2022 година, туку се позиционираше како клучен трговски партнер.
Европа
Зеленски назначи нов командант на копнените сили

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес го назначи Генадиј Шаповалов за нов командант на Копнените сили, откако неговиот претходник поднесе оставка поради рускиот напад на полигон за обука.
Шаповалов, чие назначување беше објавено со претседателски декрет, претходно беше офицер за врска во координативниот центар на НАТО во Германија.
Претходно ги водеше силите на Оперативната команда „Југ“.
Шаповалов го заменува Михаило Драпатиј на функцијата врховен командант на Копнените сили, кој поднесе оставка овој месец поради смртоносен напад на полигон за обука во југоисточна Украина.
Зеленски го премести Драпатиј на функцијата командант на здружените сили како дел од воената реконструкција.