Македонија
Шилегов најавува нови автобуски рути и унапреден јавен превоз за помалку од две години
Град Скопје денеска потпиша договор за изработка на Студија за оптимизација на мрежите на линиите на автобускиот превоз.
Како што информираат градските власти, потребата од ваква студија се наметнала заради фактот што актуелната мрежа на линии, според која е организиран автобускиот превоз во Скопје, е направена врз основа на студија која датира од пред точно 40 години – од 1981 година.
Скопскиот градоначалник Петре Шилегов посочи дека изработката на оваа нова студија е и повеќе од неопходна, имајќи предвид колку градот е променет за овие 40 години и во однос на популацијата, и во однос на урбаниот развој.
Студијата е наречена BRS (Bus Restructuring Study), а со нејзина помош ќе се изврши целосна реорганизација на мрежата на автобуски линии.
„Од оваа студија очекувам да понуди нови решенија за системот на јавниот превоз кои ќе ја зголемат неговата популарност што недвосмислено води до пораст на бројот на патници кои го користат јавниот превоз, правејќи го индивидуалниот автомобилски превоз помалку атрактивен, а градскиот – одржлив“, нагласи Шилегов.
Оваа студија, објасни градоначалникот, ќе понуди нови автобуски рути, унапреден систем за наплата и унапреден возен ред што ќе биде во целосна согласност со потребите за мобилност на граѓаните во различни периоди од годината, викендите, празниците, но и дневните периоди усогласени со временските пикови.
„Дополнително, студијата ќе ги вклучи и двете рути на брзиот автобуски транспорт БРТ, со алтернативни сценарија со една рута и без овие рути за периодот пред неговото пуштање во употреба. Временската рамка што е предвидена за реализација на овој проект е 12 месеци, односно Студијата треба да биде завршена до јуни 2022 година. Оттука, убеден сум дека за помалку од 2 години нашите сограѓани ќе можат во целост да ги почувствуваат придобивките од новата организација на јавниот превоз во Скопје“, порача градоначалникот.
За изработувач на студијата е избран конзорциумот меѓу израелската компанија РОМ Транспортејшн и англиската ГСТЦ ЛТД со понуда во висина од 322.530 евра.
„Понудата е избрана како најдобра од вкупно 17 понуди од светски реномирани консултантски организации од сферата на транспортот. Станува збор за исклучително искусни и реномирани компании кои изработувале вакви студии за потребите на јавниот превоз на градови од Израел, Велика Британија, Романија, Литванија, Хрватска и други земји членки на ЕУ, градови од соседните Србија и Албанија, како и градови од поранешните советски републики, од Јужна Америка и други“, рече градоначалникот по потпишувањето на договорот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Град Скопје започна со обновување на јавните површини во центарот
Градот Скопје соопшти дека продолжува со интензивни активности за обновување на јавните површини и подобрување на урбаниот амбиент, со фокус на централното градско подрачје. Од Градот наведуваат дека се работи на локации кои со години биле занемарени и без основно одржување, со цел да им се врати функционалноста, безбедноста и достоинствениот изглед.
Според соопштението, градските служби координирано интервенираат на простори што секојдневно ги користат илјадници граѓани и посетители.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, во објава на социјалните мрежи, информира дека „деновиве интензивно се работи на сите страни низ градот“. Тој наведе дека на плоштадот „Македонија“ се заменуваат скршените и пропаднати плочки, фонтаните што подолго време не функционираа повторно се враќаат во употреба, а пристапните патеки ќе добијат уреден изглед.
„Скопје мора да биде достоинствен, уреден и убав град, токму таков како што го паметиме и каков што сакаме да го оставиме за идните генерации“, напиша Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека активностите се спроведуваат „за нас, но и за сите гости кои секојдневно доаѓаат да го запознаат нашиот главен град“.
Македонија
Кисела Вода и Агенцијата за катастар на недвижности: Засилена соработка за поефикасна услуга
Денес во општина Кисела Вода се одржа средба меѓу градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска и директорот на Агенцијата за катастар на недвижности на Република Македонија, Иван Живковски.
Како што известуваат од Општината, разговорот бил насочен кон зајакнување на соработката меѓу двете институции, со фокус на подобрување на услугите кон граѓаните, поголема достапност до податоци и унапредување на дигиталните процеси. На средбата беше договорено дополнително зајакнување на оваа соработка, особено во делот на дигиталните сервиси, со што граѓаните ќе добијат побрзи административни постапки и намалени трошоци, без потреба од непотребни чекори и обраќања кон повеќе институции, велат од Општината.

Беше констатирано дека модерното и транспарентно управување со податоци е неопходно за развој на општината, подобро планирање и подигнување на квалитетот на услугите. Посебен акцент беше ставен на можностите за интеграција на дел од дигиталните системи и олеснет пристап на општината до катастарските податоци, што ќе придонесе за побрзо постапување по барањата на жителите и поголема ефикасност при издавање документи и спроведување урбанистички процеси, информираат од Општината.

„Како општина која силно инвестира во дигитализација, наш приоритет е граѓаните да добиваат услуга брзо, ефикасно и без непотребни административни бариери. Со Агенцијата за катастар на недвижности имаме заедничка цел, да обезбедиме поголема достапност на услугите и унапредено управување со податоците. Денешната средба со директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски ја гледам како значаен чекор напред, бидејќи интегрирањето на системите и размената на информации ќе овозможи побрзо решавање на имотно-правните и урбанистичките постапки. Сето ова е дел од нашата заедничка стратегија да ја направиме Општина Кисела Вода модерна, ефикасна и лесно достапна за сите жители, каде граѓаните ќе можат брзо и безбедно да ги завршуваат своите административни обврски“, изјави градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.
Македонија
Обвинение за таткото и двете ќерки: спречиле службени лица да одземат добиток во Крива Паланка
Основното јавно обвинителство Крива Паланка поднесе обвинителен предлог против три лица за кривично дело – Спречување на службено лице во вршење службено дејствие од член 382 став 1 од Кривичниот законик.
Станува збор за татко и две ќерки кои на 2 декември, во местото викано „Самоков”, во близина на кривопаланечкото село Луке, спречиле службени лица од Агенцијата за храна и ветеринарство да извршат службено дејствие и да постапат по правосилно решение за одземање крупен добиток.
Таткото е обвинет и дека при настанот ја загрозил сигурноста на четири присутни лица, сериозно заканувајќи им се дека ќе нападне врз нивниот живот и тело, со намера да ги вознемири и заплаши. Затоа тој е обвинет и за кривично дело – Загрозување на сигурноста од член 144 од Кривичниот законик.
Една од двете ќерки е обвинета и за – Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста од член 383 од Кривичниот законик, бидејќи таа телесно повредила полициски службеник кој бил повикан да асистира при одземањето на говедата, така што го влечела и го гребела по лицето.
Како резултат на дејствијата на тројцата обвинети, лицата ангажирани од АХВ биле спречени да постапат по решенијата и да го одземат добитокот од обвинетите.
Во текот на постапката за обезбедување на доказите, сите три лица беа обезбедени со мерка притвор. Со поднесување на обвинението, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓа постапката и поединечните околности кај секој од обвинетите, надлежниот јавен обвинител до Судот достави предлог со кој предложи притворската мерка да биде продолжена за таткото и за една од ќерките.

