Македонија
(Видео) За еден ден казнети над 100 мотоциклисти поради непочитување на сообраќајните правила

Вчера се санкционирани 51 возач за возење под дејство на алкохол на територијата на целата држава, како и 112 возачи на мотоцикли кои не ги почитувале сообраќајните правила, соопшти портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.
„Засилените контроли продолжуваат и денеска и во наредните денови, а евидентно е намалувањето на бројот на сообраќајни незгоди во периодот кога овие контроли се спроведуваат. Како резултат на преземените мерки, намален е бројот на жртви во сообраќајни незгоди, 2020 година е година со најмал број на жртви (125). И во текот на 2021 година продолжува трендот на намалување на бројот на сообраќајни незгоди, како и бројот на жртви. Во периодот од 1 јануари до 15 април 2021 година бројот на сообраќајни незгоди е намален за 12 отсто во однос на истиот период лани, а бројот на жртви е намален за 14 отсто“, рече Ангеловски во Крушево.
Засилените акциски контроли, според Ангеловски, се насочени пред се кон санкционирање на прекршоците што, според анализите на МВР, се најчести причини за тешки сообраќајни незгоди, како што е возењето со поголема брзина од дозволената, возењето под дејство на алкохол.
„Апелираме до учесниците во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај“, рече Ангеловски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: Скандалот со испитниот центар во МВР мириса на корупција, бараме истрага

Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, денеска обвини дека тендерот за организирање возачки испити во МВР е тежок скандал и „смрди на корупција“.
Според Кузеска, новооснована фирма зад која стои советник на ВМРО-ДПМНЕ добила милионски договор и петгодишен монопол за полагање возачки испити во Битола, Прилеп и Ресен, иако, како што рече, не ги исполнувала основните услови за работа. Таа потсети дека МВР прво ја лиценцирало фирмата, а сега истиот тој испитен центар бил затворен бидејќи немал документација, стручен кадар и возила.
„Дали милионскиот тендер бил доделен само затоа што зад фирмата стои советник на ВМРО-ДПМНЕ? Ова се јасни индиции за однапред наместен тендер и корупција кои мора да се истражат“, изјави портпаролката на СДСМ.
Партијата побара Државната комисија за спречување корупција да отвори предмет, а Обвинителството да покрене истрага за да се утврди одговорност.
Македонија
(Видео) ВМРО-ДПМНЕ: Фризерница во време на Заев добивала Еразмус+ проекти за медиумска писменост вредни над 270 илјади евра

Членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, на денешната прес-конференција обвини дека за време на владеењето на СДСМ биле доделени сомнителни грантови преку програмата Еразмус+.
Според него, фризерско студио со две столчиња во период од три години добивало повеќе грантови за проекти поврзани со медиумска писменост во вкупна вредност од над 270 илјади евра. Манасиевски тврдеше дека сопственикот на фризерницата е близок пријател на поранешната директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова, како и активист на СДСМ.
„Ниту тогаш, ниту денес постои одговорност за сомнителните случаи каде што лица блиски до СДСМ добивале стотици илјади евра преку Еразмус+. Одговорност мора да има“, рече Манасиевски.
Тој додаде дека во СДСМ владее „паника и страв“ од разоткривање на, како што рече, криминалното владеење и дека правосудните институции треба да постапат.
Македонија
Царинaта спречи опасен шверц на илјадници лекови, против лице од Косово поднесена кривична пријава

Царинските службеници на граничниот премин Богородица открија и спречија обид за криумчарење на 4.577 парчиња небезбедни лекови, скриени во багажниот простор на изнајмено возило. Против едно лице, државјанин на Косово, Одделението за истраги во Секторот за контрола и истраги поднесе кривична пријава за сторено кривично дело „криумчарење“.
Станува збор за аналгетици, анестетици и антиалергиски раствори во стаклени вијали, кои биле во рефузна состојба, односно без оригиналното пакување, како и без соодветни дозволи и сертификати од надлежни институции. За да избегне царинска контрола, сторителот лековите ги наредил во редови и ги скрил меѓу патнички перничиња за врат, сместени во три картонски кутии.
Со ваквиот начин на транспорт се загрозува безбедноста на граѓаните, бидејќи лекови кои не се соодветно декларирани, складирани, транспортирани и без соодветни дозволи и сертификати можат да претставуваат сериозен ризик по здравјето.
По брзата реакција на инспекторите, кои работеа на случајот во текот на изминатото деноноќие, поднесена е кривична пријава до ОЈО Гевгелија, од каде што е изречена мерка за одземање на лековите.
Царинската управа ќе продолжи со засилени контроли на граничните премини со цел спречување на шверц на лекови и заштита на јавното здравје.