Македонија
(Видео) Јанушев: Имаме сомнежи дека во МВР е местен тендер за пневматици
Функционери од власта се обидуваат да местат тендери со изготвување на спецификации за набавки со што се фаворизира еден понудувач и однапред се исклучува можно пријавување на повеќе понудувачи, обвини на денешната прес-конференција пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.
„До нас пристигнаа информации кои фрлаат сомнеж дека така ‘скроена’ спецификација е направена при распишување оглас за набавка на пневматици од страна на МВР, кој бил распишан на 09 октомври 2019 година, а за кој имаме сомнежи и информации доставени од свиркач дека помошник-министерот во МВР задолжен за јавни набавки, Андријана Савеска-Павловска, вршела притисок врз лицата кои го изготвуваат огласот да ја променат спецификацијата, со што таа би можела да фаворизира еден понудувач“, посочи Јанушев.
Тој нагласи дека Савеска-Павловска е поставена на функцијата пред нецела година и, како што кажа, според партиските информации вршениот притисок е регистриран и пријавен и за него постои службена белешка во МВР.
„Посочената Савевска-Павловска во тој момент не била надредена на лицето кое ја подготвувало тендерската документација и огласот, а за ваквиот притисок е известен и тогашниот помошник-министер кој е сега во пензија, но реакција од МВР нема“, кажа претставникот на опозициската партија.
Јанушев информира дека со одлука на МВР тендерот е добиен од страна на „Пнеуматик груп“ ДОО Скопје, врз основа на најниска понуда, но по жалба од „Мотоцентар“ жалбата се усвојува и се враќа на повторно одлучување, по што МВР повторно одлучило исто и повторно го избирало „Пнеуматик груп“ ДОО Скопје. „Мотоцентар“ уште еднаш се пожалил, но повторно неуспешно, за на крај МВР да ја поништи постапката и повторно да распише нов оглас.
„На новиот оглас кој е распишан на 16 март годинава, погодувате, повторно е избрана фирмата ‘Пнеуматик груп’ ДОО Скопје, а оваа одлука повторно е во постапка по жалба“, нагласи Јанушев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Лимани: Нашиот пристап кон развојот на Гостивар е планиран, еднаков и инклузивен
Кандидатот за градоначалникот на Општина Гостивар, Валбон Лимани, кажа дека нивниот пристап кон развојот на градот е планиран, еднаков и инклузивен. Тој денеска на прес – конференција презнетираше дел од проектите од неговата изборна кампања.
„Еден од најважните проекти е изградбата на новиот мост над реката Вардар, наречен „Мост на слогата“. Сите административни и правни постапки за овој проект се завршени и напролет започнуваат градежните работи. Мостот ќе има четири сообраќајни ленти, велосипедски патеки и безбедни тротоари за пешаци. Тој ќе ги поврзе градските населби, ќе го олесни сообраќајот и ќе даде реален поттик за економскиот развој на Гостивар“, рече Лимани.
Паралелно, додаде тој, го започнавме и трансформирањето на главниот булевар на градот.
„Тој веќе е завршен до близина на Домот на културата, во должина од 1.657 метри, со четири функционални сообраќајни ленти. Исто така, постигнавме договор со сопственикот на еден од објектите што го попречуваше проширувањето на коловозот, конкретно објектот меѓу општинската зграда и постојниот мост над реката Вардар. Проектот е изготвен и напролет започнува реализацијата на работите за овој дел од Булеварот. Во тек се интензивни разговори и со сопствениците на објектите во другиот дел од Булеварот, од крстосницата на улица ЈНА со крстосницата кон Градската болница. Разговорите се конструктивни, со меѓусебна доверба, и очекуваме договорите да се финализираат во краток рок. Булеварот ќе се претвори во урбано срце на Гостивар, со модерно осветлување, велосипедски патеки и зелени површини за граѓаните. Тој ќе биде функционален и социјален простор, каде што градот се развива заедно со неговите жители. Нашиот пристап кон развојот е планиран, еднаков и инклузивен. Секој граѓанин, во секоја населба и во секое село, ќе биде дел од оваа трансформација. Ви благодарам за вашата доверба. Со визија, работа и одговорност, ќе продолжиме да градиме посилен и помодерен Гостивар – со Гостивар во срцето’, рече Лимани.
На 11 јануари во четири општини: Гостивар, Маврово-Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа ќе се одржат локални избори, затоа што на изборите што се одржаа во октомври не беше постигнат минималниот процент на излезеност на првиот круг односно помалку од законскиот минимум од 33,33 отсто.
Македонија
ДПИ со засилени контроли: издадени се 96 прекршочни платни налози во износ од 2,8 милиони денари
Државниот пазарен инспекторат во текот на месец декември спроведе засилени инспекциски надзори кај угостителските објекти на територија на цела држава со цел утврдување на почитување на законските одредби од Законот за угостителска дејност и Законот за заштита од пушењето.
Во наведениот период извршени се вкупно 542 инспекциски надзори, односно 269 надзори врз основа на Законот за угостителска дејност и 273 надзори врз основа на Законот за заштита од пушењето.
При извршените инспекциски надзори кај дел од правните субјекти беа утврдени неправилности и согласно законските одредби издадени се 96 прекршочни платни налози во износ од 2.823.870,00 денари. Како резултат на утврдените прекршоци изречени се и 26 мерки – привремена забрана за вршење на дејност.
„Државниот пазарен инспекторат ќе продолжи со спроведување на инспекциските надзори и во наредниот период во пресрет на празниците со цел заштита на јавниот интерес на граѓаните. Упатуваме апел до угостителите да ги почитуваат законските обврски кои се однесуваат на нивното работење“, се наведува во соопштението.
фото/депозитфотос
Македонија
Граделе во заштитена зона на Шара – кривична за двајца мажи
Двајца мажи се соочуваат со кривична пријава откако, според полицијата, нелегално граделе во зона на Националниот парк „Шар Планина“.
Станува збор за Ф.Ш. (65) од Тетово и И.А. (45) од селото Бродец, кои во текот на 2025 година, во атарот на селото Гајре, изградиле шест бетонски столбови без да обезбедат дозвола за градба од Општина Тетово.
Кривичната е поднесена кривична пријава за „бесправно градење“.

