Македонија
Собранието и Владата разменија искуства како поефикасно да ги поддржат граѓаните при нова криза
Пратеници од различни релевантни комисии, како и собраниска и владина служба, деновиве учествуваат на виртуелна симулација со експерти од Швајцарија и САД, со цел да стекнат знаење што ќе им помогне поефикасно да ги поддржат граѓаните при следната криза. Онлајн настанот насловен „Подготовки за следната криза: Развивање на поефикасен систем за управување со кризи“ е организиран од Националниот демократски институт и е дел од швајцарската „Програма за парламентарна поддршка“. Меѓу учесниците, беа претставници на владини министерства и институции, канцеларијата на претседателот на Републиката, граѓански организации и донаторската заедница во земјата.
„Преку дводневната анализа на постојната состојба и досега уредениот начин на справување со криза, улогата и одговорноста на секоја институција во иднина, а особено надзорната улога на Собранието, како и идентификување на точките за подобрување, верувам дека ќе дојдеме до вредни и сеопфатни одговори со цел подобро справување со евентуални кризи што би можеле да ни се случат во иднина“, истакна претседателот на Собранието, Талат Џафери.
„За сите држави во светот, корона-пандемијата е ситуација без преседан и затоа е неопходно од оваа криза да излеземе со сознанија и искуства што ќе ни помогнат во идните. Од секоја криза, како што е редот, и од оваа треба да извлечеме поуки и да ги преточиме искуствата и знаењата во секогаш подготвен и одржлив систем за управување со кризи и да воспоставиме формални механизми за надзор и контрола во вонредна состојба“ – рече премиерот Зоран Заев.
Во текот на симулацијата, учесниците ги испитаа надзорните функции на Собранието, вклучително неговите клучни одговорности, структури и работни процеси во сите фази на кризата – пред, за време и по неа – и идентификуваа потенцијални области и активности што можат да се подобрат. Тие ги анализираа постојните процеси за кризен менаџмент и ги разјаснија улогите и одговорностите во архитектурата за управување со кризи. Дополнително, учесниците ги оценија барањата на извршната власт од Собранието за подобрување на националниот процес на управување со кризи и идентификуваа начини за подобрување на надзорот на националните процеси за управување со кризи.
„Преку нашите заеднички напори за добро управување, македонските институции треба да спроведат транспарентно и ефикасно донесување одлуки и родово одговорно буџетирање. Има многу лекции што треба да се извлечат од изминатата година и половина, бидејќи земјите ширум светот беа под притисок на социјалните, економските и политичките ефекти на пандемијата. И Швајцарија и Северна Македонија не беа имуни на овие предизвици. Сега, повеќе од кога било, јавните службеници мора да разберат како безбедно да се вклучат во креирање инклузивни политики и надзор за решавање на предизвиците на управување поврзани со кризи. Ние охрабруваме, отворена и искрена размена за да се идентификуваат начините на Собранието и извршната власт да ги зајакнат своите процеси за управување со кризи и позасилена вклученост на граѓанското општество“, изјави швајцарската амбасадорка Сибил Сутер.
Еден од најзначајните заклучоци на овој документ според надлежните, е дека на стратешко ниво треба да се донесе сеопфатна „Стратегија за национална безбедност“ преку транспарентен и партиципативен процес, во согласност со последните измени и дополнувања на Законот за одбрана од февруари 2020 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Карпош: Санација на уличното осветлување
Во рамки на тековните активности поврзани со уличното осветлување и јавната хигиена, општински служби минатиот викенд работеа со зголемен интензитет. Во таа насока, стручните лица пристапија кон решавање на поголемиот број проблеми кои беа детектирани на теренот,соопштија од Општина Карпош.
„Екипите беа особено активни во реонот на населбата Карпош 4, каде деновиве беше целосно санирано осветлувањето околу кулите на ул. Никола Парапунов во близина на мостот Обединети нации. Успешно беше отстранет дефектот со осветлувањето на првиот дел од ул. Волгоградска, а се интервенираше и на улиците Соле Стојчев и Желево. На таа локација, стручните служби ги санираа дефектите и во третиот дел на ул. Волгоградска, а во исправна состојба се доведени и светилките на улиците Невеска и Воденска.
Темелно се работеше и во населбата Карпош 2, каде беа санирани дефектите на електричната мрежа на осветлување, на улиците Шекспирова и Бранислав Нушиќ. Со истата динамика беа решени проблемите со јавното осветлување, на делови од улиците Руѓер Бошковиќ и Веселин Маслеша.
Минатиот викенд службите од локалната самоуправа се фокусираа на подигнување на нивото на јавната чистота. На иницијатива на жителите од населбата Жданец, беше спроведена заедничка еко-акција за расчистување на сметот и одржување на здравата животна околина. Во меѓувреме општинските служби задолжени за одржување на хигиената, исчистија поголем дел од пешачките патеки низ Карпош“.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Обврска и одговорност на судот е да има правда за случајот со „Пулс“
Секој процес е отворен за јавноста, може да присуствува публика согласно Законите за транспарентност. Прес-конференцијата на Филипче е срамен обид да глуми чесен во ситуација кога цела држава знае дека има сериозни дамки од модуларната, па се до разни набавки во здравството, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Цела држава знае, додаваат од оваа партија, дека освен обвинителството.
„И еве го повикуваме обвинителството на Заев и Филипче да делува одговорно и да испита сѐ. Истовремено сметаме дека обврска и одговорност на судот е да има правда за случајот со Пулс, да не биде бескомпромисен и да ги повика на одговорност сите кои се огрешиле во било каква смисла, без разлика на политичка или етничка припадност, и да не води сметка на било какви политички пораки и притисоци каква што е и оваа алиби прес-конференција на докторот Менгеле, Филипче кој колку и да се обидува, не може да ја сокрие грозоморната улога во разни случаи.
Вистината мора да излезе на виделина. Македонија мора да гради систем во кој нема да има повластени и недопрени, туку Законот ќе важи за сите. Заради тоа овој случај е исклучително важен. Македонија мора да ги победи сите оние кои мислат дека со евтини трикови ќе ја надмудрат и остават во калта на нивното гнасно минато“.
Македонија
Пренџов: Буџетската расправа треба да е дискусија за бројки и проекти, а не обид за подгревање на меѓуетнички тензии
Љупчо Пренџов, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, на денешната расправа одржана во рамките на Комисијата за финансирање и Буџет во Собранието истакна дека кога се дискутира за бројки и парите на граѓаните мора да постои прецизност, бидејќи граѓаните од пратениците очекуваат информативен бенефит, што се случува во Македонија и каде се трошат нивните пари, а не на буџетска расправа да се ставаат теми кои не се поврзани со Буџетот.
Пренџов истакна дека во поглед на одбележување на Рамковниот договор, во рамки на Владата тоа постои секоја година и даде уверување дека тоа одбележување ќе биде на истото ниво и повисоко од тоа што било лани или пред 5 години. Пренџов дополни дека за време на владеењето на претходната власт, 7 години се трошеа огромни средства, пари на непродуктивни работи.
„Денеска, најголем дел од прославите се прават во рамки на „Клубот на пратеници“, и нормално е да тоа што е државно чини помалку од тоа што е приватно и кога вие се грижите за народните пари, нормално е да ги оптимизирате трошоците, да има се да биде достојно обележано и тоа да ги чини сите нас граѓаните помалку. Сите работи ќе си бидат испочитувани, изорганизирани на највисоко ниво“.
Пренџов, во понатамошниот дел од своето излагање упати апел да не се поистоветува спортот и наводните меѓуетнички тензии, при што истакна дека секоја држава и секоја нација треба да вложува во младите и спортот и укажа дека е поразително поранешен вицепремиер и актуелен пратеник да се обидува да го поистоветува спортот со меѓуетнички тензии.
„Јас немам проблем вие да побарате амандмани за било што, тоа е нормално тоа е демократија. Јас немам проблем да разговарате со граѓани коишто имаат реални потреби и тие реални потреби на граѓаните да ги артикулирате низ амандмани и овдека да ги дискутираме, но е нечесно да кажете на Македонија не и треба спорт, два пати тоа го спомнавте“.
Укажа дека во Македонија ќе има и спорт и одбележување на сите настани коишто ја одбележуваат Македонија, преку оптимизација на трошоците, бидејќи домаќинското и одговорно работење е императив на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

