Општество
Александар Матовски Цако ќе зборува пред ОН за Даунов синдром
Александар Матовски Цако, младо момче со Даунов синдром, ќе има свој говор како само- застапник на интернационална конференција посветена на 21-ви март Светскиот ден посветен на лицата со Даунов синдром.
Секоја година, конференцијата е на различна тема, а оваа година темата на која ќе се обратат сите говорници е инклузијата.Александар ќе даде акцент на неговата лична приказна. Преку примери за неговата редовна вклученост во образовниот систем, социјалната интеграција, поддршката од институциите и околината, Александар ќе се обиде да покаже и истакне дека токму овие елементи се најважни во развојот на децата, младите луѓе и можноста во иднина да бидат независни и самостојни возрасни. Александар на оваа конференција ќе оди во придружба на својата сестра Марија Матовска. Александар, како и целата фамилија Матовски, посебно истакнуваат благодарност до УНИЦЕФ Македонија, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ и Технолошко – металуршки факултет – Скопје, ЦИРКО и Семос – Скопје, Метал терм и Еуро левел Скопје за целокупната финансиска поддршка. Александар Матовски е роден на 3 февруари 1991 во Скопје, Македонија, како второ дете во семејството Матовски. На 3 месеци му е дијагностициран Даунов синдром. За родителите на Цако ова било шок. Сепак, тие одлучиле дека ќе се борат за нивното дете. Од тогаш наваму тие тоа и го прават со голема поддршка од своите други две деца, поголемата ќерка Марија и помалиот син Бојан, како и своите блиски роднини и пријатели. Од многу рана возраст Цако работи со логопед, психолог, како и воспитувачките во редовната градинка во која бил вклучен од двеипол годишна возраста. Во 1998 година тој започнува да оди во редовно основно училиште, токму во годината во која процесот на образовна инклузија беше инициран во Македонија. Цако во 2006 година го продолжува своето образование во едно од редовните средни училишта во Скопје. Средното училиште го завршува во 2010 година, и истата година се запишува на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје, со што станува првиот студент со Даунов синдром во Македонија.Денес, Цако ги завршува студиите и е еден од најистакнатите борци за човекови права и правата на лицата со Даунов синдром. Тој е член на Извршниот одбор на Центарот за младински активизам „Крик“, кој работи со лица со попреченост и се фокусира на интеграција во општеството. Тој е исто така активен член на Трисомија 21 – Скопје и Центар за Даунов синдром Македонија. Цако беше практикант во НВО „Моја кариера“ во периодот декември 2015 – февруари 2016 година, каде што работеше на мапирање на сите лица со попреченост во Македонија. Тој има учествувано во голем број на проекти посветени на лицата со посебни потреби на локално ниво: „Activate talks“, во организација на УНИЦЕФ и Младинскиот образовен форум, „Инклузивен танцов фестивал“, во организација на Tрисомија 21 и Dancers Unted MK, „Бал на различности“ и многу други. На меѓународно ниво, тој беше дел од Европскиот волонтерски сервис (ЕВС) во „Олде Вехте Фондацијата“ во Омен, Холандија во периодот јули – август 2013 година. Во септември 2013 година Цако беше претставник на УНИЦЕФ на работната средба за развој на пост – 2015 агенда за лица со инвалидитет, во Истанбул, Турција. Во март 2014 година, по повод Меѓународниот ден на лицата со Даун синдром, Цако ја претстави својата работа во Бања Лука, Босна и Херцеговина. Во ноември 2015 година, Цако беше дел од младинска размена посветена на вклучување на лицата со попреченост „You will never walk alone“ што се одржа во Мерсин, Турција.Во моментов, еден од најважните лични проекти на Цако е „Јас сум Цако“, авторска радио емисија, која се емитува секоја претпоследна среда во месецот на интернет радиото „Радио МОФ“. Во неговата емисија Цако става акцент на различни аспекти на животот на лицата со Даунов синдром и на лицата со попреченост во целина. Интересите на Цако вклучуваат: пишување поезија (тој има објавено две збирки поезија), танц (во Dancers United MK), фотографирање и карате (тој има кафен појас). Добитник е на многу признанија, сертификати и награди за својата работа./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Г.г. Стефан: Да ги зацврстиме единството и слогата, да ги надминеме разногласијата и меѓусебните поделби
Ариепископот Охридски и македонски заедно со Светиот архиерејски Синод, по повод велигденските празнувања, испраќа мир и благослов од Бога до свештенослужителите, монаштвото и до сите чеда на МПЦ-ОА.
– Христовото воскресение е смислата на нашето севкупно постоење. Тоа е стожерот околу којшто се одвива сиот наш живот и камен-темелникот врз којшто се гради сиот наш подвиг на верата, на надежта и на љубовта во Бога. Тајната на Христовото воскресение го преобразува и го вообличува севкупниот наш поглед кон светот и човекот, кон времето и вечноста. Зашто, токму ова спасоносно собитие е најголемата вистина којашто му беше објавена на човековиот род и токму оваа Тајна над тајните е најрадосното благовестие со коешто велегласно беше возвестена конечната победа на животот над смртта, на доброто над злото и на љубовта над омразата, вели г.г. Стефан меѓу другото во обраќањето.
Македонија
Православните верници го слават Велигден
Православните верници денеска го слават најголемиот христијански празник Велигден – Христовото воскресение, ден кога Исус Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите. Воскресението Христово на полноќ беше објавено во сите храмови на Македонската православна црква, а денеска се одржуваат воскресенски литургии.
Поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан богослужеше во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје од каде го објави Христовото Воскресение и упати Велигденски пораки.
Македонија
Годишен извештај на Народниот правобранител: Помалку претставки од граѓаните за работата на јавните обвинителства
Во извештајната 2023 година, во областа која се однесува на работата и постапувањето на обвинителствата во Република Северна Македонија поднесени се 63 претставки што е за 24 помалку во однос на 2022 година, се констатира во Годишниот извештај за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права во 2023 година што го објавува Народниот правобранител на Република Северна Македонија.
Согласно објавените податоци, бројот на претставки на граѓаните на годишно ниво се намалил за повеќе од 38%, што претставува резултат на заложбите на Јавното обвинителство за зголемување на ефикасноста на постапките и континуираните напори за подобрување на довербата на граѓаните во работата на јавните обвинителства.
Во најголем број од претставките граѓаните бараа интервенција во врска со постапки пред основните јавни обвинителства (51), потоа пред Основното јавно обвинителството за организиран криминал и корупција (4), постапка пред Јавното обвинителство на РСМ (3), пред вишите јавни обвинителства (2), друго (2) и една претставка се однесуваше за постапка пред Совет на јавни обвинители. Ваквиот сооднос е очекуван со оглед на обемот на предметна работа и фактот што токму јавните обвинителства со основна надлежност го прават првиот директен контакт на граѓаните со институцијата.
Доколку се има предвид вкупниот обем на работа на јавните обвинителства кои активно постапуваат по поднесени кривични пријави за над 40.000 сторители на кривични дела во текот на годината, поднесените 63 претставки до Народниот правобранител претставуваат околу 0,1% од таа бројка. Притоа, граѓаните во посочените предмети изразувале незадоволство поради непостапување по поднесена пријава на кривично дело, одолжување на постапката или поради незадоволство од донесена одлука. Од тие причини Народниот правобранител, меѓу останатите препораки во извештајот, во делот на Јавното обвинителство препорачува основните јавни обвинителства да ги доставуваат јавнообвинителските одлуки до странките и да им се овозможи правото да ги обжалат до повисоките јавни обвинителства, да постапуваат поажурно и навремено да преземаат дејствија, да го почитуваат рокот од 3 месеци доколку не донесат јавнообвинителска одлука да го известуваат повисокиот јавен обвинител и пријавителот, за да нема сомневање и страв дека гонењето ќе застари.
Сите овие забелешки Јавното обвинителство ги зема предвид, детално ги анализира и ќе продолжи да презема активности за дополнително зголемување на ефикасноста, на транспарентноста и на отчетноста за постапките што ги води. Ваквите заложби на Јавното обвинителство се веќе воспоставен начин на работа при што уште во извештајот за 2022 година омбудсманот констатираше дека за разлика од претходните години, сега јавните обвинителства, особено издвојувајќи ги Основното јавно обвинителство Скопје и Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, постапуваат по барањата на Народниот правобранител, даваат суштински и целосни одговори за бараните информации од постапките, се вели во соопштението од Јавното обвинителство.