Македонија
Пендаровски на средба со министрите за надворешни работи на Австрија, Словенија и Чешка

Претседателот Стево Пендаровски ги прими министрите за надворешни работи на Република Австрија Александер Шаленберг, на Република Словенија Анже Логар и на Чешката Република Јакуб Кулханек.
На средбата се разговараше за евроинтеграцијата на Северна Македонија и регионалните предизвици на земјите од Западен Балкан.
Соговорниците разменија мислења и информации за актуелните случувања поврзани со почетокот на пристапните преговори на нашата држава за членство во Европската Унија. Тие упатија порака дека час поскоро е неопходно одржување на првата меѓувладина конференција меѓу Европската Унија и Северна Македонија, а секое натамошно одложување ќе го наруши кредибилитетот на процесот на проширување на Европската Унија.
Пендаровски истакна дека високо ја цениме австриската, словенечката и чешката постојана и гласна поддршка за нашата интеграција во Европската Унија во рамки на европските институции.
Во тој контекст, претседателот го нагласи значењето на неодамна одржаниот состанок во рамки на Процесот Брдо-Бриони на кој беше усвоена заедничка декларација и се испрати силна порака за важноста на процесот на проширување што мора да биде побрз и да не се фокусира само на одделни земји, туку на целиот регион на Западен Балкан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сончево и топло со слаб до умерен северен ветер

Утрово имаме значително свежо време речиси насекаде, а времето е ведро и сончево насекаде. Најниска температури од само 6 степени е измерена во Лазарополе. Во Скопје денес ќе биде сончево и топло со слаб до умерен северен ветер.
И утре времето ќе биде претежно сончево и топло. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Дневните температури ќе достигнат до 34 Целзиусови степени.
Македонија
Родители и блиски на жртвите во Кочани бараат Обвинителството да објасни кој е обвинет, а кој ослободен

Родителите, роднините, пријателите на загинатите деца, како и нивните поддржувачи, излегоа на уште еден марш во Кочани, барајќи правда за 62-та жртви кои загинаа во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“. Тие упатија јавен апел до Јавното обвинителство – конечно и директно да ги информира за тоа кои лица се обвинети, а за кои е запрена постапката.
„Ние не сме правници, соопштението ни е дадено по членови и закони… и реално ништо не сфативме. Претпоставувам и другите родители, освен градоначалниците и обезбедувачите, не сфатиле“, рече Марија Петрушева, мајката на загинатиот Андреј Панов.
Таа истакна дека во понеделник официјално ќе испратат барање до Обвинителството, со кое ќе побараат лична средба со надлежните обвинители.
„Чувствуваме морална и човечка должност да се обратиме. Сметаме дека е од суштинско значење Обвинителството конечно и целосно да нѐ запознае со исходот од истражната постапка и со содржината на поднесениот обвинителен акт, кои лица се опфатени, а кои се изземени од одговорност, за да ги отстраниме сите дилеми кои се јавуваат кај нас. Неприфатливо е за нас да добиеме информации преку медиуми. Очекуваме транспарентност и директна комуникација“, порача Петрушева.
Таа изрази загриженост што, и покрај укажувањата, одредени лица сè уште не биле повикани ни на распит.
„Нашата болка е тешка, но борбата е праведна. Бараме одговорност и вистина“, додаде таа.
Со остар тон се обрати и Васка Стојанова, мајката на загинатиот Томче, која директно го обвини газдата на „Пулс“, познат како Деко, дека во моментот на пожарот се скрил, оставајќи ги младите да се борат за живот.
„Јас не знам зошто партиите преку медиумите кажуваат кој што и колку дал. Господ рекол кога левата рака дава, десната не треба да знае. И обратно. На нашите деца никој и ништо не им помогна, само помогнаа со тоа што им ја затворија вратата и што многу повеќе уништија. Да била вратата отворена, немало толку да бидат уништени и ќе се спасија. А не како оној монструмот Деко што се криел долу во скривницата, за да се спаси, а нашите деца ги оставил на милост и немилост“, изјави Стојанова со солзи во очите.
Присутните граѓани порачаа дека нема да престанат со протестите додека не добијат јасни и транспарентни одговори од институциите. Бараат правда, но и човечка емпатија – не правни термини и соопштенија кои, како што велат, никој од нив не ги разбира.
Македонија
Шведски експерти и преживеани од трагедија ќе понудат поддршка во Кочани

Од 16 до 18 јуни, во Кочани ќе престојува седумчлена делегација од Гетеборг, Шведска, составена од социјални работници, пожарникари и лица кои преживеале трагедија слична на онаа што неодамна го потресе овој град. Посетата е во организација на групата „Support Kocani“, која информира дека целта на настанот е споделување на искуства, поддршка и заедничко градење на сила и надеж.
Шведската делегација доаѓа како симбол на солидарност, откако пред 27 години, во нивниот роден град Гетеборг, избувна пожар во дискотека при што загинаа 63 лица – трагедија што длабоко го промени шведското општество.
„Ова не е само делегација, туку група луѓе кои лично ја почувствувале болката што ја носи ваква трагедија. Тие ќе споделат како низ годините се соочувале со последиците, како изградиле психолошка издржливост и како повторно нашле надеж“, велат од „Support Kocani“.
Тие додадоа дека посетата има силна симболика и за Кочани – како потсетник дека заедницата не е сама и дека солидарноста не познава граници.
„Ги пречекуваме со отворени срца. Тие се сведоци на болка, но и симболи на сила. Заедно ќе споделиме искуства, ќе создадеме мостови на поддршка и ќе покажеме дека од болката може да се роди нова енергија за живот“, велат „Support Kocani“.