Македонија
Битиќи: Адаптацијата на климатските промени клучен предуслов за опстанок на видовите
Климатските промени предизвикуваат влијанија кои имаат големи размери и предизвикот за адаптација расте со големината и стапката на климатски промени. Дури и најефикасното ублажување или митигација на климатските промени преку намалување на емисиите или зголемено отстранување на стакленичките гасови од атмосферата, не би спречило понатамошни влијанија на климатските промени, што ја прави потребата за адаптација неизбежна, нагласи вицепремиерот Фатмир Битиќи, кој заедно со министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини и постојаната претставничка на УНДП во Северна Македонија, Нарине Сахакјан, се обратија на иницијалната работилница за изработка на Националниот план за адаптација на климатски промени, кој ќе се изработува со учество на сите засегнати страни во општеството.
„ Ние мора итно да ги зголемиме инвестициите во адаптација на климата, особено да подготвиме решенија кои ќе се засновани на потребите на природата, за да изградиме поотпорни општества, економии и екосистеми. Климатските промени имаат потенцијал да ги дестабилизираат и економиите и општествата, соединувајќи други еколошки предизвици и поткопувајќи ги напорите за одржлив развој. Ова прилагодување вклучува многу области како што се инфраструктурата, земјоделството, здравството, економијата, образованието и друго. Затоа, разбирањето на врската помеѓу климатските промени и другите сектори е важен дел од нашата работа“, подвлече вицепремиерот.
Осврнувајќи се на законите на природата, тој нагласи дека адаптацијата на климатските промени е клучен предуслов за опстанок и преживување на видовите, а тој принцип се пресликува и во бизнисот, но и во било кој сегмент од живеењето: најиздржливите и прилагодливи тимови успеваат повеќе од оние кои се крути и не сакаат да се менуваат.
Министерот Нуредини потенцираше дека аспектот на адаптација е подеднакво важен како и аспектот за ублажување на климатските промени.
„ Подготовката и усвојувањето на Националниот план за адаптација како еден од најважните документи при планирањето се предвидени и во Нацрт-законот и Долгорочната стратегија за климатска акција,“ подвлече министерот Нуредини во воведното обраќање, дополнувајќи дека МЖСПП иницираше и процес на воведување на систем за следење/известување и верификација како алатка која ќе го следи напредокот во однос на националните климатски цели и спроведувањето на политиките и мерките за ублажување и прилагодување, а исто така ќе ги евидентира и презентира климатските инвестиции во земјата.
Постојаната претставничка на УНДП во Северна Македонија, Нарине Сахакјан рече дека кога станува збор за адаптација кон климатските промени, не постои „едно решение за сите“.
„Затоа сме денес тука, да осигураме дека со партиципативен и целосно транспарентен пристап предлогот за подготовка на Националниот план за адаптација кон климатските промени е заснован на приоритетите на државата, е во согласност со останатите секторски политики, е родово одговорен и ги зема во предвид интересите на ранливите групи“, подвлече Сахакјан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Влен“: Со еден глас, Албанците го запечатија крајот на ерата на Ахмети!
„Изборите што ги нарекоа „референдум“ завршија како политички суд против оние што го држеа албанскиот народ како заложник 23 години со лаги и измами. Граѓаните јасно проговорија дека времето на манипулаторите е завршено“, велат од „Влен“.
„Двата круга од овие избори докажаа дека Демократската Унија за Интеграција е избришана од политичката карта на Северна Македонија. По две децении манипулација, оваа партија стана мала структура, без поддршка и без политички легитимитет.
Ова не го кажува ВЛЕН, го кажува слободниот глас на Албанците.
Во првиот круг, ВЛЕН убедливо победи во Чаир, Сарај, Арачиново, Желино и Теарце. Во вториот круг, Албанците ја запечатија промената во Боговиње, Дебар, Струга, Долнени и Тетово. Овие победи не се случајности, тие се отворено отфрлање на старата политика и потврда на вербата во новата политика.
Албанците точно знаат кој работи, а кој измамува, кој дели, а кој обединува.
Ова јасно гласање е крај на една ера и почеток на нова визија за албанската политика.
ВЛЕН го чита овој резултат како почеток на политика на одговорност, мерена со работа, понизност и почит кон граѓанинот. Нема да зборуваме за губитниците бидејќи Албанците веќе проговорија“, соопштија од „Влен“.
Македонија
Делови од пет скопски општини денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од село Долно Лисиче. (Општина Аеродром)
· од 08:30 до 12:30 часот, корисниците од дел од ул. Димче Милошевски. (Општина Гази Баба)
· од 09:00 до 12:00 часот, корисниците од дел од ул. 1 во с. Сопиште. (Општина Сопиште)
· од 09:00 до 13:00 часот, корисниците од дел од ул. Димитар Мирсачев. (Општина Кисела Вода)
· од 09:00 до 15:00 часот, корисниците од објектите во околината на ул. Леринска бр. 3. (Општина Карпош)
Македонија
Променливо облачно, претпладне слаба магла, попладне повремени врнежи од дожд
Променливо облачно, претпладне по одделни котлини со појава на магла. Попладне и во текот на ноќта ќе има повремени локални врнежи од дожд и услови за ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 8, а максималната ќе достигне од 16 до 21 степен.
Во Скопје, променливо облачно, претпладне во делови од котлината со појава на слаба магла. Попладне и во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 18 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на променливо облачно време, по одделни котлини со појава на утринска магла. Во вторник ќе има повремени локални врнежи од дожд и ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер. Дневната температура ќе опадне за неколку степени. Во среда и четврток ќе преовладува претежно стабилно време, а локални врнежи од дожд повторно се очекуваат во деновите од следниот викенд.

