Македонија
(Видео) Шахпаска: Обезбедуваме лична асистенција и за децата од 6 до 18-годишна возраст
„Личната асистенција претставува индивидуaлна помош и поддршка за лица со потешка и најтешка физичка попреченост и потполно слепи лица, чија цел е независно и самостојно живеење, активно и рамноправно учество во заедницата и вршење на секојдневните активности. Предложените измени во Законот за социјална заштита, во делот на личната асистенција, се однесуваат на спуштање на возрасната граница од 18 на 6-годишна возраст за услугата лична асистенција, а придобивката од ова законско решение е дополнителни 200 корисници на возраст од шест до 18 години да добијат лични асистенти“, подвлече министерката Јагода Шахпаска, на денешната јавна расправа за предложените измени во Законот за социјална заштита, во Собранието на Република Северна Македонија.
„Денешната јавна расправа за дополнување на Законот за социјална заштита претставува уште еден придонес на демократијата во нашата држава. На ваков начин, кога заеднички разговараме и власт и опозиција, но пред сè и граѓаните за коишто ги носиме законските измени, сакаме да покажеме дека грижата за сите граѓани во државата ни е подеднакво важна “, истакна министерката Шахпаска пред присутните пратеници, невладини организации и останати граѓани кои покажаа интерес по однос на ова прашање.
Таа се осврна на услугата лична асистенција која за прв пат беше воведена во 2018 година, преку Програмата за персонална асистенција за лицата со попреченост за 2018 година, а во 2019 година, личната асистенција е вклучена помеѓу социјалните услуги предвидени со новиот Закон за социјалната заштита.
Услугата лична асистенција може да се користи до 80 часа месечно, истакна министерката Шахпаска, додека поранешни корисници сместени во резиденцијалните социјални институции услугата ќе биде обезбедена до 160 часа месечно, бидејќи на овие лица им е потребна поголема поддршка по излегувањето од институцијата.
Министерката Шахпаска информираше дека Министерството за труд и социјална политика интензивно работи и на други проекти кои значат поддршка за лицата со попреченост и нивно целосно вклучување во општественото живеење.
„Со воведувањето на меѓународна класификација на функционалноста (МКФ) која ја реализираме во согласност со Конвенцијата за правата на лицата со попреченост на ООН, попреченоста се третира како човеково право, не како медицинска дијагноза. Заедно со УНДП работиме на мобилна апликација аудиочитач за слепите лица, кој ќе им овозможи послободно движење во просторот и посамостојно извршување на секојдневните активности“, додаде Шахпаска.
На крајот во своето обраќање, таа ја истакна важноста од децентрализацијата на социјалните услуги, како процес со кој се обезбедува помош и нега во домот на старите лица, лицата со попреченост, во дневните центри и центрите за лица со попреченост. За таа цел, склучени се 19 договори со 24 општини, а притоа опфатени се и градските и руралните средини.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови по наместа влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Сите патишта водат кон Будимпешта, со владин авион кај шефот и на море, велат од СДСМ
Главна дестинација на владинот авион е релацијата Скопје-Будимпешта. Дури седум пати летале до шефот, во главниот град на Унгарија, според информациите за летањето на владиниот авион кои ги објавија медиумите, велат од СДСМ.
„Сите во Будимпешта, со владин авион, на консултации и по работни задачи кај шефот.
Наместо да лежи во Идризово, ВМРО му подготвува враќање на Никола Груевски.
Затоа и беа тргнати потпретседателите.
Нема повеќе потпретседатели, нема внатрешна конкуренцијам се расчистува патот за единствениот претседател на ВМРО, Груевски.
Мицкоски е само чувар на фотелјата.
Мора да се обезбеди безбеден терен за враќање на газдата“.
Според опозиционата партија, Мицкоски, Николовски, Силјановска најмногу го користеле владинот авион.
„Толку многу се шета, Мицкоски дури и на Јадран оди со владин авион на капење.
Затоа мора да се купува нов авион, да се даваат милиони евра народни пари“, прашуваат од СДСМ.
Македонија
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните: Во Собранието се одржа јавна расправа
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните
Во Собранието се одржа јавна расправа по конечниот извештај на Државниот завод за ревизија за извршената ревизија на успешност на тема: ,,Можност за употреба на вештачка интелигенција во јавниот сектор”.
Настанот го отвори координаторката на Клубот на младински прашања и политики, Драгана Бојковска, која истакна дека мора да се биде во тек со современите држави кои ги користат ВИ алатките, и во тој контекст информира дека во работата на Собранието е вклучена вештачката интелигенција.
Советникот во ДЗР, Сашо Јаковчевски, кој го презентираше Извештајот, рече дека е потребна сеопфатна дигитална инфраструктура бидејќи имаме растечка база на знаење која може да се вклучи во спроведувањето на вештачката интелигенција во јавниот сектор.
Според државниот ревизор Максим Ацевски, институцијата е лидер по примената на дигитализацијата бидејќи посетеноста на веб-страницата за кусо време пораснала за 6,34 проценти.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, посочи дека Министерството веќе има проекти со кој се очекува да се спроведе вештачката интелигенција во јавниот сектор, која треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните.
Учесниците во јавната расправа посочија дека без правна регулатива може да направи повеќе штета отколку корист. Затоа е потребна национална стратегија, заштита на личните податоци, институционален капацитет и правна заштита.

