Економија
Деспотовски: Инвестираме 15 милиони евра во инфраструктура, ќе помогнеме и во локален економски развој
Во рамки на новиот концепт, ТИРЗ ги проширува можностите за инвестирање и на локално ниво, како и отворање заеднички зони со општините со државна поддршка. Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски, со градоначалниците на Валандово и Гевгелија, Перо Костадинов и Сашо Поцков, ја започна серијата разговори со повеќе општини, чија цел е развој на модел за привлекување домашни и странски инвестиции на локално ниво.
„Со општините разговараме како да ги вклучиме и нив и заедно да ги подобриме условите за инвеститорите на локално ниво. Сакаме искуството коешто го имаме со странските инвеститори во ТИР-зоните да го развиеме на локално ниво за домашни компании. Во партнерство со општините да вложуваме во подобрена инфраструктура со која ќе привлечеме квалитетни инвеститори кои ќе донесат добро платени работни места, особено за младите во Југоисточниот и Вардарскиот Регион“, порача Деспотовски.
Валандово веќе има две индустриски зони, а Деспотовски и Костадинов разговараа и за отворање на трета индустриска зона со државна поддршка. Двајцата беа во посета на индустриската зона „Јосифово“ и компанијата „ВИК – МАР”, која се занимава со откуп и транспорт, како и млекарницата „Вардарец”.
„Сакаме директно да ги слушнеме потребите на домашните бизнисмени со цел да креираме подобри услови за нив и да ги поттикнеме да инвестираат овде, дома. Ова е практичен чекор на изедначување на домашните и странските компании што е дел од новиот концепт на ТИРЗ. И нашите домашни компании ќе ги уживаат истите услуги, поддршка и привилегии, како и странските“, нагласи Деспотовски.
Директорот на ТИРЗ најави дека во повеќе зони веќе се спроведува инвестициски циклус од 15 милиони евра во основна инфраструктура, како и дека се изготвува студија за оправданост за ТИРЗ Гевгелија со која треба оваа за сега неактивна зона да се стави во функција. Градоначалникот на Гевгелија, Поцков, изјави дека општината веќе вложува во инфраструктура до зоната со што ќе се забрза реализацијата на плановите за активирање на оваа зона.
Консултациите со други општини ќе продолжат и во наредните денови. Овој процес треба да резултира и со измени во законската регулатива со што значително ќе се олесни инвестирањето на државата во инфраструктурата на индустриските зони на локално ниво.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.