Македонија
Османи на министерски состанок во рамките на Берлинскиот процес
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи денеска ќе учествува на министерскиот состанок за надворешни работи во рамките на германското претседателство со Берлинскиот процес во 2021 година.
Состанокот ќе се одржи во видео формат, а со него ќе претседава германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас.
Покрај министерот Османи, на состанокот ќе учествуваат министрите, учесници во процесот од земјите од Западен Балкан: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија i Црна Гора и земји членки на ЕУ: Aвстрија, Бугарија, Грција, Италија, Полска, Словенија, Франција, Хрватска, како и Обединетото Кралство.
Донесените заклучоци од состанокот би требало да влезат во завршната Декларација на завршниот Самит на шефови на држави и влади, кој е планирано да се одржи на 5 јули оваа година.
Берлинскиот процес е инициран во 2014 година под покровителство на германската канцеларка Ангела Меркел, како политичкa платформа за водење на политички дијалог на високо ниво помеѓу високите претставници на шесте земји од Западен Балкан и нивните хомолози од земјите членки на ЕУ домаќини на Берлинскиот процес, како и за продлабочување на регионалната политичка и социо-економска соработка.
Процесот е насочен кон постигнување забрзан реформски напредок и економски развој во комплементарност со ЕУ пристапниот и интегративен процес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Освен во „Димо Хаџи Димов“, во друго училиште во Карпош не се најдени патогени бактерии
На 27.11.2025 АХВ заедно си службени лица од ИЈЗ направи вонредна контрола во 9 основни училишта во рамките на општина Карпош.
Од секое училиште беа земени мостри од храна како и брисеви од работни површини од кујните во училиштата.
По направените анализи во испитуваните примероци не се докажани патогени бактерии.
Освен во едно од училиштата каде на 2 површини е докажано присуство на ентеробактерии, што е индикатор на недоволна хигиена.
ИЈЗ ќе предложи иницијатива што ќе значи дополнителни промени во Националната годишна програма за јавно здравје, одредени правилници, законски и подзаконски акти, кои се во насока на подобра хигиена во училиштата, градинките, како и побезбедна храна, вода во истите што ќе значи унапредување на теми поврзани со јавното здравје.
Македонија
Муртезани во Брисел на средби во ГД РЕГИО и ГД ЕНЕСТ
Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, во рамки на првиот ден од работната посета на Брисел, имаше одвоени средби со генералната директорка на Генералниот директорат за регионална и урбана политика на Европската комисија (ГД РЕГИО), Темис Кристофиду и со директорката во Генералниот директорат за проширување и источно соседство (ГД ЕНЕСТ) при Европската комисија, Валентина Суперти. Разговорите беа фокусирани на унапредување на евроинтегративниот процес на Северна Македонија, спроведувањето на реформите и продлабочувањето на соработката со институциите на Европската Унија.

Во разговорот со генералната директорка Кристофиду, министерот Муртезани изрази благодарност за континуираната поддршка што Европската комисија ја обезбедува преку Генералниот директорат за регионална и урбана политика, особено во делот на територијалната и прекуграничната соработка. Тој се осврна на тековното претседавање на Северна Македонија со Стратегијата на Европската Унија за Јадранско-јонскиот регион (EUSAIR), нагласувајќи дека земјата, и покрај почетните предизвици, успешно ги реализира планираните активности во рамки на програмата на претседавањето. Министерот подвлече дека Владата останува целосно посветена на зајакнување на регионалната поврзаност, промовирање на одржлив развој и зголемување на видливоста на земјата во рамки на макрорегионалните иницијативи на Унијата. Двете страни се согласија за продолжување на тесната соработка во насока на финализација на претседателството и подготовка на годишниот форум на EUSAIR.

На средбата со директорката Суперти детално се разговараше за напредокот во спроведувањето на реформските активности во контекст на европската агенда, како и за приоритетите на Владата во периодот што следи. Министерот Муртезани ја нагласи подготвеноста на Северна Македонија за финализирање на патоказите за јавната администрација, владеењето на правото и странските инвестиции, како и активностите поврзани со Реформската агенда и Планот за раст. Во фокусот на разговорот беа и очекувањата за отворање на Кластер 1, како и прашања поврзани со Спогодбата за стабилизација и асоцијација и за мерките кои влијаат врз челичната индустрија во земјата. Министерот го потенцираше значењето на економската интеграција и рамноправниот пристап до европскиот пазар како клучни елементи за стабилност и развој, а беше изразена и подготвеност од страна на Европската комисија за понатамошна техничка поддршка и координација во спроведувањето на реформите.
Македонија
Муцунски во Брисел на средба со Калас и Руте: можност за размена на ставови за имплементацијата на одлуките од Самитот на НАТО во Хаг
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, од денес до среда престојува во работна посета на Брисел. Посетата вклучува средби посветени на евроинтегративниот процес на државата, како и учество на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО.
Во рамки на посетата, Муцунски, заедно со министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, ќе оствари средба со Високата претставничка на Европската унија за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас. Средбата се одржува во контекст на континуираната посветеност на земјата кон европскиот интегративен процес и заедничката заложба за унапредување на партнерството со Унијата, особено во областите на безбедноста и одбраната.
На покана на Генералниот секретар на НАТО, Руте, министерот Муцунски во среда ќе учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО, кој ќе се одржи на 3 декември 2025 година во седиштето на Алијансата во Брисел.
Министерскиот состанок ќе биде можност за размена на ставови за имплементацијата на одлуките од Самитот на НАТО во Хаг, со фокус на иднината на Алијансата, јакнењето на индивидуалните и колективните способности, како и обезбедувањето ефективна одбрана и безбедност. Очекувана тема ќе биде и продолжената поддршка за Украина, како и заедничките одговори на актуелните безбедносни предизвици, вклучително и дестабилизирачките активности на малигни актери и стратешки конкуренти кои се закана за постоечката безбедносна архитектура и меѓународниот поредок.
За време на престојот во Брисел, предвидено е министерот Муцунски да оствари и низа билатерални средби.

