Свет
На Малта се запленети 740 килограми кокаин во контејнер со банани наменет за Балканот

Кокаин во вредност од 100 милиони евра е откриен во Малта, во контејнер со банани, кој требал да биде испорачан во Словенија.
Запленети се рекордни 740 килограми кокаин, кој според проценките, преку улична продажба би донел заработка од 100 милиони евра, а контејнерот во кој била пронајдена дрогата бил на пат од Еквадор до Словенија, пренесуваат словенечките медиуми, повикувајќи се на објава на царината во Малта.
Станува збор за рекордна заплена на кокаин во земјата, поголема од ланската заплена на 612 килограми дрога во брод што патуваше на линија Еквадор-Колумбија-Либија.
Малтешката царина соопшти дека откривањето на дрогата е резултат на операција која траела подолго време. Пребарани биле 1080 кутии банани, од кои 37 кутии содржеле вкупно 740 пакети со бела супстанца. Лабораториски било утврдено дека се работи за кокаин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Руте: Шокирани сме, нападот докажува дека не смееме да бидеме наивни во врска со Русија

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес изјави дека руските напади врз Киев синоќа, кои ги погодија цивилните области и дипломатската мисија на ЕУ во Киев и убија најмалку 18 лица, покажуваат дека рускиот претседател Владимир Путин е подготвен да ја продолжи војната.
„Сите сме шокирани од она што се случи, пред сè затоа што станува збор за напади кои не се врз воени цели, ова се цивилни цели. Додека се обидуваме да направиме сè за да го поддржиме американскиот претседател Доналд Трамп да ја заврши оваа војна, во меѓувреме, рускиот претседател Путин е подготвен да продолжи со неа, да продолжи да напаѓа невини цивили во Украина“, рече тој на прес-конференција во германскиот град Вирцбург.
Тој истакна дека денес се консултирал со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и високата претставничка за надворешни работи, Каја Калас, по рускиот напад врз претставништвото на ЕУ во Киев, објави германската Н-ТВ.
„Нападот уште еднаш докажува дека не смееме да бидеме наивни во врска со Русија“, предупреди Руте.
Сепак, тој рече дека Русија е способна за хибридна војна.
„Доколку сметаат дека е потребно, можат дури и да извршат атентат“, нагласи Руте.
Според него, Русија се обидува да го наруши и цивилниот воздушен сообраќај, на пример во Германија и балтичките држави.
Фото: принтскрин
Свет
Аракчи: Иран ќе одговори на повторното воведување на санкции

Министерот за надворешни работи на Иран, Абас Аракчи, денес изјави дека земјата ќе одговори на „нелегалниот потег“ на Велика Британија, Франција и Германија (Е3), кои го иницираа механизмот за повторно воведување на санкциите на ОН врз Техеран поради неговата нуклеарна програма. Според агенцијата Тасним, шефовите на дипломатиите на Е3 го информирале Аракчи за одлуката за покренување на овој механизам и изразиле подготвеност наскоро да најдат решение што ќе спречи понатамошни чекори кон воведување санкции.
Аракчи изјавил дека оваа одлука на европските земји е „неоправдана, нелегална и нема правна основа“, велејќи дека Иран ќе одговори на овој потег за да ги заштити и обезбеди своите национални права и интереси во согласност со нуклеарниот договор од 2015 година и меѓународното право.
Иранскиот дипломат ја повика Е3 да усвои „одговорен пристап“ кон ситуацијата и да го исправи овој „погрешен потег“.
Земјите од Е3 претходно денес соопштија дека одлучиле да го активираат таканаречениот механизам за повлекување на санкциите пред да ја изгубат можноста да ги обноват санкциите врз Техеран кон средината на октомври, кои беа укинати според нуклеарниот договор од 2015 година.
Овие три земји понудија да ги одложат санкциите за период до шест месеци со цел да се овозможат сериозни преговори, доколку Иран продолжи со целосни инспекции на ОН и започне разговори со САД, пренесува Танјуг.
Фото: принтскрин
Свет
Ердоган ја претстави турската „Челична купола“

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вчера официјално го отвори интегрираниот систем за воздушна одбрана на Турција, познат како „Челична купола“, кој го опиша како пресвртница за земјата и нејзината одбранбена индустрија.
„Ова е знак на сила за Турција. Воведуваме нова ера за нашата сакана Турција во воздушната одбрана“, рече Ердоган на настан во објектите на одбранбената компанија Аселсан во Анкара. Владата на Ердоган го објави почетокот на развојот на Челичната купола, кој интегрира платформи за воздушна одбрана и сензори од морето и копното во мрежа за заштита на турското небо, во август минатата година.
Ердоган истакна дека најновата фаза од проектот се состои од 47 возила во вредност од речиси 400 милиони евра кои ќе „влеат доверба кај пријателите и страв кај непријателите“. Турската влада не прецизираше кога системот ќе биде целосно оперативен.
„Ниту една земја која нема способност да развива сопствени радарски и воздушни одбранбени системи не може да гледа кон иднината со доверба во однос на актуелните безбедносни предизвици, особено во нашиот регион“, рече Ердоган.
Турција претходно се обидуваше да ја зајакне својата воздушна одбрана со купување на ракетниот систем С-400 од Русија во 2019 година. Сепак, овој потег доведе до тоа Американците да ја суспендираат продажбата на невидливи авиони Ф-35 на Турција, поткопувајќи ги одбранбените цели на Анкара, пишуваат медиумите.
Конфликтите во Сирија и Украина, како и неодамнешните израелски напади врз Иран, ја интензивираа потребата на Турција да развива подобра воздушна одбрана.
Ердоган, исто така, ги претстави новите производствени капацитети на Аселсан, кои треба да се отворат во 2026 година. „Во следните 50 години, Турција ќе биде земја која не само што ги задоволува сопствените потреби, туку и ќе биде лидер во светот во својата технологија“, рече тој.
Фото: принтскрин