Економија
(Видео) Завршува рехабилитацијата на патот Узем – Тораница

Заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, заедно со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми, денеска присуствуваа на патниот правец Узем – Тораница, инвестиција која е од огромно значење за економскиот развој на овој регион. Со рехабилитација на оваа делница се подобрува конекцијата помеѓу жителите во регионот, но се подобруваат и условите за непречено функционирање на рудникот „Тораница“.
Станува збор за пат со должина од речиси 7 километри, а комплетната рехабилитација се очекува целосно да заврши во август годинава.
„Владата на Северна Македонија продолжува со интензивно темпо и јасни политики, во кои инфраструктурата и одржливиот развој и развојот на економијата се приоритет. Ставивме силен акцент на економскиот и инфраструктурен развој на целокупниот овој регион, коj беше запоставен со децении. Продолжуваме со интензивно темпо да ставаме акцент на инфраструктурните проекти што го поврзуваат Кривопаланечкиот Регион со другите региони од државата, но и со земјите од регионот. Овој пат, каде што сме денеска, Узем-Тораница, е особено значаен поради тоа што води до најголемиот индустриски капацитет во регионот на Крива Паланка, во кој се вработени повеќето од жителите од овој регион, а тоа е рудникот ‘Тораница’“, рече вицепремиерот Николовски.
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, во своето обраќање потенцира дека во моментот се рехабилитираат и градат повеќе патни правци во овој регион.
„Затоа посветено работиме на негова доизградба и модернизација. Само во овој дел од државата инвестираме над 80 милиони евра во патната мрежа. Особено сум задоволен што во овој момент целата патна врска од Куманово до границата во Бугарија се модернизира. Неодамна почнавме со рехабилитација на патниот правец од Куманово до с. Војник како прва фаза. Во продолжение како втора фаза го рехабилитираме патот од с. Војник до Страцин. Во меѓувреме, градиме нов експресен пат од Ранковце до Крива Паланка. Тука би сакал да спомнам дека овој месец ЈП за државни патишта објави тендер за доизградба на првата делница. Ја прошируваме со трета лента делницата од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир“, рече министерот Бочварски.
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Рустеми, рече дека вкупната вредност на рехабилитацијата на патната делница Узем – Тораница е во износ од 1,75 милион евра, обезбедени од Европската банка за обнова и развој.
„Градежните активности се во тек, досега се изведени набавка, транспорт и вградување на првиот израмнувачки слој, како и набавка, транспорт и вградување на вториот завршен слој. Останува изведба на сигнализација и обележување на патот и опремата на патот“, рече Рустеми.
Градоначалникот на општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, изјави дека сите инфраструктурни инвестиции што се реализираат се значајни за развојот на Кривопаланечкиот Регион.
„Со сите градежни активности коишто беа направени во изминатиот период и активностите што моментално се спроведуваат, и со оваа делница, Крива Паланка станува развојна точка. Ова е помош за локалното население и огромна помош за рудникот Тораница во којшто работат и од него опстојуваат околу 370 семејства“, рече градоначалникот Мицевски.
Од регионална гледна точна, овој дел на државата е стратешки важен поради паневропскиот Коридор 8. Инвестициите во патната инфраструктура продолжуваат со зголемен интензитет и во наредниот период. Се очекува долга градежна сезона и отворање дополнителен фронт за работа и за домашните компании.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Поевтинуваат дизелот и бензините

Цените на горивата од ноќеска на полноќ ќе поевтинат за половина и за еден денар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 1 денар, а на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат за половина денар.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 1,113 ден/кг и сега ќе изнесува 36,042 ден/кг.
Од 06.5.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 65,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 65,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,042 (денари/килограм)
Економија
„Скајп“ заминува во историјата

По една година одржување „на апарати“, „Скајп“ официјално ќе биде исклучен денеска.
„Мајкрософт“ веќе некое време најавува затворање на некогаш исклучително популарната апликација за видео повици „Скајп“. Од денеска, оваа апликација повеќе нема да биде достапна, а „Мајкрософт“ им советуваше на корисниците да мигрираат на новото решение на компанијата.
„Почнувајќи од мај, ‘Скајп’ повеќе нема да биде достапен. Продолжете ги вашите повици и разговори преку ‘Тимс’“, им соопшти „Скајп“ на корисниците претходно оваа година.
„Скајп“ беше првата платформа што им овозможи на корисниците пристап до бесплатни аудио и видео повици од компјутер до компјутер низ целиот свет од 2003 година и ги донесе фиксните и мобилните повици на интернет.
„Мајкрософт“ вели дека неговата цел е да ја поедностави понудата за корисниците и да се фокусира на сопствената моќна бизнис платформа, „Тимс“. Токму кон „Тимс“ ќе бидат пренасочени милионите преостанати корисници кои останаа лојални на „Скајп“, а тоа ќе се случи во наредните денови и недели.
Економија
Грција бара 80.000 работници

Грција можеби е меѓу најпопуларните европски дестинации, но има недостиг од работници. Според проценките и недостасуваат 80.000 работници.
На фасадата на меаната „Каријатис“, сместена на плоштадот под Акропол, има знак: „Бараме персонал, готвачи, келнери, кујнски работници“. Со оглед на рекордниот број туристи што се очекува да ја посетат Атина ова лето, сопствениците на ресторани не сакаат ништо да остават на случајноста.
„Станува сè потешко да се најдат вработени“, изјави за „Гардијан“ Димитрис Статокостопулос, кој го води ресторанот со својот брат: „Туризмот дефинитивно расте, но денес Грците претпочитаат да избираат канцелариски работи од 9 до 5 кои не бараат работа ноќе или викенди“.
Со оглед на тоа што туристичката сезона е пред вратата, потрагата по персонал доби неочекувана итност. Грција можеби е меѓу најпопуларните европски дестинации, но има недостиг од работници.
Недостатокот е толку голем што се проценува дека угостителскиот и хотелскиот сектор – ‘рбетот на туристичката индустрија што ја движи грчката економија со удел од 25% од БДП – сè уште има недостиг од околу 80.000 работници.
Статокостопулос не е единствениот претприемач кој се бори да најде персонал за својата популарна таверна во текот на веројатно најпрометниот период од годината. Низ целата земја, хотелиерите се натпреваруваат да најдат рецепционери, чистачи, спасители, портири, келнери и готвачи.
Од популарните острови како Крит и Родос, има извештаи дека хотелиерите крадат работници од своите конкуренти нудејќи подобри плати и услови за работа.
„Делумно ова е последица на пандемијата што ја почувствува цела Европа, но во Грција проблемот е особено изразен“, рече Јоргос Хоцоглу, претседател на Грчкото здружение на угостителски и туристички работници (ПОЕЕТ).
„Сведоци сме на невиден недостиг на квалификувани и искусни работници, особено во хотелската и угостителската индустрија, по егзодусот на вработените за време на карантинот. Многумина никогаш не се вратија. Резултатот е потреба од приближно 80.000 нови работници“, објаснува Хоцоглу.