Македонија
Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ: Шилегов е единствениот градоначалник кој нема почнато капитален проект во својот мандат

Шилегов е најнеспособниот градоначалник во историјата на Скопје. Тој е единствениот градоначалник кој нема почнато капитален проект во својот мандат, обвинија од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
„И Ристо Пенов и Трифун Костовски ќе ги паметиме по нешто, Коце Трајановски по многу, а само Шилегов по ништо. Всушност, на Петре Шилегов сите ќе се сеќаваат како на градоначалникот кој не работеше ништо“, додаваат од советничката група.
Оттаму велат дека Град Скопје има 8,5 пати поголем долг сега отколку пред 4 години. Тие го обвинуваа Шилегов дека го задолжил Градот 8 и пол пати повеќе отколку што бил задолжен во времето на Коце Трајановски.
„Каде отидоа парите за кои Шилегов го задолжи Градот? Градот е во долгови, а нема никаков капитален проект. Завршија ли сите буџетски пари во тендери и набавки на двојно или тројно претплатени стоки и услуги? 4 години Шилегов, 4 години украден живот. Доста е!“, порачаа од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Шукова: Младински хабови, градски ваучер и нова гимназија Скопје станува град на можности за младите

Кандидатката за Градоначалничка на Град Скопје, Каја Шукова, ја претстави својата визија за модерен, инклузивен и младински ориентиран главен град кој нуди вистински можности за раст, развој и иднина.
„Мојата визија за Скопје е град што создава можности, особено за младите,“ истакна Шукова. „Како градоначалник, имам јасен план за младински хабови современи урбани простори каде младите добиваат директен пристап до компании, обуки, ментори и финансиска поддршка за нивните идеи.“
Според Шукова, младинските хабови се еден од клучните приоритети во нејзината програма. По примерот на големите европски метрополи, тие ќе бидат места каде младите ќе можат да развиваат свои идеи, да се вмрежуваат со компании и инвеститори и да стекнуваат практични знаења и искуства.
Во рамки на овие центри ќе биде обезбедено:
• поврзување со компании што бараат нов кадар,
• советување за избор на образование и кариера,
• обуки за дигитални вештини, претприемништво и личен развој,
• финансиска и менторска поддршка за млади претприемачи.
„Овие хабови ќе бидат мост меѓу младите и светот на бизнисот. Ќе помогнеме идеите да станат реалност, а талентот успех,“ нагласи Шукова.
За локации на првите младински центри, предвидени се катната гаража „Беко“, како и просториите во Воената кула кај Нова железничка во Аеродром, кои се во сопственост на Град Скопје.
Во делот на социјалните политики, Шукова најави и нова мерка градскиот ваучер „Скопје за сите“, кој ќе овозможи бесплатен јавен превоз, пристап до ЗОО, музеи, библиотеки и културни активности, како и субвенции за паркинг и спорт. Ваучерот е наменет за младите, семејствата со пониски приходи, пензионерите и лицата со попреченост.
„Со ваучерот ‘Скопје за сите’, ќе создадеме град што се грижи, град што е достапен и топол за сите генерации,“ порача таа.
Во сферата на образованието, нејзината програма предвидува реновирање и современо опремување на училиштата, зголемена поддршка за младински проекти за 300%, како и мрежа на младински центри, нова гимназија во Аеродром, дигитализација на наставата и Фонд за стипендии за спортисти и талентирани ученици.
„Со овие мерки, Скопје создава основа за град што ги задржува младите, отвора квалитетни работни места и вложува во знаење и иднина. Верувам дека кога ќе им дадеме можност на младите да успеат овде сите ќе успееме заедно. Ова е наш град. Овде ни е домот,“ порача Каја Шукова.
Македонија
(Видео) „Филипче трча на избори за да го спроведе планот и шемата на Заев со Бугарија, а не за граѓаните“, вели Петрушевски

„Филипче трча на избори за да го спроведе планот и шемата на Заев со Бугарија, а не за граѓаните. Венко Филипче посвети цел предизборен и изборен период на една единствена работа подметнување на Тројанскиот коњ преку таканаречената заедничка Резолуција за да и даде нов бонбона бизнис на Бугарија, кој Заев го договорил“, рече Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„А што договорил Заев, тој првин добил куферче, а дал стик со материјали и ветување и шема за преземање на две големи македонски фирми од фирми блиски до поранешен бугарски премиер.
Се што прави Венко Филипче во оваа кампања е во насока на реализација на планот на Заев, односно создавање на услови за некогаш тоа да се случи.
Планот сепак не им оди од рака, затоа што се разоткриени и затоа што СДС на овие избори ќе доживее уште еден историски дебакл како што доживеа и на претходните избори.
Планот и шемата на Заев по која работи Филипче не успева, народот го прочита СДС. Македонија не е и нема да биде нивна паричка за поткусурување“, изјави Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
(Видео) Андоновска: Мегафоните на СДСМ повикуваат на ликвидација на Мицкоски

Повод за овој прес е срамната и морбидна објава на социјалните мрежи од Бранко Тричковски, долгогодишен пропагандист и медиумски гласноговорник на СДС, кој во врска со настанот со лажната дојава за бомба во центарот на Скопје, пишува – цитираме: „Најголем предизборен штос би направиле кога во куферот би го напикале распарчaното тело на Христијан!“, изјави Викторија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ.
Според неа, овој морбиден испад не е изолиран случај, ниту дело на поединец со нарушена психолошка состојба. Според Андоновска, тоа е резултат на системскиот очај и политичкиот банкрот на СДС, кои, свесни дека немаат што да им понудат на граѓаните, се потпираат на омраза, лаги и повици на насилство.
„Кога мегaфоните на СДС повикуваат на распарчување на премиерот, тоа не е хумор – тоа е црна пропаганда насочена кон создавање страв, поделби и дестабилизација во изборен период. Тоа е дел од стратегијата на една потоната партија, која, наместо идеи, нуди омраза и агресија. Дополнително, фактот што медиуми кои важат блиски до СДС редовно ги објавуваат и промовираат ставовите на Тричковски, покажува дека станува збор за организирана хајка, диригирана од ист центар, со цел да се поттикне тензија, да се создаде впечаток на страв и да се измести фокусот од реалните теми што ја мачат државата и граѓаните. Да нема забуна – ова не е еден човек што зборува сам за себе, ова е гласот на очајот на СДС, кој се слуша преку нивните медиумски издувни вентили. Исто така, треба јасно да се потенцира и одговорноста на медиумите кои ги пренесуваат овие пораки — дали тоа го прават по налог и како дел од сценарио, или затоа што веруваат и се согласуваат со она што тој го пишува; во секој случај тие се соучесници во ширењето омраза и закани“, рече Андоновска.
Таа ги повика надлежните органи да проверат дали Тричковски има формални поврзаности со политички структури.
„Јасно нагласуваме: ова не е слобода на говор, туку повик за убиство — повик за криминален акт против животот на друг човек. Затоа, сите кои ги шират, ги оправдуваат или ќе го штитат овој човек немаат оправдување; тие се соучесници во поттикнувањето и нормализирањето на опасната реторика“, рече Андоновска и ги повика СДС јавно да се оградат од овој, како што кажа, срамен чин.