Свет
(Видео) Апокалиптични сцени од Шри Ланка, во поплавите досега загинаа 17 луѓе

Бројот на жртвите од поплавите и одроните на земјиштето во Шри Ланка се искачи на 17, а илјадници луѓе беа принудени да ги напуштат своите домови.
Во десет области на островот, вклучително и главниот град Коломбо, каде што наврна голема количина дожд, нивото на водата се намалува, но предупредувањето за свлечиште е сè уште во сила, објави Центарот за управување со катастрофи на владата во Шри Ланка, пренесува „Ројтерс“.
Исто така, се наведува дека повеќе од 270.000 луѓе биле погодени од оваа катастрофа, и дека околу 100.000 згради останале без електрична енергија.
Владата претходно објави податоци кои покажуваат дека повеќе од 4.300 луѓе биле раселени во привремени засолништа и дека биле оштетени речиси 800 куќи.
Природната катастрофа се случи во време кога Шри Ланка се надева дека ќе ги ублажи ограничувањата во борбата против коронавирусот, а едномесечното блокирање поради третиот бран инфекции треба да заврши на 14 јуни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
(Видео) Руски беспилотни летала погодија станбени згради и супермаркет во Киев, двајца загинати

Најмалку две лица загинаа во Киев во напад што беше извршен ноќеска од страна на Русија. Лицата загинале кога остатоци од беспилотно летало погодило станбени згради, предизвикувајќи пожари во неколку населби, соопштија агенцијата за цивилна заштита и градоначалникот Виталиј Кличко.
Жртвите биле пронајдени додека пожарникарите се обидувале да ги изгаснат пожарите во становите што избувнале откако делови од дронот паднале врз петкатна зграда.
Night of terror in Kyiv.
Russians attacks residential buildings with drones. Several buildings damaged and burning. At least 2 dead.
Putin prepares for parade. Leaders of different countries will soon come to Moscow to congratulate him on Victory Day pic.twitter.com/tle0SrCETV
— Денис Казанський (@den_kazansky) May 7, 2025
Во меѓувреме, сирените за воздушни напади продолжија да се огласуваат во главниот град и рано наутро, а Кличко ги повика жителите да се засолнат.
Тој рече дека уште осум лица се повредени, вклучувајќи четири деца. Службите за цивилна заштита соопштија дека пет лица се повредени.
Во друг напад, се запалиле седмиот, осмиот и деветтиот кат од десеткатна зграда. Погоден бил супермаркет. Украинските медиуми објавија дека се слушнале експлозии за време на воздушниот напад на градот.
Во Москва, градоначалникот Сергеј Собјанин, соопшти на Телеграм дека руската воздушна одбрана пресретнала девет украински дронови во текот на ноќта. Нема извештаи за штети или жртви.
Свет
Кинескиот претседател денеска оди во Русија, ќе присуствува на парадата на Путин

Кинескиот претседател Кси Џинпинг денес ќе ја започне четиридневната посета на Москва како највисок државен гостин на руските комеморации по повод Денот на победата во Втората светска војна.
Според Кремљ, средбите со рускиот претседател Владимир Путин ќе бидат фокусирани на изградбата на долго планираниот втор гасовод за извоз на гас во Кина.
Меѓународните прашања ќе ја вклучуваат војната во Украина и континуираните преговори меѓу Русија и САД.
Путин и Кси треба да се сретнат утре, според советникот на Путин за надворешна политика, Јуриј Ушаков.
Во петок, Кси ќе биде гостин на планираната голема воена парада во Москва. Русија го слави Денот на победата, 80-годишнината од крајот на Втората светска војна.
Се очекува руските и кинеските претставници да потпишат неколку договори на владино ниво за време на посетата.
Колку повеќе Русија се оддалечува од Западот, толку повеќе се потпира на своето стратешко партнерство со Кина. Според официјалните податоци, обемот на билатералната трговија минатата година се искачи на 245 милијарди долари.
Свет
(Видео) Бајден го даде првото интервју по напуштањето на Белата куќа: Глупаво е да се мисли дека Путин ќе застане на Украина

Џо Бајден, во своето прво интервју за Би-би-си откако ја напушти Белата куќа, изјави дека притисокот на администрацијата на Доналд Трамп врз Украина да ѝ предаде дел од својата територија на Русија претставува „модерно попуштање“, алудирајќи на политиката на смирување на Адолф Хитлер кон крајот на 1930-тите.
Зборувајќи во Делавер, поранешниот американски претседател истакна дека рускиот претседател Владимир Путин верува дека Украина е дел од Русија и рече: „Секој што мисли дека ќе престане ако му се отстапи дел од територијата е едноставно наивен“.
Бајден зборуваше по повод 80-годишнината од Денот на победата во Европа, предупредувајќи дека односите меѓу САД и Европа би можеле сериозно да се влошат под водство на сегашниот претседател Доналд Трамп. „Тоа би ја променило модерната историја на светот“, рече Бајден.
Во интервју за Би-би-си Радио 4, Бајден се осврна и на својата одлука да се повлече од претседателската трка во 2024 година, само четири месеци пред изборите, по лошиот настап во дебатата што покрена сомнежи за неговата ментална и физичка подготвеност.
Кога го прашале дали требало да се откаже порано, Бајден одговорил: „Не мислам дека тоа ќе се промени многу. Заминавме во време кога имавме добар кандидат“.
Поранешниот претседател остро ги критикуваше предлозите на Трамп, како што се враќањето на Панамскиот канал, купувањето на Гренланд и приклучувањето кон Канада како 51-ва држава. „Кој претседател го кажува тоа? Тоа не сме ние. Ние сме за слобода, демократија и можности, а не за присвојување“, рече тој.
Бајден тврдеше дека неговата администрација ѝ дала на Украина сè што ѝ е потребно за да ја одбрани и зачува својата независност и дека биле подготвени да дејствуваат уште порешително доколку Путин повторно го ескалира конфликтот.
Тој, исто така, ги коментираше изјавите на администрацијата на Трамп, вклучувајќи го и потпретседателот Џеј Ди Венс, кој рече дека границите треба да бидат „замрзнати близу до местото каде што се сега“ и дека „двете страни ќе мора да се откажат од нешто“. Министерот за одбрана Пит Хегсет ја нарече идејата за враќање на границите од 2014 година „нереална“.
На што Бајден одговори: „Тоа е современо попуштање“, повлекувајќи паралела со британскиот премиер Невил Чемберлен, кој во 1930-тите се обиде да го смири Хитлер за да избегне војна, што се покажа како катастрофално.
Бајден предупреди дека Европа би можела да ја изгуби довербата во САД. „Лидерите се прашуваат – што сега? Можат ли сè уште да се потпрат на САД? Дали ќе бидат со нас?“ рече тој.
Трамп претходно изјави дека очекува Русија да го задржи Крим, анексиран во 2014 година, и го обвини украинскиот претседател Володимир Зеленски за поткопување на мировните преговори кога ги отфрли предлозите на САД.
Според извештаите, најновиот предлог од администрацијата на Трамп вклучува признавање на руската контрола врз делови од окупираната територија, вклучувајќи го и Крим – иако Белата куќа сè уште официјално не го потврдила ова.
Бајден, исто така, коментираше за изјавите дека Украина мора да отстапи дел од својата територија за да го запре крвопролевањето: „Не разбирам како некој може да мисли дека диктатор ќе биде задоволен откако ќе му дадете нешто. Тоа не е начин на размислување што го разбирам.“
„Глупаво е да се мисли дека Путин ќе застане на Украина. Тој сè уште жали за распадот на СССР и сака нов Варшавски пакт“, рече Бајден. Тој додаде дека се плаши дека некои членки на НАТО што граничат со Русија би можеле да заклучат дека е подобро да се „најде компромис“ ако Украина се согласи на територијални отстапки.
Бајден, исто така, го критикуваше однесувањето на Трамп кон сојузниците, особено за време на неодамнешната средба со Володимир Зеленски во Белата куќа, кога Трамп и Венс остро го нападнаа украинскиот претседател и побараа да покаже поголема благодарност. „Беше под нивото на Америка“, рече Бајден.
Тој, исто така, се осврна на првите месеци од вториот мандат на Трамп, во текот на кои следеа бројни извршни одлуки и големи намалувања на владините трошоци. „Кога ја напуштив функцијата, економијата растеше, берзата беше силна, ширевме позитивно влијание и трговија“, рече тој. Кога беше прашан што мисли за новиот почеток на Трамп, Бајден одговори остро: „Нека историјата го процени тоа. Не гледам ништо триумфално во тоа.“