Македонија
(Видео) Костадиновска-Стојчевска: Протестите на ВМРО-ДПМНЕ нема да ги закочат реформите во образованието

Осврнувајќи се на новиот предлог-закон за учебници, пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, истакна дека предложениот закон е целосно во согласност со европските практики, но и со времето и ерата на ИТ-технологијата во која младите живеат.
Таа смета дека со законот ќе се воведе етапна дигитализација на наставниот процес, ќе се обезбеди поголема интерактивност, намалување на учењето во домашни услови, а како што рече, ќе се воведе и инклузивност имајќи предвид дека учебниците ќе бидат достапни и во аудиоформат, но и на Брајово писмо за учениците со оштетен вид.
Според Костадиновска-Стојчевска, реформата на образовниот процес е одговор на долгогодишните барања на наставниците и на многу генерации ученици за подобро и поквалитетно образование, за подобра иднина.
„Кога се воведува нов, модерен и европски концепт на настава, во интерес на учениците, наставниците, во интерес на иднината на државата, ВМРО-ДПМНЕ блокира, протестира, се затскрива зад наводни граѓански иницијативи со цел реформите во образованието да не бидат донесени. ВМРО-ДПМНЕ не се откажува од обидите за блокада на реформите во образованието и дигитализацијата на наставниот процес“, вели таа.
За пратеничката од СДСМ, денешните партиски протести на ВМРО-ДПМНЕ се уште еден, како што рече, во низата обиди да им се наштети на наставниците и учениците, да му се наштети на образовниот процес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Штедачите на „Еуростандард банка“: Пет години нема ниту едно обвинение, ниту еден обвинет, ниту едно рочиште

Пет години по затворањето на „Еуростандард банка“, оштетените штедачи повторно јавно реагираат дека истрагата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал стагнира – без обвиненија, без обвинети и без рочишта. „Само молк, само време што истекува, само надеж што бледнее,“ велат од Здружението.
„Не го забораваме јавното признание на Трифун Костовски за сторен криминал – незаконското префрлање на 3 милиони евра депозити во Комерцијална банка. Не ги забораваме фирмите поврзани со директори, роднини и бизнис-кругови, кои добиле кредити без реални гаранции. Не ги забораваме погледите на нашите најмили кога сфатија дека нивната макотрпна заштеда исчезнала преку ноќ поради недомаќинско работење на поедини криминогени умови. Не забораваме дека според извештајот за стечајот, 149 фирми не вратиле ниту една рата, а 58 од нив добиле кредити вредни 16,8 милиони евра, обезбедени само со обични меници“, велат штедачите.
Истакнуваат дека голем дел од оштетените се пензионери, работници и мали бизниси. Тие обвинуваат за „внимателно испланиран криминал“ во кој се вклучени лица од бизнис и семејни кругови на поранешни директори.
„Ќе постоиме додека последниот денар не биде вратен и додека последниот одговорен не биде изведен пред лицето на правдата. Во целиот овој план единственото нешто што не го планирале е дека ние – оштетените – ќе се обединиме и нема да замолчиме,“ порачаа од Здружението, прашувајќи дали побрзо ќе се изгради пругата Скопје–Солун отколку што ќе се поднесе обвинение за криминал тежок над 50 милиони евра.
Македонија
Без струја две улици во Илинден и Волково

ЕВН Македонија АД известуваат дека на денес без електрична енергија ќе останат:
· од 08.30 до 12.30 часот, корисниците на улица бр. 27 во нас. Илинден. (Општина Илинден)
· од 09.00 до 11.00 часот, корисниците на улица бр. 33 во нас. Волково. (Општина Ѓорче Петров)
Македонија
Сончево и многу топло, максималната температура до 40 степени

Времето денеска ќе биде сончево и многу топло. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 21, а максималната ќе достигне од 32 до 40 степени.
Во Скопје сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 39 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на многу топла воздушна маса во текот на оваа седмица ќе се задржи сончево и топло време со умерена облачност во текот на денот. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоистоичен правец.