Црна хроника
Две лица обвинети за тешки кражби во Скопје
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог против две лица што се товарат дека сториле кривични дела тешка кражба, казниви според Кривичниот законик.
Обвинетиот 35-годишен скопјанец и обвинетата 25-годишна скопјанка, по претходен договор, заеднички влегле во куќа на улицата Венијамин Мачуковски и додека станарите спиеле, од масата во дневната соба одзеле две женски чанти во кои имало пари, банкарски картички и други документи. Една од оштетените го затекла обвинетиот до украдените чанти во раката и вознемирана го прашала што прави по што тој заедно со својата соизвршителка се дал во бегство. Веднаш по настанот, обвинетата употребила една од украдените картички и извршила вкупно седум трансакции во два маркета.
Само неколку дена подоцна, првообвинетиот, со совладување препреки, извршил уште една тешка кражба во стан во зграда на истата улица. Имено, тој успеал по фасадата на зградата и држачите од олукот да се искачи на висина од 2,5 метра, се прекачил на балконот од станот и преку незаклучената балконска врата влегол внатре. Од дневната соба одзел женска чанта со лични документи и банкарски картички, па веднаш го напуштил местото. Една од украдените картички веднаш ја употребил во маркет реализирајќи две трансакции.
Поради опасност од бегство, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за првообвинетиот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Едно лице загина во сообраќајна несреќа кај Кучевиште
Едно лице загина, а друго е повредено во сообраќајна несреќа што се случила вчера на локалниот пат с.Кучевиште- с.Кучевишка Бара.
Во несреќата учествувале патничко возило „форд фиеста“ со скопски регистарски ознаки, управувано од В.П.(65) од Скопје и патничко возило „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Ж.С.(57) од с.Кучевиште, скопско.
На местото на несреќата починал возачот на патничкото возило „форд“ В.П., а лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт.
Со телесни повреди се здобил возачот на патничкото возило „фолксваген голф“ Ж.С., констатирани во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот е предадено за обдукција, а извршен е увид од увидна екипа на СВР Скопје.
Црна хроника
Пијан 36-годишник од Кичево се однесувал агресивно во казино, двајца охриѓани се истепале во друго казино
Рано утрово, во 04:55 часот во СВР Охрид е пријавено дека во казино на улицата „Абас Емин“ во Охрид бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Л.У.(35) и М.„Н“, двајцата од Охрид. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, по што ќе следува соодветен поднесок, извести СВР Охрид.
Исто така ноќеска во 03:10 часот на улицата „Тане Цалески“ во Кичево, полициски службеници го приведоа 36-годишниот Р.С. од Кичево, постапувајќи по претходна пријава дека во казино во Кичево агресивно се однесувал кон вработените. По преземени мерки е констатирано дека е под дејство на алкохол, односно дека има 1,06 промили алкохол во крвта. Тој е спроведен во полициска станица и по целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Црна хроника
Без одобрение изградила пристапен пат и поставила армирана бетонска пристапна рампа: кривична пријава за охриѓанка
СВР Охрид поднесе кривична пријава против Д.Р.(40) од охридското село Велгошти.
Таа се сомничи за сторени кривични дела „бесправно градење“ и „узурпација на недвижности“.
Имено на катастарска парцела во државна сопственост во атар на истото село, таа без одобрение изградила пристапен пат и поставила армирана бетонска пристапна рампа. Врз основа на констатираната состојба, овластен градежен инспектор изготвил решение за нивно отстранување.

