Македонија
Наставата на далечина е поорганизирана и ефективна, покажало истражувањето на УНИЦЕФ
Сите учесници во образовниот процес (директори, наставници и ученици) оценуваат дека наставата на далечина е поорганизирана оваа учебна 2020/21 година споредено со второто полугодие од 2019/20. Клучни промени се: доследна организација на наставата според распоред на часови и користењета платформа за видеоконференциски повик за реализација на предавањата и часовите. Ова беше соопштено на презентацијата на наодите од истражувањето „Искуствата и ставовите на директорите на училиштата, наставниците и родителите во врска со учењето на далечина“, на која присуствуваа министерката за образование и наука Мила Царовска, Патриција ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ, Рејчел Галовеј, Амбасадорка на Обединетото Кралство во Северна Македонија, Зекирија Хасипи, директор на Бирото за развој на образованието и Тања Иванова, претседателка на Реактор – Истражување во акција. Истражувањето е реализирано во две фази и споредува податоци од двете учебни години во периодот март 2020 – декември 2020 година.
Според истражувањето, и директорите и наставниците во просек дале повисоки оценки за МОН и надлежните органи во поглед на јасноста на насоките кои ги добиваат за организација на наставата на далечина, споредено со претходната учебна година.
„Речиси половина од родителите чии деца имале настава на далечина (48%) го оценуваат работењето на наставниците со одличен пет, а дополнителни 26% со многу добар четири“, покажа истражувањето.
На прашањето дали во твоето училиште наставата на далечина се одвиваше според распоред, 100% од учениците одговориле потврдно. Минатата година само 22% од учениците се изјасниле дека наставата е според распоред.
Двојно се намалува процентот на родители кои сметаат дека учењето на далечина не е ефективно. Минатата година 49% одговориле дека учењето на далечина не е ефективно, а оваа учебна година 26% го делат овој став.
Квалитативните наоди потврдуваат дека и според родителите на децата со специфични образовни потреби, организацијата на наставата е подобра оваа година. Клучна е улогата на образовните асистенти и подготвеноста на наставниците да ги следат индивидуалните планови за развој на децата, велат од МОН.
„Како и сите земји во светот и ние се соочивме со предизвикот за брза реорганизација на наставата во услови на пандемија. Сите знаеме дека не беше лесно, но дека вложивме максимални напори да имаме успешна учебна година, што ни го потврдува и самото истражување. Наодите од него ни даваат прецизна слика за успешноста на учењето на далечина и каде треба да се фокусираме за да ги подобриме резултатите“, рече министерката Царовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Сопиште денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во период од 09:00 до 12:00 часот дел од корисниците, на село Горно Соње, општина Сопиште.
Македонија
Сообраќајот низ државата во зимски услови, магла на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Намалена видливост и појава на магла на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица до 60 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, максималната температура до 11 степени
Променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 3, а максималната ќе достигне од 6 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Од среда времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини со врнежи од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во среда засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

