Европа
Во Белгија потрага по тешко вооружен војник, пред да исчезне му се заканувал на главниот епидемиолог

Специјалните трупи во Белгија бараат тешко вооружен војник, краен десничар, за кој веруваат дека претставува сериозна закана.
Станува збор за Јирген Конингс, воен инструктор за стрелање. Тој зел оружје од касарната, а потоа исчезнал.
Би-би-си објави дека претходно му се заканувал на вирологот Марк Ван Ранст, шеф на белгиското јавно здравство по прашањата за епидемијата на коронавирус.
Ван Ранст и неговото семејство се преместени на безбедна локација откако Конингс исчезнал.
Последните извештаи велат дека околу 350 полицајци и војници се распоредени во областа на националниот парк во близина на границата со Холандија.
Во тоа подрачје вчера околу 18 часот и 35 минути се слушнале шест истрели или детонации, но сè уште не е познато дали станува збор за огнено оружје. Автопатот што минува низ областа е затворен.
Во белгиската јавност сега се води дебата за тоа како е можно добро познат симпатизер на крајната десница да има пристап до воено оружје. Би-би-си објави дека тој го зел оружјето од касарната во Леополдсбург под образложение за организирање вежба за стрелање.
Полицијата апелира до јавноста ако некој го види Конингс, да не му приоѓа, туку веднаш да ги информира службите. Властите велат дека исчезнатиот воен инструктор претставува најголема можна опасност и можеби планира напад врз институции или поединци.
Полицијата со часови ја пребарувала шумата околу градот Дилсен-Стокем, недалеку од куќата на Конингс во северната провинција Лимбург, откако бил пронајден автомобилот на војникот, полн со тешко вооружување.
Во автомобилот биле пронајдени четири противтенковски ракети и муниција, а полицијата верува дека Конингс сè уште е вооружен со друго оружје, вклучително и краток митралез, а на себе носи панцир.
Полицијата потоа го затвори националниот парк Хоге Кампен, кој се протега на 12 хектари шума во близина на границата со Холандија. Би-би-си соопшти дека неколку касарни се затворени, а на војниците им е забрането да заминуваат.
Весникот „Ле Соар“ известува дека специјалните единици со оклопно возило влегле во националниот парк.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Русија: Полјаците не ни доставија никакви докази дека дроновите се од наше потекло

Москва тврди дека Полска не доставила никакви докази што покажуваат дека беспилотните летала што биле соборени во Полска се од руско производство.
Вршителот на должноста амбасадор на Русија во Полска, Андреј Ордаш, потврди за новинската агенција „РИА новости“ дека бил повикан од полското Министерство за надворешни работи по инцидентот.
Ова е првиот коментар на Русија по инцидентот, кој се случи преку ноќ.
Европа
Објавена фотографија од руски дрон во Полска

Порталот Defence24 објавува дека руски дрон е пронајден во градот Чешники, во близина на Замошќ и на 40-ина километри од границата со Украина.
Читател ја испратил фотографијата од леталото до редакцијата, а според неофицијални информации, станува збор за дрон од типот „Гербер“, кој Русија го користи за преоптоварување на украинската воздушна одбрана.
Во текот на ноќта Русија изврши масовен напад врз Украина, а повеќе од десет дрона влегоа во полскиот воздушен простор. Полската војска потврди дека оние што претставуваа директна закана биле соборени. Бројот и начинот на движење на леталото, според Defence24, укажуваат на намерна руска провокација.
фото: принтскрин
Европа
Објавена мапа од синоќешниот руски напад врз Украина: прикажани и дроновите што влегле во Полска

Украинските медиуми објавија мапа на која се прикажани беспилотните летала што учествуваа во синоќешните руски напади врз Украина. Главни цели беа Донбас и регионите Ивано-Франкивск, Лавов, Луцк, Одеса, Виница и Житомир. Некои од беспилотните летала го напуштија украинскиот воздушен простор и влегоа во Полска. Според украински извори, дури 14 руски беспилотни летала влегоа во Полска.
Полска потврди дека повеќе од десетина беспилотни летала влегле во нејзиниот воздушен простор за време на нападот врз Украина. Оние што претставуваа непосредна закана беа соборени, а во акцијата учествуваа и неколку холандски борбени авиони „Ф-35“.
Во Полска, во регионот Лублин, беспилотно летало удри во куќа, но немаше повредени. Во источна Полска, во градот Вирики, беспилотно летало или објект сличен на беспилотно летало удри во станбена куќа – покривот беше оштетен, но исто така немаше повредени.
Полскиот премиер Доналд Туск го опиша инцидентот како чин на агресија и нагласи дека НАТО реагирал активно вклучувајќи распоредување холандски борбени авиони и привремено затворање на аеродромите, вклучувајќи го и тој во Варшава.
фото: принтскрин