Македонија
Македонските граѓани наскоро полесно до дигитален здравствен сертификат
Oд Министерството за здравство соопштија дека мрежата CommonTrust и Светски економски форум, во рамки на проектот „The Commons Project“ ja создале апликацијата CommonPass, со цел воспоставување на интероперабилна платформа за заемно признавање на вакциналните потврди и лабораториските тестови за Ковид-19 меѓу државите.
Министерството за здравство се приклучува кон мрежата и, како што појаснуваат од оваа институција, со овој чекор, на македонските граѓани ќе им се зголемат можностите за добивање на дигитален здравствен сертификат во согласност со глобалниот стандард Smart Health Card.
„Тоа за граѓаните ќе значи дека тие ќе може да го документираат Ковид-19 статусот со цел да може да патуваат во други земји и да одговорат на барањата на граничните премини на други држави, истовремено штитејќи ја нивната приватност. Со CommonPass на едноставен начин може да ги преземат резултатите од направениот Ковид-19 тест и вакцинална потврда, и да го покажат здравствениот статус на влез во друга држава без да откриваат други лични здравствени информации“, информираат од здравство.
За таа цел, во знак на поддршка, Министерството за здравство ќе ги информира сите релевантни структури кои се директно или индиректно инволвирани во областа (Институт за јавно здравје и сертифицирани државни и приватни лаборатории) за намената на оваа апликација и можностите кои таа ги нуди, додаваат од таму.
„Министерството за здравство ги охрабрува сите заинтересирани институции, установи и лаборатории, директно да контактираат со мрежата CommonTrust со цел приклучување на базата на акредитирани и сертифицирани установи – партнери на CommonPass кои ќе можат да издаваат потврди од тестови со QR код, кој потоа граѓаните ќе го скенираат во своите мобилни телефони со цел креирање на дигитална потврда. На овој начин, установите и лабораториите ќе можат за корисниците на апликацијата да издадат потврди кои ќе бидат признаени како вистински, релевантни и доверливи на интернационално ниво“, потенцират од МЗ.
„Со воведувањето на ваква апликација, на македонските граѓани им се овозможува флексибилност во изборот на провајдерот и начинот на кој ќе добијат бесплатна дигитална потврда за нивниот статус на имунизација и за резултатите од направените тестови за Ковид-19. Сите заинтересирани кои сакаат да се вклучат во мрежата на CommonTrust ќе имаат техничка и административна поддршка на апликацијата на македонскиот пазар. Започната е комуникацијата со акредитирани установи кои се заинтересирани да се приклучат кон оваа иницијатива“, велат од ресорното министерство.
Од таму, ги упатуваат сите заинтересирани граѓани да прочитаат повеќе информации за самата апликација на страницата на commonpass.mk.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

