Економија
Пораст за околу 6 проценти на просечната плата во март во однос на лани

Континуирано расте просечната месечно исплатена нето-плата по вработен, велат од Владата повикувајќи се на податоците на Државниот завод за статистика. Имено, според овие податоци, во март 2021 година просечната плата изнесувала 28.217,00 денари, што е околу 6 проценти повисока од истиот месец во 2020 година, или зголемувањето изнесува 1.795,00 денари за една година.
Според денешните податоци на ДЗС, ваквото зголемување се должи, пред сè, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Уметност, забава и рекреација (17.9 %), Дејности на здравствена и социјална заштита (12.3 %) и Информации и комуникации (12.1 %).
Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: Рударство и вадење на камен (14.9 %), Дејности на здравствена и социјална заштита (5.3%) и Градежништво (4.0 %).
„Oд почетокот на годината се забележуваат позитивни движења во економијата. Тоа најдобро може да се види преку приходната страна на буџетот. Владата континуирано креира поволен деловен амбиент за раст и развој на стопанството, како и на севкупната економија. Покрај растот на просечната плата, расте и извозот, индустриското производство, внатрешната трговија, дополнително расте и кредитирањето како на домаќинствата, така и на корпоративниот сектор“, велат од Владата.
Како што додаваат, ваквите позитивни движења во економијата, даваат сигнал на стабилизирање и раст, кој согласно владините проекции ќе изнесува 4,1 отсто за 2021 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Божиновска – Колумбија: Соработката со Обединетите нации е клучна за унапредување на националните политики

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работен состанок со Рита Колумбија, Постојана координаторка на Обединетите нации во Македонија.
На средбата беше разговарано за можностите за продлабочување на соработката во областа на обновливи извори на енергија, енергетската ефикасност, поддршка на ранливите категории и развој на иницијативи за климатски промени и животна средина.
Една од клучните теми беше поддршката од Обединетите нации за организацијата на 14-тиот Интернационален форум за енергија за одржлив развој (14-ИФЕСД), којшто во организација на Министерството за енергетика ќе се одржи од 28-30 октомври 2025 година во Скопје, Република Северна Македонија. Рита Колумбија ја потврди подготвеноста Обединетите нации да помогнат за учество на релевантни говорници на високо ниво, што ќе ја зголеми значајноста и ефектот од форумот.
„Соработката со Обединетите нации е клучна за унапредување на националните политики и за обезбедување конкретна корист за граѓаните. Со поддршката на ОН за нашиот форум ќе можеме да обезбедиме експерти и релевантни говорници кои ќе ја кренат дискусијата на високо ниво.“ истакна министерката Сања Божиновска.
На средбата беше дискутирано и за можностите за продлабочување на соработката околу Зелениот финансиски инструмент, воведување на државни обврзници врзани со одржливост и поддршка на енергетските заедници, со цел обезбедување на поинклузивни и одржливи решенија за граѓаните.
Економија
Почна со работа новата хала на „Амфенол“ во Кочани

Започна со работа новата хала на „Амфенол“ во Кочани. Премиерот, Христијан Мицкоски, кажа дека станува збор за инвестиција којашто е трудо-интензивна близу 3.200 вработени, со план за нови 500 вработувања, во две фази.
„Од тоа што разговаравме со директорот, во новите две хали, зборувам за оваа којашто сега ја гледате позади нас, којашто е во фаза на изработка и таа што догодина ќе започне, ќе имаме исклучително висока технологија, којашто одговара на најсовремените технолошки процеси. Така што, јас сум навистина задоволен што можам да кажам дека како Влада поддржуваме директни инвестиции, домашни, странски инвестиции, не само преземајќи го институционалниот ризик, туку и финансиски. Преку програмата ќе ги поддржиме овие нови инвестиции на компанијата, „Амфенол“ тука во Кочани, како што кажа и директорот во иднина планираме и во одредени други градови да се прошири инвестицијата на „Амфенол“. Така што за нас компанијата претставува стратешки партнер“, рече Мицкоски.
Економија
Нови цени на горивата

Од ноќеска на полноќ, бензините поевтинуваат за половина денар, а дизелот за еден денар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се намалуваат за 0,50 ден/лит, и со тоа малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 изнесува 74,00 ден/лит, додека малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-98 изнесува 76,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ 1), се намалуваат за 1,00 ден лит и со тоа малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) изнесува 67,50 ден/лит, додека малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) изнесува 67,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС, се намалува за 1,143 ден/кг, и со тоа малопродажната цена на Мазутот М-1 НС изнесува 38,643 ден/кг.