Економија
Промовирана Национална платформа за женско претприемништво за економско јакнење на жените
За креирање вистински политики кои ќе придонесат за унапредување на женското претприемништво во земјата потребно е да се обединат сите главни чинители, што ќе се постигне преку креирање на Националната платформа за женско претприемништво, чија промоција се случи денеска, на конференција на која учествуваа министри, високи претставници на Делегацијата на ЕУ, дипломати и претставници на деловната заедница.
Платформата е во рамките на истоимениот проект, кофинасиран од Европската Унија, како дел од ИПА Програмата за Граѓанско општество и медиуми. Носители на платформата се: Здружението на бизнис-жени, Сојуз на стопански комори на Македонија, Националната федерација на фармери и Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување-МИР.
„Преку Национална платформа за женско претприемништво сакаме да ги споиме сите активни чинители на ова поле и да создадеме поголема критична маса која ќе ја покаже потребата од посериозен пристап, во создавањето можности за раст и развој на женското претприемништво во нашата држава. Главна цел на проектот е зајакнување на капацитетите на граѓанските организации, за креирање јавни политики и застапување во областа на женското претприемништво. Со инвестирањето во жените ќе се зголеми родовата еднаквост во општеството и ќе се промовира инклузивен и одржлив развој“, рече Валентина Дисоска, претседател на Националната платформа за женско претприемништво и на Здружението на бизнис-жени.
Националната платформа за женско претприемништво треба да се изгради како главен социјален партнер за креирање политики и реформски процеси, и да овозможи промовирање на жените претприемачки како двигатели на промените.
„Загрижувачки е фактот што додека се поголем број држави во Европа, воведуваат законски загарантирано учество на жени на високи и одлучувачки функции, кај нас се бележи голем негативен тренд на ова поле. Податоците покажуваат дека застапеноста на жените на високи корпоративни позиции, се намали од 2% на 1%. За да се надмине оваа состојба и да се постигне економско јакнење на жените, потребни се нови политики, кои ќе ги гарантираат заслужените позиции на жените, вреднувањето на нивните квалитети, квалификации, способност и спречување на дискриминација при професионалното напредување“, рече Данела Арсовска, претседател на Сојузот на стопански комори.
Развивањето на женското претприемништво ќе резултира со силна економија, намалена невработеност, поголемо учество на пазарот на труд, зајакнати семејни односи на сите жени, вклучувајќи ги и младите и жените од руралните подрачја.
„За многу рурални жени, развивањето на женското претприемништво значи ставање крај на сиромаштијата, постигнување безбедност со храна, промовирање на одржливо земјоделство и постигнување родова еднаквост во руралните средини. Затоа е многу важно вклучување на жените во одлучувачките процеси на земјоделското стопанство и создавање можности да развиваат деловни активности. Жените од руралните средини се вклучени во неформални активности и имаат многу малку можности за вработување, а сè уште само 5% од нив имаат права за сопственост “, рече Васка Мојсовска, претседателка на Националната федерација на фармери, истакнувајќи дека Националната платформа за женско претприемништво е голем чекор кон економско јакнење на жените.
Проектот Национална платформа за женско претприемништво треба да придонесе за видливоста и опфатот на платформата.
„Со креирањето и имплементацијата на Националната платформа за женско претприемништво сакаме нашето и искуството на сите наши соработници да го примениме во процесот на развој и креирање политики и реформи, да извршиме олеснување на структурниот дијалог, вмрежување и консултации меѓу засегнатите страни, да ги подобриме капацитетите на граѓанските организации кои поддржуваат женско претприемништво, како и да ја зголемиме видливоста за жените претприемачи како двигатели на промени во економската политика, рече Емилија Андонова, проект-менаџер, Фондација за менаџмент и индустриско истражување -МИР.
На денешниот промотивен настан беше потпишана Декларација за поддршка на женското претприемништво. „Националната платформа за женско претприемништво“ е проект што ќе трае три години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Битиќи: Осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните да им се компензираат средствата
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Битиќи, на својата официјална Фејсбук страница имаше реакција на едностраната одлука на осигурителните компании за менување на тарифата и зголемувањето на цените на задолжителната осигурителна полиса за регистрација на возила.
„Згрозен сум од зголемувањето на сумата за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компании. Ова може да се толкува и како директен атак, или политичко мешање на компаниите за осигурување, бидејќи тарифникот со тие зголемувања два пати е доставен до Владата и два пати не е одобрен на Владина седница.
Ова е манипулативен начин со кој надвор од предвидената процедура осигурителните компании изнаоѓаат начин да ја зголемат цената на авто осигурувањето на грбот на граѓаните.
Ова е пример за длабоката држава која мора да се искорени.
Го повикувам ресорното министерство за финансии и комисијата за заштита на конкуренција да постапат и да покренат постапка за олигополско здружување и осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните кои веќе платиле повисоки цени очекувам да им се компензираат средствата“, реагира вицепремиерот.
Економија
ЕУ одвои 13,79 милиони евра за прекуграничен одржлив развој во Македонија и Албанија
Македонија и Албанија заедно ја започнаа Програмата за прекугранична соработка ИПА 3 во Корча.
Финансирана од ЕУ со буџет од 13,79 милиони евра, оваа Програма ја потенцира ангажираноста на двете земји да се усогласат со стандардите на ЕУ за одржлив развој и регионална интеграција до 2027 година.
Дополнително на промоцијата, беше најавен и предстојниот повик за предлози во рамките на програмата ИПА 3, поканувајќи заинтересирани страни да учествуваат во оваа Програма.
„Оваа иницијатива не само што се фокусира на клучни области како што се еколошката одржливост и социо-економскиот развој, туку исто така претставува клучен чекор кон нашата конечна цел за интеграција во ЕУ. Токму денеска најавуваме дека новиот повик за предлози ќе биде отворен многу наскоро, обезбедувајќи можности за конкретни и клучни проекти“, изјави Алтин Зечо, директор за конвергенција и кохезија со ЕУ, Државна агенција за стратешко планирање и координација на помош (САСПАК).
Зечо дополнително истакна дека членство во ЕУ бара зголемена соработка помеѓу нашите две земји, каде координирањето на заеднички политики и меѓусебната поддршка за постигнување на нашите цели и приоритети кон интеграција во ЕУ останува важен процес.
Вулнет Арифи, шеф на одделот за ЕУ и координатор за СБС, при Министерство за локална самоуправа на Република Северна Македонија, ја истакна улогата на Програмата во забрзувањето на аспирациите за членство во ЕУ.
„Со изградба на основите поставени од ИПА 2, оваа Програма не само што ја проширува соработката меѓу земјите, туку и повеќе ги усогласува нашите регионални политики со стандардите на ЕУ, отворајќи го патот за нашето очекувано пристапување. Претстојниот повик за предлози дополнително ќе ги активира нашите заедници да се ангажираат длабоко со нашиот процес на интеграција во ЕУ“, изјави Арифи.
Брисеида Ѓоза од Антена канцеларијата Северна Македонија – Албанија го истакна целосниот пристап на програмата: „ИПА 3 е детално креирана за да ги зголеми нашите регионални капацитети за исполнување на критериумите на ЕУ, фокусирајќи се на климатска отпорност, одржлив туризам и зачувување на културното наследство. Ги охрабруваме заинтересираните страни да се подготват за претстојниот повик, кој ветува дека ќе ги зајакне нашите заеднички напори.“
Ова стратешко вложување од ЕУ преку Програмата ИПА 3 е доказ за постојаните напори на Северна Македонија и Албанија за влез во ЕУ, испраќајќи директна порака за нивното патување кон европската интеграција.
Економија
Потпишан договор за реализација на новата инвестиција на турската компанија Шахтерм во ТИРЗ
Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски и генералниот менаџер на компанијата „Шахтерм“, Фарук Шахин, потпишаа договор за реализација на новата турска инвестиција во Македонија. Со договорот кој го потпишаа во Бурса, се предвидува закуп на земјиште во ТИРЗ Скопје 2 со површина од над 20.000 м2 и изградба на објект со површина од над 13.000 м2. Ова е прва од двете фази на реализација на инвестицијата.
Потпишувањето на договорот следи само 4 месеци по најавата за новата турска инвестиција во земјава. Турската компанија ја зголеми и првично планираната инвестиција од 70 милиони евра на 100 милиони евра. Според деловниот план компанијата во наредните 10 години предвидува отворање на 1000 нови работни места. Новата инвестиција ќе опфати и центар за истражување и развој, а ќе преставува прв производствен капацитет на „Шахтерм“ надвор од Република Турција.
Потпишувањето на договорот е во рамки на посетата на Турција на делегација на ТИРЗ предводена од Деспотовски во рамки на која е предвидена и презентација на инвестициските можности пред турски компании. На потпишувањето присуствуваше и македонскиот амбасадор во Турција, Јован Манасиевски и Џунејт Шенер, потпретседател на бордот на директори на Стопанската комора на Бурса.
Инаку компанијата “Шахтерм“ има повеќе од 40 години искуство во дизајн и производство на системи за греење за бела техника и апарати за домаќинство. Во моментот, „Шахтерм“ е дел од водечките пет компании во оваа дејност на глобално ниво, со повеќе од половина од годишното производство наменето за пазарите надвор од Турција.
Листата на клиенти е составена од познати светски производители на бела техника и апарати за домаќинство како „Вирпул“, „Амика“, „Горење“, „Беко“ и „Кенди“.