Свет
Судир на два брзи воза во Пакистан, 45 загинати, 100 повредени

Најмалку 45 лица загинаа, а над 100 се повредени во судир на два брзи воза во јужен Пакистан, соопштија властите.
Најмалку 50 повредени се пренесени во болница, а некои од нив се наоѓаат во критична состојба, пренесува АП.
Околу 20 патници сè уште се заробени во возовите.
Како што се наведува, еден воз излетал од пругите, а набрзо и друг воз удрил во него.
Причините за несреќата сè уште не се познати.
Машиновозачот кој управувал со едниот воз изјави дека со сите сили се обидел да ја избегне несреќата со сопирање, но не успеал во тоа.
Министерот за пакистанска железница Азам Свати се упати кон местото на несреќата, а премиерот Имран Кан изрази жалење и нареди истрага.
Во возовите имало околу 1.100 патници, а армијата е вклучена во спасувачката акција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Во Албанија активни се 14 пожари, горат големи површини

Албанскиот министер за одбрана Пиро Венгу потврди дека во земјата 14 пожари се уште се активни и зафаќаат големи површини.
Во објава на социјалните мрежи, наведува дека во гаснењето на неколкуте големи пожар на југот на земјата, освен противпожарни единици, армиски, полициски сили и доброволци, вклучени се и хрватски и шведски авион „Канадер“.
Венгу додава дека се очекува пристигнување на два хеликоптери од воздухопловните сили на Обединетите Арапски Емирати, уште еден „Канадер“ од Грција и два хеликоптери од европскиот механизам од Чешка и Словачка.
Свет
Израелското преземање на Газа би предизвикало катастрофа, предупредува Советот за безбедност на ОН

Спроведувањето на израелскиот план за преземање контрола врз градот Газа на истоимената палестинска територија, каде што Израел војува речиси две години, се заканува да предизвика нова катастрофа што би се почувствувала во целиот регион, предупреди денеска високиот функционер на ОН Мирослав Јенча.
Јенча, заменик-генерален секретар на ОН за Европа, Централна Азија и Америка, на вонредната седница на Советот за безбедност на ОН во врска со овој план изјави дека во Појасот Газа се одвива хуманитарна катастрофа од големи размери.
Тој рече дека преземањето контрола врз градот Газа може да предизвика нова катастрофа во целиот Појас, предизвикувајќи понатамошно присилно внатрешно раселување и убивање цивили.
Израелскиот план беше остро осуден од претставникот на Словенија во Советот за безбедност и поранешниот министер за надворешни работи, Самуел Жбогар.
Во говорот во име на Данска, Грција, Франција и Словенија, тој рече дека секој обид за анексија, проширување на воените операции и кршење на меѓународното право дополнително ќе ги изложи на опасност сите цивили во Газа, вклучувајќи ги и преостанатите Израелци, заложници на милитантното исламистичко движење Хамас.
Свет
Силен земјотрес регистриран во западниот дел од Турција

Земјотрес со магнитуда од 6,1 степени е регистриран денеска во западна Турција во регионот Баликесир, соопшти Агенцијата за управување со катастрофи и вонредни состојби при Министерството за внатрешни работи на Република Турција (АФАД).
Земјотресот е почувствуван и во Истанбул и низ целиот регион на Мармара и Егејот.
Епицентарот на земјотресот бил на длабочина од 11 километри, на 52 километри од градот Баликесир.