Македонија
(Видео) Заев и Рама потпишаа договор за заеднички гранични и царински контроли

Претседателот на Владата Зоран Заев денеска во Тирана учествуваше на Самитот на земјите од Западен Балкан чиј домаќин беше премиерот на Албанија, Еди Рама.
На маргините на Самитот двајцата шефови на влади го потпишаа Договорот за воспоставување заеднички гранични и царински контроли на граничните премини меѓу Република Албанија и Република Северна Македонија.
Во изјавата за медиумите премиерот Заев истакна дека Договорот е уште еден чекор во градењето на одличните односи помеѓу двете земји, кои како добри пријатели и соседи го имаат како приоритет олеснувањето на меѓуграничниот проток во интерес на граѓаните и на деловните заедници.
„ Навистина е задоволството кога двајца многу добри пријатели коишто водат извршна власт на две одлични земји по своето пријателство ќе направат чекор кон збогатување и усовршување на тоа пријателство. Со потпишувањето на денешниот договор завршуваме еден сериозен процес на којшто работеа нашите Влади за да го отвориме „one stop shop“ терминалот каде што нашите граѓани ќе го преполоват своето чекање во делот на поминувањето на нашите граници, но пред сѐ и над сѐ, ќе се создадат услови за остварување на четирите европски слободи за слободен проток на стока, луѓе, капитал на услуги“, рече премиерот Заев во своето обраќање по потпишувањето на договорот.
Во таа насока воспоставување заеднички гранични и царински контроли на граничните премини меѓу Република Албанија и Република Северна Македонија ќе придонесе за зголемување на пропусната моќ на преминот за стокови пратки, за намалување на времето потребно за вршење на гранични формалности и значително ќе ја подобри инфраструктурата за примена на современи средства за контрола.
Претседателот на Владата Заев уште додаде дека двете земји како членки на НАТО, партнери, меѓусебно се помагаат и заедно се исправени пред предизвикот на следниот чекор на нашите процеси кон европските интеграции.
„Убедени сме дека секојдневно даваме само повеќе аргументи на европските пријатели за да донесат конечно позитивна одлука. Друг пат за нас нема, тоа е патот кон ЕУ затоа што нашите граѓани ги сакаат европските вредности да ги живеат овде, во Албанија, во Тирана, во Северна Македонија, во Скопје. Ќе продолжиме на тој начин да работиме сé со конечна цел да оствариме што е можно поголема благосостојба, поголем економски просперитет и поголема среќа за Албанците, за македонскиот народ и сите етнички заедници кои што живеат во Северна Македонија“, рече премиерот Заев.
Премиерот на Република Албанија, Еди Рама од своја страна потенцираше дека овој договор значително ќе го олесни движењето меѓу граѓаните на двете држави.
„ Сакам и јавно да му се заблагодарам од сè срце на Премиерот за неговиот енергичен пристап до крај и за неговата непоколеблива волја да го придвижи овој процес напред, како на билатерален аспект, така и на регионално ниво, и секако ја користам оваа прилика да му се заблагодарам за неговото доаѓање и присуство овде заедно со целиот свој тим“, рече премиерот Рама на церемонијата по повод потпишувањето на Договорот за воспоставување заеднички гранични и царински контроли на граничните премини.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Нека се препелкаат во национализмот, во лажниот патриотизам и во својата неспособност, вели Филипче за ВМРО-ДПМНЕ

Претседателот на СДСМ Венко Филипче од вечерашнава граѓанска трибина во Центар порача дека ВМРО-ДПМНЕ зборува за загари и орли додека младите се селат. Филипче испрати порака дека жално е што зад црната кампања не се крие само неспособна власт, туку власт која не сака напредок, не сака дијалог и не сака компромиси. Тој исто така рече дека ВМРО-ДПМНЕ со ваквото владеење е непријател на државата.
„Тоа е власт која се храни и одржува од внатрешни поделби, од сиромаштија која ја контролира со корупција и од хаос во кој се создава апатија. Ова е целта. Но јас во нивната кал нема да влегувам, туку ќе продолжам да ги разобличувам. Нека се препелкаат во национализмот, во лажниот патриотизам и во својата неспособност самите тие. Ги слушам, едните биле загари и орли, другите за врапчиња и што уште не. Театар за деца“, рече Филипче.
Филипче на трибината исто така рече дека подмолните обиди на ВМРО-ДПМНЕ за поделба на граѓаните, секојдневните етикетирања на опозицијата како „предавници“, режимските практики се доблестите кои и оваа влада ги носи се едни од најлошите времиња на груевизмот.
„Не е времето кратко да се види дека имаме власт отуѓена од народот, власт која партизира, узурпира и одбива да го слушне крикот на граѓаните за подобар живот и за напредок. Сведоци сме на одвратна лажна и црна кампања против СДСМ која ја водат од првиот ден власт. Оваа мизерна и ниска кампања на ВМРО-ДПМНЕ е одраз на нивната немоќ и неспобност. Но суштина е уште поболна, а тоа е дека зад кампања се кријат нивните лоши намери за иднината на оваа земја“, рече Филипче.
Македонија
Герасимовски: Центар е нова приказна, целосно реновирани сите училишта, учениците добиваат два затворени базени

Кандидатот за Градоначалник на Општина Центар од СДСМ, Горан Герасимовски, вечерва пред центарци истакна дека во изминатите четири години постигнато е многу за развој на општината.
Тој, информираше дека е изградена најдобрата градинка во Македонија, и подготвена е изградба на уште една нова.
„Ги реновиравме целосно сите училишта. На две училишта веќе поставивме фотоволтаици. Нашиот План е сите училишта и градински да имаат фотоволтаици на крововите. Нашите ученици добиваа ранци и прибори, сигурност и најдобро образование, добија униформи, а од сега ќе имаат и бесплатни здрави оброци и национална екскурзија за да ги сакаат уште повеќе и Центар и Македонија. Нашите ученици добиваат и два затворени базени и нови внатрешни и надворешни спортски терени“, рече Герасимовски.
Потенцираше дека во ова, како што рече, невреме за Скопје, кога граѓаните се дават во ѓубре и ефтини политички битки, решил да работи поинаку, не заради себе, туку заради граѓаните, затоа што тие не сакаат јалови кавги.
„Граѓаните не сакаат докажувања кој е полош. Од такви кавги не се живее подобро, од такви политичари нема резултати. Во овие четири години се водев од основните човечки вредности и принципи, да работам без пардон, и да не мислам на себе. Да работам чесно. Да работам одговорно. Да давам отчет цело време. Да работам за сите. Да ги слушам сите. Да обединувам. Да не ги делам луѓето. Да мислам за сите искрено, да помагам на сите. Да бидам достапен за сите. Така почнав од самиот почеток, така живеев и работев секој ден. Сакав Центар да стане подобро место за живеење за сите, и уверен сум дека во тоа и успеавме“, изјави Герасимовски.
Македонија
По изборите ресет на системот, да изградиме правна држава и непристрасно правосудство, порача Мицкоски

Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, се обрати на денешниот народен митинг во Македонски Брод, во рамки на изборната кампања за локалните избори 2025 година, со слоган ,,Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина! Мицкоски зборуваше дека се неопходни реформи, ресет на системот кој ќе донесе подобар живот и владеење на правото.
Истакна дека судството мора да биде непристрасно и непокорливо, судиите да судат според законот, а не според влијанија.
„Моментот што го чекале генерации е пред нас, време за ресет на системот, време да ги скршиме ланците на неправдата и да изградиме држава на правда, слобода и грижа за секого. Судството мора да биде непристрасно и непокорливо, судии кои судат според законот, а не според влијанија; институции кои штитат, а не кои молчат; процедури кои враќаат доверба, а не кои создаваат сомнеж. Правдата не смее да биде привилегија на малкумина, туку право на секој граѓанин брза, достапна и ефективна. Слободата не е само збор во уставот, туку жив начин на живот: слобода на мислење, слобода на говор, слобода од страв и притисок. Здравствениот систем ќе биде столб на оваа држава модерни болници, достапни лекови, стручен кадар и превенција што штити семејства, наместо да ги остави ранливите сами да се борат. Ќе поставиме јасни правила, транспарентни процеси и нулта толеранција кон корупцијата која тоне животи и ја кочи промената. Овој ресет ќе биде праведен, но безмилосен кон оние што го злоупотребувале народот ќе вратиме одговорност, ќе го вратиме достоинството и ќе изградиме систем на кој гордо ќе му служиме. На сите нивоа, од најмалите служби до поголемите структури, постојат елементи кои функционираат како дел од една „длабока држава“ не само во едно Министерство или една партија, туку во мрежи кои понекогаш се шират низ партии, институции и, жално, понекогаш и низ етничките заедници“, истакна Мицкоски.
Додаде дека најавениот ресет не е реванш, туку враќање на довербата во институциите и владеење на правото.
„Ова не е напад врз народот, ова е повик на одговорност: каде што имало злоупотреба, ќе има истрага; каде што имало влијание, ќе има транспарентност; каде што имало корупција, ќе се воведе сила на правото. Ние нема да дозволиме никој да се крие зад статуси или мандати додека ги краде шансите на граѓаните. Реформите што ги најавуваме судска реформа, реформа на правосудството, реформа на администрацијата и целосна дигитализација на услугите ќе ги исечат вкоренетите врски и ќе ги вратат институциите кај граѓаните. Овој ресет не е реванш, туку вразумување: чесноста ќе биде мерило, отчетноста ќе биде правило, а слободата и правдата повторно ќе станат неприкосновени вредности. Јас и оваа Влада ќе работиме со цела сила, рамо до рамо со граѓаните и со партнерите кои веруваат во правото, за да изградиме држава каде што институциите служат на народот а не на сопствени интереси. Заедно ќе го направиме тој ресет; заедно ќе ја вратиме довербата“ истакна Мицкоски.
Ги повика граѓаните да излезат на 19 октомври и да гласаат за број 9.
„Мене ми е јасна состојбата со опозицијата на трикови, подземни коалиции но тоа нема да го коментирам. Затоа е многу е важно да излезете на избори и да гласате. Македонија е исправена и подготвена да оди напред! Нема поголема сила од народот кој верува, од народот кој знае што сака и кој знае дека иднината е во негови раце. Нашата борба не е само за една општина, не е само за еден град. Нашата борба е за секое семејство, за секое дете што сака подобро училиште, за секој млад човек што сака работа и останува тука, дома, во Македонија“, нагласи Мицкоски.