Македонија
Димитров-Шоле: Неодложно отпочнување на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ
Попладнево вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров телефонски разговараше со Дерек Шоле, Советникот на Стејт департментот и посебен советник на државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, со надлежност во однос на важни прашања од надворешната политика.
Соговорниците се надоврзаа на точките кои беа разговарани во април годинава, односно статусот на европското досие на Северна Македонија и актуелните можности за пробив на европскиот пат за време на португалското претседавање со Советот на ЕУ, информираат од кабинетот на Димитров.
Тој ја нагласил важноста на ова прашање во контекст на иднината на процесот на проширување на ЕУ со земјите од регионот што има силни геополитички импликации во однос на стабилноста и сигурноста на регионот и континентот.
„Пристапувањето на Западниот Балкан кон Европската Унија претставува инвестиција во стабилноста бидејќи европската визија за регионот подразбира демократија, владеење на правото, заемна соработка врз основа на почитување и заеднички вредности и интереси, наспроти истакнување на важноста на границите, поделбите и разликите како антипод на оваа идеја. Северна Македонија ја потврди таквата визија и покажа лидерство за обезбедување регионална безбедност, мир и соработка, а во насока на реализирање на заедничката стратешка цел – пристапување во евро-атлантската заедница што покрај членство во НАТО треба да биде заокружена и со полноправно членство во ЕУ“, изјави Димитров.
Од американска страна, беше потврдена поддршката за неодложно отпочнување на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ бидејќи неисполнувањето на ветувањето засновано на постигнатите резултати придонесува кон дестабилизација на состојбата во регионот. Во таа насока, советникот Шоле ја нагласи американската поддршка на португалското претседателство и напорите за отпочнување на пристапниот процес. Тој исто така се заблагодари на врвната организација на неодамнешната НАТО вежба „Одлучен удар 21“, на армискиот полигон Криволак во комплексни услови, со оглед на пандемијата и изрази задоволство за сојузништвото меѓу двете земји.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Со милошевичко – орбанистички пристап, власта го загрози проектот „Скопје – Европска престолнина на културата“
Од ВМРО-ДПМНЕ да не се прават на Тошо. Ако денес го признаваат хаосот во проектот „Скопје – Европска престолнина на културата“, тогаш нека кажат и кој го создаде тој хаос. Муцунски, Орце Ѓорѓиевски и Љутков се на власт. Тие го заглавија проектот, го водеа спротивно на закони, без транспарентност, без консултации и без вклучување на културниот сектор. Денес сами признаваат дека бил блокиран, а од кого, од нив, велат од СДСМ.
Од партијата велат дека со нивниот милошевичко – орбанистички пристап кон невладиниот и независниот културен сектор, оваа власт не само што го загрозила кредибилитетот на проектот, туку ги срушила и неговите темели:- плурализам, уметничка слобода и европски стандарди.
„Видовме и која е нивната визија: Скопје престолнина на кичот. Затоа Љутков, наместо да го турка овој европски проект, откако е министер, само се жали дека СДСМ не го одржувала скапо платениот стиропор од Скопје 2014. Културната престолнина не е партиски плен за блиски фирми и „клиенти“, туку европски процес што треба да го води целата културна фела – уметници, институции, независна сцена, академска заедница. Затоа, должни се пред македонската јавност да одговорат: Кoja е нивната визија за проектот? Што точно образлагале во Брисел? Каква програма презентирале? Кои реформи ги гарантираат?“, велат од СДСМ.
Од опозицијата наведуваат дека досега се виделе само импровизации, затвореност, игнорирање на секторот и манипулации за дневнополитички потреби.
„Скопје ќе биде европска престолнина на културата само ако се врати духот на европските вредности: отвореност, транспарентност, професионализам и вистинска поддршка на уметниците. А тоа е невозможно со власт која ја става културата во кафез и ја води како партиски проект, без концепт и без одговорност“, сметаат од СДСМ.
Македонија
Мицкоски на Самитот на лидери во Тирана
Премиерот, Христијан Мицкоски, утре, петок, ќе присуствува на Самитот на лидери „Нашиот план до ЕУ“ кој ќе се одржи во Тирана, Република Албанија.
Предвидено е на панел дискусијата насловена „Исполнување на заеднички обврски, резултати и забрзување“ да се обрати премиерот Мицкоски.
Македонија
Мицкоски во Тирана на отворање на новите канцеларии на Македонското здружение „ВМРО-ДПМНЕ Албанија“
Денеска во Тирана во присуство на голем број Македонци од Албанија претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Владата Христијан Мицкоски, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓоргија Сајкоски и претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ Жаклина Пешевска, на покана на Македонско здружение „ВМРО-ДПМНЕ Албанија“ присуствуваа на отворање на новата канцеларија на ова здружение.
Мицкоски во обраќањето пред присутните ја нагласи и можноста на Македонците во Албанија да имаат свој клуб, можност за здружување, можност слободно да работат на зачувување на својата култура, идентитет, јазик и традиција, можност што ја немаат Македонците во Пиринскиот дел на Бугарија.
„Македонците во Пиринскиот дел ја немаат оваа можност да се организираат, во 21 век се спречени да регистрираат невладино здружение, не можат да зборуваат слободно за својот македонски идентитет. Ние сме вредни, трпеливи и умни и ве уверувам дали сега или во периодот којшто следи, ќе дојдеме до таа цел“, посочи Мицкоски.
„Мене ми е драго што на сите овдека ни е јасен тој наш вековен автентичен македонски корен и наш вековен македонски идентитет. Како што можам да забележам македонскиот јазик се негува и се чува и тоа особено ме импресионира вечерва“, додаде тој.

