Македонија
Во ковид центрите во Скопје за 24 часа хоспитализирани 4 пациенти, се лекуваaт вкупно 65 лица

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје се хоспитализирани 4 нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупно 65 лица сомнителни и потврдени за Ковид-19 се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град. Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка, соопшти министерството за здравство.
Во последното деноноќие, на Институтот за ТБЦ имало еден прием.
Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември немало примени пациенти, 4 биле примени на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во текот на вчерашниот ден.
Во изминатите 24 часа дома се пуштени 11 оздравени пациенти.
Во ковид центарот на Институтот за ТБЦ се лекуваат 8 пациенти.
Во ГОБ 8 Септември има вкупно 22 болни, а на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби лежат 35
пациенти.
Од министерството додаваат дека бројот на приеми во изминативе денови се намалува и утрово до 8 часот имало 80 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места.
Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна поддршка, информира МЗ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Јаневска: Со буџет од 34 милиони евра, Владата ќе ја поддржи инфраструктурната модернизација на Универзитетот „Мајка Тереза“

Универзитетот „Мајка Тереза“ е нашиот најмлад државен универзитет. Владата е посветена кон обезбедување на ресурси потребни тој и натаму да се развива. Со буџет од 34 милиони евра кои ќе се обезбедуваат етапно, почнувајќи од оваа и во текот на следните пет години, ќе го поддржи градењето на модерен кампус кој ќе биде центар за академска извонредност, за наука и технологија. Студентите и наставниот кадар ќе добијат современи услови за работа и напредување.
Ова го истакна министерката за образование и наука, Весна Јаневска, на денешната церемонија организирана по повод примопредавањето на должноста ректор на оваа високообразовна установа.
Посакувајќи му добредојде на новата функција на проф. д-р Беким Фетаји, министерката Јаневска изрази очекување дека тој ќе продолжи со визијата за уште поголем раст на квалитетот на студиските програми и со својата стручност ќе придонесе универзитетот да се развива како модерна образовна и научна институција, достојна за поддршката што ја добива.
„Очекувам да внесе нова енергија и да ги мотивира универзитетските професори и истражувачи професионално да напредуваат и да ги инспирираат студентите да тежнеат не само за добивање на диплома, туку да станат вистински академски образувани граѓани, подготвени за меѓународно одмерување на знаењата“, рече Јаневска.
Министерката се заблагодари на досегашниот ректор проф. д-р Изет Зеќири, посочувајќи дека како прв човек на универзитетот и како професор, тој дал важен придонес во градењето на академски генерации кои се веќе интегрирани во општествените процеси и функционирањето на државата.
Македонија
Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ одбележува 33 години постоење

Првата детска амбасада во светот – Меѓаши годинава ја одбележува 33-годишната посветеност на заштитата на детските права, постојаната и активната улога во градењето мир и меѓусебно разбирање.
По тој повод, Меѓаши најави промоција на повеќе значајни активности и материјали и тоа нова веб-страница (https://www.childrensembassy.org.mk/pocetna.nspx) и документарен филм: ,,30 години Меѓаши” – Документирано сведоштво за развојот, достигнувањата и влијанието на Меѓаши низ годините“.
Исто така, достапни се уште два кратки видео-прилози поврзани со историјата и работата на организацијата „Како започна приказната на Меѓаши“ и „Како Меѓаши влијаеше на општеството“.
Објавена е и монографија „30 години Меѓаши” – Публикација која ја отсликува историјата на организацијата, активностите и резултатите во изминатите три децении.
„Преку овие промотивни материјали, Детската амбасада Меѓаши не само што го документира своето повеќедецениско активно дејствување, туку и ја засилува својата мисија за поттикнување на одговорноста, едукација и активирање на пошироката јавност во поддршката на децата, воедно потсетувајќи на важноста од мировното образование и градење култура на мирот од најмала возраст“, соопштија од таму.
Македонија
Утре сончево време, следува период на потопло време

Времето утре ќе биде поведро и посвежо, преку денот сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од североисточен правец, информира УХРМ.
Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 8, а максималната ќе достигне од 18 до 25 степени.
Во Скопје, сончево со слаб до умерен ветер од североисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 25 степени.
Следува период на сончево и потопло време со мала до умерена облачност и со умерен северен ветер. Утре и во среда утринските температури ќе бидат пониски, а дневните ќе бидат во постепен пораст.