Економија
Шахпаска – Демири: Граѓаните добиваат шанса за вклучување во програмите од Оперативниот план 2021

Најатрактивните програми и мерки од Оперативниот план 2021, за кои изминатиов период имаше најголем интерес, од денес повторно им се достапни на граѓаните, информираа министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, и директорот на Агенцијата за вработување, Абдуш Демири.
Тие потенцираа дека на ваков начин граѓаните и работодавците добиваат уште една дополнителна шанса да аплицираат за програмата „Самовработување“, мерката субвенционирање плати, мерката практиканство, мерката обука на работното место за познат работодавец и програмата „Јавни работи“.
„Мерките од Оперативниот план, кои се реализираат преку Министерството за труд и социјална политика и преку Агенцијата за вработување, обезбедуваат поддршка за креирање нови работни места и зголемување на вработливоста на невработените лица, особено на младите, долгорочно невработените и корисниците на гарантирана минимална помош, како и поддршка на невработените лица, на кои престанокот на работниот однос им е регистриран во периодот на кризата предизвикана поради пандемијата на Ковид-19“, истакна министерката Шахпаска.
Таа посочи дека првпат во Оперативниот план се вградени три принципи. Справување со негативните ефекти и последици врз пазарот на труд и вработеноста, предизвикани од пандемијата на Ковид-19, со кој приоритет им се дава на лицата што ја изгубиле работата поради пандемијата, принципите на диверзитет и инклузивност и принципот на рамномерен регионален развој.
Во согласност со принципот на диверзитет и инклузивност, распределбата на средствата и на мерките ќе се одвива и според принципите на правична и адекватна застапеност на етничка, полова, религиозна, расна или која било друга ранлива категорија граѓани во согласност со стандардите и практиките на Обединетите нации и Меѓународната организација на трудот.
Министерката информира дека првпат во нашата држава 25 милиони евра се вложуваат во рамномерниот регионален развој во согласност со податоците од Бирото за регионален развој и степенот на развиеноста на планските региони во државата.
Директорот на Агенцијата за вработување, Абдуш Демири, информира дека оние лица што веќе аплицирале за овие мерки и програми не треба да аплицираат повторно бидејќи нивните апликации се земени предвид.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
СДСМ: Инфлација од 4,4 проценти беснее и во август, власта не носи ниту една мерка

Растот на трошоците за живот не запира, статистиката повторно регистрира зголемување на инфлацијата и цените на мало, реагираат од СДСМ.
Како што истакнуваат, според најновите податоци на Државниот завод за статистика, инфлацијата на годишно ниво, односно август 2025 година споредено со август 2024 година, бележи зголемување од 4,4%. Најголемо зголемување има на трошоците за храна и безалкохолни пијалаци од 6,2 %.
„Во истиот период, цените на мало поскапеле за 4,1%. Дури за 6,7% се зголемени цените на мало за прехранбени производи.
Ова е реалноста која ја живеат македонските граѓани – животот станува сѐ поскап, инфлацијата ја јаде куповната моќ.
Ова е резултатот од погрешните и аматерски економски политики на владата предводена од Христијан Мицкоски.
Колку и да сака премиерот Мицкоски да прикаже дека во државата добро се живее, статистиката не лаже, граѓаните ја чувствуваат сиромаштијата на свој грб.
Оваа влада покажа дека ниту има стратегија, ниту капацитет да ја заузда растечката инфлација. Жално е што владата на ВМРО-ДПМНЕ покажа дека нема желба да им помогне на граѓаните и да преземе конкретни мерки за заштита на животниот стандард“.
Според опозициската партија, додека граѓаните прават математики како да го протуркаат месецот, власта се расфрла со народни пари за свои луксузи и партиски интереси.
„Нема пари за повисоки плати, но има пари за милионски тендер за скапа опрема за промоција и организирање на настани.
СДСМ постојано предупредува на растечкиот тренд на инфлацијата и понуди конкретни решенија за раст на платите и намалување на цените, кои владејачкото мнозинство не ги прифати. Сега повторно бараме владата да преземе итни мерки за заштита на животниот стандард, граѓаните не смеат да бидат жртва на погубните политики на оваа власт“.
Економија
Поскапуваат бензините и дизелот

Од ноќеска на полноќ цените на бензините и на дизелот ќе се зголемат за еден денар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 10.9.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 76,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 78,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 37,148 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 1,245 ден/кг и сега изнесува 37,148 ден/кг.
Економија
Славески на средба со извршниот директор на АФИ: Поттикнување на финансиската вклученост како предуслов за економскиот развој

За време на Глобалниот форум на Алијансата за финансиска вклученост (АФИ), кој се одржува во Намибија, гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, оствари средба со извршниот директор на АФИ, Алфред Ханиг. На средбата се разговараше за напорите на Народната банка за подобрување на пристапот до финансиски услуги, зголемување на финансиската писменост и промовирање на дигиталните финансиски канали.
„Финансиската вклученост е клучен предуслов за повисока економска активност и доход. Народната банка континуирано работи на олеснување на пристапот до финансии, заштитата на потрошувачите и промовирaњето на дигиталните и зелените финансии,“ истакна гувернерот Славески.
Според последните податоци од Светската банка, 84% од населението над 15 години во земјава поседува сметка, што претставува највисоко ниво во регионот на Западен Балкан. Користењето дебитни и кредитни картички расте, при што 76% од граѓаните ги користат за плаќања, а 62% од сопствениците на сметка вршат онлајн плаќања.
На средбата беше истакнато дека натамошното унапредување на финансиската вклученост, особено кај младите, жените и ранливите групи, е од стратегиско значење за економскиот развој и стабилноста на земјата.
Гувернерот Славески и извршниот директор на АФИ, Ханиг се согласија дека размената на искуствата и соработката меѓу централните банки и меѓународните институции ќе придонесе за натамошно зајакнување на финансиската вклученост и зголемување на довербата на населението во финансискиот систем.
АФИ е глобална мрежа за финансиска вклученост, која опфаќа централни банки и финансиски регулатори од 84 земји во светот, овозможувајќи размена на знаење и искуства, како и развој на ефективни политики за финансиска вклученост.