Свет
Бајден по средбата со Путин сам ќе се обрати пред медиумите
Американскиот претседател, Џо Бајден, ќе одржи одделна прес-конференција по неговиот состанок со Владимир Путин следната недела, изјави извор од Белата куќа, пренесе „Ројтерс“.
Според него, ова е најсоодветен формат за комуникација со медиумите.
Средбата на Бајден со рускиот претседател е закажана за 16 јуни во Швајцарија во вила од 18 век. Се очекува да се разговара за стратешката нуклеарна стабилност и односите меѓу Кремљ и Западот.
Белата куќа соопшти дека сè уште се разјаснува точно како ќе се одржи средбата меѓу Бајден и Путин, објави „Асошиејтед Прес“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Јануари 2025 година најтопол во историјата на планетата: соборен климатски рекорд, научниците загрижени
Европската климатска служба Коперник објави дека јануари 2025 година бил најтопол во историјата, пишува „Би-Би-Си“. Претходниот месец го собори рекордот од претходната година за речиси 0,1 степен.
Според нивното истражување, главната причина за глобалното затоплување е емисијата на гасови со ефект на стаклена градина, кои се предизвикани од човековата активност, пред се со согорувањето на фосилните горива. Сепак, научниците велат дека немаат целосно објаснување зошто токму овој јануари бил најтопол во историјата.
„Главната причина зошто рушиме рекорди и зошто го имаме овој повеќедецениски тренд на затоплување е тоа што го зголемуваме количеството на стакленички гасови во атмосферата. Сепак, конкретното објаснување зошто 2023, 2024 и почетокот на 2025 година беа толку топли, вклучува и други фактори. Се обидуваме точно да утврдиме кои елементи се ова“, изјави Гевин Шмит, директор на Институтот за NASA Studies.
Јануари 2025 година беше за 1,75 степени потопол од просечните јануарски температури од крајот на 19 век. На почетокот на 2024 година, глобалните температури се зголемија поради временските услови поврзани со феноменот „Ел Нињо“, кога невообичаено топлите површински води се проширија низ источниот тропски Пацифик, ослободувајќи дополнителна топлина во атмосферата.
„Да ме прашавте пред неколку месеци каков ќе биде јануари 2025 година во споредба со јануари 2024 година, ќе кажев дека ќе биде постудено. Сега знаеме дека не е, а навистина не знаеме зошто“, рече Адам Скајф, шеф на прогноза во Британската метеоролошка служба.
Свет
Трамп: Милијарди долари од УСАИД се украдени
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска повторно ја критикуваше американската Агенција за меѓународен развој (УСАИД) тврдејќи дека од таа агенција се украдени милијарди долари, јавува „Anadolu“.
„Изгледа дека се украдени милијарди долари од УСАИД и други агенции, а голем дел од нив одат на лажните медиуми како „исплата“ за производство на добри приказни за демократите“, напиша Трамп на Truth Social.
Неговата објава, според светските медиуми, дојде во време на дебата за медиумските организации кои добиваат владино финансирање што се интензивираше откако технолошкиот милијардер и шеф на Одделот за владина ефикасност (DOGE) Илон Маск критикуваше одредени медиуми за наводно примање плаќања од федерални институции.
Маск, кој беше назначен од Трамп да ја надгледува ефикасноста на владата, го коментираше трошењето на федералниот буџет во X, тврдејќи дека администрацијата на поранешниот претседател Џо Бајден обезбедила средства за одредени медиумски организации.
Маск посебно укажа на плаќањата преку агенции како УСАИД.
„Ова може да биде најголемиот скандал од сите нив, можеби најголемиот во историјата. Демократите не можат да се сокријат од овој. Преголем, премногу валкан“, напиша Трамп.
Свет
Унгарија објави дека размислува за повлекување од Светската здравствена организација
Кабинетот на унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска соопшти дека земјата може да се повлече од Светската здравствена организација (СЗО).
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп нареди повлекување на САД од СЗО речиси веднаш по преземањето на функцијата на 20 јануари, а вчера и Аргентина најави повлекување од Светската здравствена организација.
Министерот задолжен за кабинетот на унгарскиот премиер, Гергељ Гуљаш денеска изјави за новинарите дека верува оти „доколку најмоќната земја во светот одлучи да ја напушти меѓународната организација, тогаш би било разумно унгарската влада да размисли“ дали треба да го преземе истиот чекор, пишува „Политико“.
„Можеби ќе дојдеме до заклучок дека не мораме да го правиме тоа, можеби ќе донесеме некоја друга одлука, се разбира, но дефинитивно вреди да се размислува за тоа“, рече Гуљаш, наведувајќи го како аргумент дека „најсилната демократија во светот ја напушта Светската здравствена организација по своја волја“.
Трамп и неговите сојузници ја обвинија Светската здравствена организација дека се меша во суверенитетот на земјите, дека е под несоодветно влијание од Кина и дека нејзиниот одговор на Ковид-19 е недоволно компетентен, сите тврдења што генералниот директор на СЗО Тедрос Аданом Гебрејесус ги отфрли во обраќањето до земјите-членки во понеделникот.
„Како агенција на ОН, СЗО е непристрасна и постои за да им служи на сите земји и на сите луѓе“, рече Тедрос.
Тој додаде дека кога земјите поставуваат барања кои ја надминуваат мисијата на Светската здравствена организација за поддршка на глобалното здравје, од СЗО велат „љубезно, не“, пренесува Танјуг.