Свет
Во духот на пријателството, Франција испраќа нова Статуа на слободата во САД

Франција на 7 јуни ќе испрати нова Статуа на слободата во САД. Статуата ќе пристигне во Њујорк на 4 јули, на Денот на американската независност.
Статуата на слободата претставува историска врска помеѓу Франција и Соединетите Американски Држави, а новата статуа ќе биде висока 2,83 метри, или многу помала од нејзината голема сестра, чија висина е 46,5 метри, плус постамент од 46,9 метри, пренесуваат француските гласила.
Статуата на слободата што го краси брегот на Њујорк, Франција ја донираше на Соединетите Американски Држави во чест на првиот Ден од американската независност.
„Сакавме повторно да се поврземе со француско-американската историја“, рече амбасадорот на Франција во САД, Филип Етјен, додавајќи дека Статуата на слободата е двоен симбол, и за слободата и за добредојде“.
Француските медиуми објавија дека кога идејата за новата статуа се појавила во јули 2019 година, целта била да им се покаже на САД дека Франција останува лојална на духот на пријателството меѓу двете земји, создадени за време на заедничката историја.
Реализацијата на проектот беше одложена, поради пандемијата од Ковид-19, но проектот повторно се најде во центарот на вниманието во текот на зимата оваа година.
Свечено ќе биде обележано кога статуата ќе замине од Париз и кога ќе пристигне во Њјорк во САД.
Потоа ќе биде сместена во градината на резиденцијата на францускиот амбасадор во Вашингтон, каде ќе остане десет години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Велика Британија го повлекува персоналот од амбасадата од Иран

Велика Британија го повлекува персоналот од својата амбасада во Техеран поради моменталната безбедносна ситуација, соопшти Канцеларијата за надворешни работи, Комонвелт и развој на Велика Британија.
„Како превентивна мерка, привремено го повлековме британскиот персонал од Иран“, се вели во соопштението.
„Нашата амбасада продолжува да работи од далечина“, се додава во соопштението.
Порано оваа недела, Велика Британија, исто така, објави привремено повлекување на членовите на семејствата на вработените од својата амбасада и конзулат во Израел поради безбедносни причини.
Свет
Илјадници Иранци на улиците, имам ја водеше молитвата со пушка во рака

Илјадници луѓе денес излегоа на улиците на Техеран и други ирански градови, одговарајќи на повикот на режимот да се соберат во голем број за традиционалните петочни молитви и протести против Израел.
Демонстрантите мавтаа со знамиња и скандираа антизападни слогани, а многумина носеа фотографии од ирански команданти убиени од почетокот на конфликтот со Израел.
Молитвата во Техеран беше проследена со големи протести во центарот на градот, а државната телевизија прикажа слики од толпата како гази по израелските и американските знамиња. Знамињата на Хезболах, сојузникот на Иран од Либан, исто така се вееја на улиците.
Според снимките од полуофицијалната агенција Тасним, толпата скандираше против Израел и Обединетото Кралство.
Скај њуз, исто така, ја цитира изјавата на жена од Карај, град западно од Техеран, која им рекла на жителите на Тел Авив да „ги подготват ковчезите“.
Слични собири беа одржани и во други градови, вклучувајќи го и Ахваз, каде што имам ги водеше молитвите во воена униформа со пушка во рака.
Свет
ОН алармира: Децата во Газа ќе почнат да умираат од жед

УНИЦЕФ предупреди во Женева дека Појасот Газа се соочува со недостиг на вода.
„Децата ќе почнат да умираат од жед… Само 40 проценти од инфраструктурата за вода за пиење е функционална“, изјави портпаролот на УНИЦЕФ, Џејмс Елдер, за новинарите.
„Ние сме далеку под кризните стандарди кога станува збор за вода за пиење…“
УНИЦЕФ, исто така, изјави дека бројот на деца на возраст од шест месеци до пет години примени на лекување од неухранетост во Појасот Газа се зголемил за 50 проценти од април до мај и дека половина милион луѓе гладуваат.
УНИЦЕФ го обвини Хуманитарниот фонд за Газа, поддржан од САД, за влошување на ситуацијата со дистрибуцијата на храна.