Економија
Со посета на Гевгелија, заврши последната фаза од подготовките на економските советници на МНР
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, заедно со економските советници, денес беше на посета на општина Гевгелија каде беше заокружена турата на низ 14 градови на државата.
„Уверен сум дека како политичари мора да обезбедиме повеќе простор за развој на бизнисот, за прилив на нови странски инвестиции, за повеќе пазари за постојните бизниси, повеќе работни места и поголеми примања и пред сѐ унапредување на економскиот стандард во најширока смисла на зборот“, истакна Османи, посочувајќи на целите и проекциите на економската дипломатија и улогата на економските советници.
Во рамките на посетата на Гевгелија, Османи заедно со економските советници, остварија широки консултации со бизнис заедницата од градот, како и со претставниците на општината предводени од градоначалникот, Сашо Поцков.
„Имавме исклучително продуктивен разговор: најдовме убава симбиоза меѓу амбициите на економската дипломатија, и потенцијалите на општина Гевгелија, која има успешен локален економски развој со значаен потенцијал што преставува предизвик за нас како предводници на економската дипломатија“, нагласи Османи.
Во рамките на денешните активности беа остварени посети и неколку етаблирани индустриски компании од текстилната, преработувачката и индустријата за производство на храна, а беа разгледани и туристичките потенцијали на општината.
Инаку, економските советници успешно ги завршија сите четири фази на подготовки, и тоа подготовки во рамките Министерството за надворешни работи, посетии консултации со сите релевантни министерства, стопански комори и институции поврзани со економијата на централно ниво, теоретски предавања од еминентни професори по економија, како и посета на општини и локални компании.
Во рамките на посета на општините, тие ги поминаа и Тетово, Гостивар, Струга, Охрид, Битола, Прилеп, Кавадарци, Крушево, Штип, Виница, Берово, Струмица, Дојран и денес во Гевгелија.
Првите четири економски советници, како пилот проект, ќе бидат испратени и ангажирани по Амбасадите на Северна Македонија и тоа ДКП Варшава, надлежен за земјите од Вишеградската група, Генералниот Конзулат во Минхен, надлежен за Германија и Австрија, во ДКП Анкара, надлежни за Република Турција и ДКП Абу Даби надлежен за Обединетите Арапски Емирати и земјите од Советот за соработка во Заливот.
Османи најави дека во рамките на пилот проектот, следниот економски советник ќе биде испратен во Софија, Бугарија, со што ќе се тестираат потенцијалите и можностите на економската дипломатија во развојот на економските односи со соседите и во регионот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
БРАКО на АНАНАС: медицинскиот мебел на БРАКО отсега и со онлајн продажба на Ананас
Дел од програмата на медицински мебел на БРАКО отсега ќе може да се купи на сајтот за онлајн тргување Ананас. На сајтот се изложени производи кои се од домашно македонско производство и кои досега беа достапни за купување директно oд капацитетите во фабриката во Велес.
На овој начин, со партнерството со популарниот сајт за онлајн продажба Ананас, се излегува во пресрет на приватни лица и помали правни субјекти од областа на здравството и козметологијата да можат набават опрема за лично користење и за обавување на својата дејност, на начин кој е во тек со светските трендови на купување.
На сајтот се достапни кревет за медицински преглед, столчиња за медицински преглед, медицински паравани, рефлектори, сталаци, отомани за физиотерапија и масажа, сервисни колички и други производи.
Палетата на БРАКО која ќе биде достапна на Ананас во иднина ќе се проширува и ќе биде од корист особено за постари лица и лица кои се соочуваат со одредени физички здравствени попречености и на кои им се потребни помагала за олеснување на секојдневното функционирање, дома и надвор од домот.
Сите големи нарачки на медицински мебел и натаму се возможни во директен контакт со производителот БРАКО.
(ПР)
Економија
Македонските вина се продаваат во 40 држави во светот, Владата најавува зголемено производство и извоз
Македонија денес се претставува на „Винскa визија на Отворен Балкан“ во Белград.
Оваа година 80 винарски визби се претставуваат на овој саем од кои што 68 се мали семејни винарии и 12 винарски визби кои што се дел од здружението „Wines of Macedonia“, а за првпат имаме и изложувачи на квалитетна македонска традиционална храна.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, рече дека ова е одлична можност македонските квалитетни вина да бидат промовирани на саемот.
Тој посочи дека е зголемена продажбата на македонското вино надвор од границите на државата.
„Република Македонија е на 22 место во светот по производство на вино, а се наоѓа на 29-то место по извоз на вино во светот“, заклучи министерот.
Трипуновски додаде дека Владата има за цел да се зголеми производството на вино во државата со што ќе се зголеми и извозот на истото во светот. Девизен прилив од извоз на вино за 2023-та година изнесуваше над 57 милиони евра.
„Нашите вина се продаваат во преку 40 држави во светот. А, најголем дел се пласира овде во регионот, односно на Балканот“, истакна тој.
„Како Влада продолжуваме посветено да работиме во делот на секторот винарство бидејќи е втора најзначајна гранка во Република Македонија по извоз и девизен прилив“, нагласи министерот Трипуновски.
Економија
Илон Маск го сруши сопствениот рекорд на богатство, има 347,8 милијарди долари
Богатството на американскиот тајкун Илон Маск достигна рекордни 347,8 милијарди долари во петокот, поттикнато од континуираните добивки во акциите на „Тесла“ и новата рунда на финансирање откако неговиот стартап со вештачка интелигенција беше проценет на 50 милијарди долари.
Многу компании на Маск забележаа пораст на нивната вредност откако изборната победа на Доналд Трамп го круниса со политичко внимание.
Акциите на Тесла пораснале за 3,8 отсто во петокот, продолжувајќи да го поттикнува оптимизмот дека плановите на тимот на Трамп за автономни возила и субвенции за електрични возила ќе и дадат предност на компанијата на Маск пред конкуренцијата.
Маск, најбогатиот човек на светот, сега го собори сопствениот рекорд од 340,4 милијарди долари поставен во ноември 2021 година, според индексот на милијардери на „Блумберг“.