Македонија
Средба Царовска – Ружиќ: Се стремиме кон создавање квалитетно образование
Унапредување и зајакнување на соработката во образованието и науката помеѓу Северна Македонија и Република Србија беше тема на денешниот билатерален состанок во Белград на министрите за образование и наука Мила Царовска и Бранко Ружиќ. Во заедничката изјава за медиумите по состанокот, министерката Царовска истакна дека и двете земји се стремат кон создавање квалитетно образование, кое е во најдобар интерес на учениците. Затоа се неопходни соработка, поддршка и размена на искуства во остварувањето на оваа приоритетна цел.
„Северна Македонија засилено работи на подобрување на својот образовен систем. Во согласност со препораките на меѓународните организации и институции, како што се ОЕЦД, УНИЦЕФ, УСАИД, но и врз основа на домашните анализи, усвоивме нова концепција, со која почнуваме од идната учебна година во прво и четврто одделение. Наша цел е да обезбедиме образование достапно за секое дете и учениците да стекнат знаење, притоа оспособувајќи ги да го користат знаењето, да развијат социјални и емоционални вештини, умешност за критичко и креативно мислење, самодисциплина, љубопитност и чувство на припадност и цел. Главниот фокус на новата концепција се токму инклузивниста и поттикнувањето на полниот потенцијал на секое дете преку критичко и креативно мислење со кое очекуваме да ги подобриме резултатите на тестирањата и да се изедначиме со знаењата на учениците од регионот“, рече Царовска.
Една од темите за која се зборуваше е и дигитализацијата на образованието, нешто на кое забрзано работи и Република Србија. Дигитализацијата се спроведува и Република Северна Македонија, а пандемијата на Ковид-19 само уште повеќе го забрза овој процес.
„За реализација на учебната 2020/2021 година се одлучивме за хибриден модел на настава: со физичко присуство од 1 до 3 одделение, онлајн за погорните и средните училишта и емитување часови преку Националната телевизија, како и достава на печатени материјали до учениците што немаат ИТ-уреди. Овој модел се покажа како многу ефективен затоа што онлајн-наставата беше со успешност од над 98 %, а помалку од 1 % имавме активни случаи на Ковид-19 помеѓу наставниците и учениците со физичко присуство. На овој начин обезбедивме континуитет на наставата во текот на целата година и ја спречивме ширењето на заразата во училиштата“, рече Царовска. На состанокот се разговараше и за искуствата од дигитализацијата на услугите во образованието.
Република Северна Македонија за многу кус период успеа да ги дигитализира услугите за нострификација на дипломи, за аплицирање за степендии, како и за упис во прво одделение во основно образование. На овој начин се доближуваат услугите до граѓаните и се обезбедува поднесување документи без физичко присуство на шалтерите.
Една од темите беше и воведувањето на дигиталните учебници, нешто на што работи и Република Србија. Министерката истакна дека со оваа реформа се почнува следната учебна година во четврто одделение, каде што ќе се даде предност на користење дигитални и мултимедијални материјали за учење, кои ќе бидат дополнителна алатка во совладувњето на материјалот.
Исто така, се зборуваше и за наставата на српски јазик во Северна Македонија. „Нашата држава ги почитува правата на заедниците, со што создава мултиетничко и мултикултурално општество, тоа е и еден од основните столбови на новата образовна концепција. Во подрачјата и општините во кои живее претежно српско население наставата од 1 до 9 одделение се одвива на српски јазик. Исто така, овозможено е и изучување на предметот јазик и култура на Србите од 3 до 9 одделение“, рече Царовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Мицкоски-Зеленски: Само праведен мир носи стабилност
Премиерот Христијан Мицкоски во Минхен оствари средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, со кого, како што објави, разговарале за актуелните безбедносни предизвици во Европа, за потребата од единство и солидарност, но пред сè, за праведен мир.

– Веруваме дека мирот мора да биде изграден врз правда, почитување на достоинството на народите. Само таков мир носи стабилност и сигурна иднина за Европа, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.

Мицкоски и Зеленски разговарале и за продлабочување на соработката, економска размена и поддршка во процесите за напредок на државите.

– Напредокот е можен кога има визија, храброст и јасна определба. Македонија ќе продолжи да биде глас на разумот, партнер на стабилноста и поддржувач на праведниот мир, порачува Мицкоски.

На вториот ден од 62-та Минхенска безбедносна конференција Мицкоски оствари средби со Ричард Гренел, специјален пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп за специјални мисии, со холандскиот премиер Дик Схоф, со Џаред Коен, претседател за глобални прашања и ко-раководител на Глобалниот институт Голдман Сакс и со Тед Дојч од Американско-еврејскиот комитет.
Македонија
Пациенти со хемофилија со месеци без „фактор 8“, се бара одговор од МЗ
Од Левица велат дека пациентите со хемофилија повеќе од шест месеци се без неопходниот лек „фактор 8“ поради нераспишан тендер, што, според нив, ги доведува во сериозна здравствена состојба.
Пратеничката Јована Мојсоска преку социјалните мрежи се обрати до министерот за здравство Азир Алиу и директорот на Институтот за трансфузиона медицина Амир Елези, потсетувајќи дека на седница за пратенички прашања било најавено дека лекот ќе биде обезбеден.
Според неа, пациентите со хемофилија живеат во тешки услови додека го чекаат лекот, а добила и повик од лице кое подолг период е врзано за кревет поради недостиг од терапија.
Мојсоска прашува кој ќе сноси одговорност доколку настанат сериозни последици по здравјето на пациентите поради пролонгирањето на постапката.
Македонија
Трипуновски: Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци
Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци што егзистираат од земјоделство. Вака одговори денеска министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, на новинарско прашање, по закројувањето винова лоза во Кавадарци, во чест на празникот Свети Трифун, што се смета за заштитник на лозарите и винарите.

На новинарско прашање околу реакцијата дека годинава субвенции ќе добиваат лозари со над пет декари лозје, министерот одговори дека нема кратење на субвенции.
– Имаме сериозна и навремена поддршка и реформи во земјоделскиот сектор, што ќе значат сериозно зголемување на продукцијата. Она што е новина можеби во програмата за 2026 година, е, јасната распределба. Приоритет ќе добијат вистинските земјоделци, што егзистираат од тоа. Во изминатите години се воочени таканаречени ловци на субвенции, кои не обработуваат земјоделски површини, а сакаат да бидат корисници на субвенции. Ова сметам дека не е ниту фер кон вистинските земјоделци, ниту пак е законски. Затоа оваа година најавуваме дека ќе имаме сериозна контрола на терен, за парите да завршат кај вистинските лозари, земјоделци, што се многу важни за економијата и руралната средина, појасни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во новата програма се предвидувало, минималната површина да биде 0.5 хектари, за да се биде корисник на земјоделски субвенции. Трипуновски подвлече дека земјоделството е еден од приоритетите.
Запрашан кога ќе бидат одблокирани средствата од ИПАРД програмата, тој рече дека платежната агенција со новиот менаџерски тим, работела на отстранување на сите забелешки што биле нотирани и оти се очекува многу бргу агенцијата да почне нормално да функционира. Агенцијата, посочува тој, и сега работи нормално, со тековните плаќања во делот на субвенции и во врска со ИПАРД апликации.
На новинарско прашање, тој информираше дека за оваа година, веднаш по носењето на програмата, традиционално пред овој празник, вчера биле исплатени субвенциите кон лозарите. На над 12 500 лозари, исплатени биле речиси осум милиони евра. На почеток на наредна недела, најавува исплата на субвенците и за овоштарите.
Трипуновски уверува дека навремено се исплаќаат и ќе се исплаќаат сите субвенции.
Министерот рече дека на денешниот празник ја негуваме традицијата и културата во делот на една од нашите најдобри и најголеми земјоделски култури, лозаропроизводството. Им оддаваме почит на нашите лозари кои произведуваат квалитетно грозје, а нашите винарски визби прават квалитетно вино, коешто е наш амбасадор.
– Како Влада и Министерство остануваме посветени да ја поддржуваме оваа гранка и да ја развиваме оваа битна земјоделска култура, истакна министерот за земјоделство.
Во најголемиот лозаровинарски регион во државата, посака здравје и бериќет, а трудот на земјоделците да биде вреднуван.

