Свет
Експерти: „Троен мутант“ на коронавирусот пристигна во Европа, здравствените власти загрижени
Британските здравствени власти ја предупредија јавноста за ширење на нов вид коронавирус, со „чудна комбинација на гени“ во Јоркшир.
Овој вид означен како „троен мутант“ предизвика загриженост кај јавноста.
Индискиот вид на коронавирус, кој создаде хаос во Индија, веќе е присутен во Велика Британија и предизвикува постојано зголемување на бројот на новозаразени случаи во Лондон, и во неколку други места во земјата. Појавата на овој нов, потенцијално поопасен вид на коронавирус може да го загрози најавеното отворање на земјата, пишуваат британските агенции.
Токму од тие причини, Германија најави дека ќе воведе карантин за сите патници од Велика Британија, од страв од ширење новите соеви на германско тло.
Велика Британија е една од ретките земји во светот каде што масовната вакцинација се спроведува успешно и која успеа драстично да го намали бројот на случаи со коронавирус и да го достигне самиот праг на излегување од пандемијата.
Сепак, иако британскиот премиер Борис Џонсон вети дека земјата ќе биде целосно отворена во јуни, новите откритија на медицинските експерти фрлија сенка врз оваа оптимистичка прогноза.
Имено, Министерството за здравство објави дека откриле ширење на нова, далеку позаразна варијанта на коронавирусот, колоквијално наречена „троен мутант“, во Јокшир и Хамбер. Од овој вид, кој го доби името „Јокшир“, и во стручната јавност е познат како АВ.1, 49 лица се разболеа во овие две британски провинции.
Според експертите, овој нов вид содржи три мутации – две пронајдени во сојот од Јужна Африка и претходно познат британски вид и еден, целосно нов, наречен „N439K“, што би можел да го заобиколи човечкиот имун систем.
Затоа, Министерството за здравство го вклучи овој сој меѓу оние на кои се посветува посебно внимание.
Сепак, бидејќи овој вид на коронавирус е нов, односно беше откриен дури на крајот на април, научниците не се сигурни колку е повирулентен во споредба со претходно познатите соеви, кои се во оптек веќе подолго време.
Д-р Кевин Смит, од Министерството за здравство, ја смирува јавноста тврдејќи дека оваа нова варијанта не е „особено заразна“. „Луѓето заразени со овој вид на Ковид-19 не се посериозно болни од другите лица заразени со коронавирусот. Ние не сме премногу загрижени“, рече тој.
Сепак, поучени од искуствата од Индија, која се бори со сопствената верзија на „тројниот мутант“, Британците со право се плашат од тоа што може да се случи ако овој вид се покаже како вирулентен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Заврши првиот ден од преговорите меѓу Украина, Русија и САД во Абу Даби
Украинскиот преговарачки тим го заврши првиот ден од трилатералните разговори со Русија и САД во Абу Даби, насочени кон решавање на руско-украинската војна, објави Дијана Давитјан, портпаролка на секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана Рустем Умеров, пренесува „Украинска правда“.
„Преговорите се завршени за денес“, рече Давитјан, додавајќи дека е закажано да продолжат утре.
Украинската делегација во Абу Даби ги вклучува Рустем Умеров; Кирил Буданов, шеф на претседателската администрација, и неговиот прв заменик Серхиј Кислица; Давид Арахамија, претседател на парламентарната група на партијата Слуга на народот; Андриј Хнатов, началник на Генералштабот на вооружените сили на Украина; и советник на кабинетот на претседателот Олександр Бевз.
Умјеров објави дека украинскиот тим планира и билатерален состанок со американската делегација, претставена од зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, и специјалниот пратеник Стив Виткоф. На состанокот ќе се разговара за документ за безбедносни гаранции и „план за просперитет“.
Трилатералните разговори во Обединетите Арапски Емирати се одржуваат по големиот руски напад врз Украина. По последните напади, претседателот Володимир Зеленски објави дека работата на украинската делегација во мировните преговори ќе биде прилагодена.
фото/епа
Свет
ЕУ одобри заем од 90 милијарди евра за Украина за одбрана и буџет
Земјите од ЕУ постигнаа договор за заем од 90 милијарди евра за покривање на финансиските и воените потреби на Украина за 2026 и 2027 година. Брисел има намера да ја изврши првата рата на почетокот на април за да обезбеди континуитет на странската помош за Киев, објави Euronews.
Амбасадорите на земјите-членки се согласија за правните текстови денеска попладне, откако Кипар, кој претседава со Советот, презентираше нова верзија на предлогот.
„Денешната спогодба покажува дека ЕУ продолжува решително да дејствува во поддршка на Украина и нејзиниот народ. Новото финансирање на помошта ќе обезбеди силна отпорност на земјата во услови на руска агресија“, рече кипарскиот министер за финансии Макис Керавнос.
Во исто време, додаде тој, испраќаме силна порака дека суверенитетот и територијалниот интегритет на државите мора целосно да се почитуваат, во согласност со меѓународното право.
Заемот од 90 милијарди евра, кој беше политички договорен на самитот во Брисел, ќе биде финансиран со издавање заеднички долг, а буџетот на ЕУ ќе дејствува како гаранција за инвеститорите. Според договорот, Унгарија, Словачка и Чешка ќе бидат целосно ослободени од сите финансиски обврски, вклучително и годишните плаќања на камати.
Европската комисија проценува дека преостанатите 24 земји-членки ќе мора да платат помеѓу 2 и 3 милијарди евра секоја година за покривање на поврзаните трошоци.
90-те милијарди евра ќе бидат поделени на два главни дела: 30 милијарди евра за буџетска поддршка и 60 милијарди евра за воена помош за купување оружје и муниција. Овој сооднос би можел да се промени ако заврши војната.
Парите ќе бидат исплатени постепено и ќе бидат предмет на строги услови. На пример, сите неуспеси во борбата против корупцијата во Украина би можеле да предизвикаат суспензија на помошта.
Од Украина ќе биде побарано да ги врати 90-те милијарди евра само под услов Русија да ја заврши војната и да се согласи да му ја надомести штетата на Киев. Со оглед на тоа што Москва експлицитно ја исклучи можноста за плаќање репарации, се очекува Брисел да ја одложи отплатата на долгот на неодредено време.
фото/Depositphotos
Свет
Руски напад врз пазар во Украина за време на утринската гужва, најмалку 7 убиени
Во руски напад врз градот Дружкивка во Донецката област што се случи утринава загинаа најмалку седум лица, а осум беа повредени, според првичните информации. Руските сили го нападнаа градот со касетна муниција и воздушни бомби, а пазарот беше директно погоден за време на утринската гужва, пишува „Украинска правда“.
Вадим Филашкин, началник на воената администрација на Донецката област, објави на социјалните мрежи дека руските сили го бомбардираа градот со касетна муниција. Градскиот пазар, каде што имаше голем број луѓе во утринските часови, беше директно погоден.
Филашкин истакна дека конечниот број на жртви во нападот сè уште не е потврден и најави дека ќе даде дополнителни информации за развојот на настаните. Според него, сите надлежни служби се на терен, им помагаат на повредените и работат на отстранување на последиците од нападот.
Градоначалникот додаде дека Русите фрлиле и две воздушни бомби врз Дружкивка. Нападите оштетиле индустриска зона, како и три станбени згради и три семејни куќи. Филашкин повторно го повика локалното население да се евакуира во побезбедни региони.

