Македонија
(Видео) Заев ги испрати фудбалерите на Европско првенство
Претседателот на Владата Зоран Заев денеска на Меѓународниот аеродром Скопје ја испрати македонската фудбалска репрезентација за Букурешт, Романија, каде што ќе се одиграат првите два натпревара од Европското првенство во фудбал.
На испраќањето премиерот Заев на фудбалерите и на стручниот тим им посака успешен настап на ЕВРО 2020, среќа, добра тимска игра и фер плеј и да продолжат со успесите со кои веќе испишуваат нови страници во историјата на македонскиот фудбал пласирајќи се на Европското првенство.
Нашиот национален тим, порача премиерот, покажа дека со упорна работа, со храбро срце на терен и нашата фудбалска репрезентација може да биде дел од најголемите европски тимови.
![]()
„ Сакам уште еднаш да ви се заблагодарам и да ви оддадам почит од сè срце, за тоа што нè израдувавте и нè правите горди Македонци! Сакам да ви посакам успех, добро здравје и одлична тимска игра! Секако ќе се радуваме на сите ваши, какви било резултати! Сакам посебно да истакнам дека вашето вложување на теренот, умешноста, храброто срце на терените, нас гледачите нè прават посебно горди и сите ние заедно испраќаме пораки на поврзаност и заедништво“, потенцираше премиерот Заев.
![]()
Тој додаде дека нивната тимска игра, почитувањето и односот кон државата и припадноста пренесува една огромна порака дека само со заедништво, почитување и обединување, победата е можна.
![]()
„ Вие, почитувани наши национални претставници, членови на македонската репрезентација, вие уште сега сте нашите победници! Вие сте нашата гордост! Нека победи фудбалската игра и спортскиот дух“, им порача премиерот Заев на фудбалерите на заминувањето за Букурешт, Романија, каде што ќе се одиграат првите два натпревари од Европското првенство во фудбал.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерството за здравство ги кани на соработка нашите лекари кои работат во странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.

