Македонија
(Видео) Мицкоски: Власта ги дели луѓето на граѓани од прв и втор ред, за нас Македонија е за сите
Секој претседател на ВМРО-ДПМНЕ имал свои искушенија, ама јас видов баш се, и има навистина голема вистина во цитатот дека „тоа што нема да те убие, ќе те направи посилен“. Затоа што јас освен да успеам, заеднички да успееме да ја издигнеме партијата, а со тоа и државата, друга опција немаме. Откажувањето не е опција, кога целта е бесцената и кога целта е Македонија. А мотивот е преголем, и оправдан, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЊ, Христијан Мицкоски.
„ Најважните не сме ние носителите на функции, туку членството кое работи со срце, лавовски се бори по местните комитети, ким-овите, градовите и селата. Она членство кое легнува и станува со мислата како да има промени за да има и решенија и напредок на државата,а оваа Влада да падне, зошто јасно е дека само така Македонија ќе стане.
Јас верувам во принципи, вредности и многу работа. Нови позитивни ветришта доаѓаат, а ВМРО-ДПМНЕ ќе ги предводи промените кои во Македонија ќе создадат она што сега насушно треба, а тоа е систем. Систем на вредности и заслуги, систем на педантност во работата, чесност и одговорност. Реализација на идејата и сонот за Македонија како силна и ефикасна држава која ќе одговори за потребите на своите граѓани.
За жал и не е прегрубо ова да го кажам – денеска во Македонија постојат граѓани од прв и граѓани од втор ред и оваа поделба која е фактичка е директен производ на однесувањето на власта на СДСМ и Заев.
Граѓани од прв и од втор ред е ситуацијата во која половина милион луѓе живеат со едвај 150 денари на ден, а политичарите од власта и нивните блиски одат на скапи летувања и зимувања, возат најмодерни возила, мотори и јахти, се гоштеваат со државни картици и народни пари.
Граѓани од прв и втор ред е кога стотици илјади луѓе не може да стигнат до вакцина против Ковид, не се ниту вакцинирани, додека власта, нејзините семејства и блиски се вакцинираат пред сите други возрасни, хронично болни, мајки, трудници, па не само што се вакцинирани туку и веќе се ревакцинирани.
Граѓани од прв и втор ред постојат кога огромно мнозинство на граѓани кои целиот свој работен век плаќале за здравствено осигурување не може да добијат лекарска грижа и мора да одат на приватен доктор, додека оние кои ја крадат државата на дневно ниво и им се поприоритетни провизиите, без проблем си плаќаат услуги во приватното здравство. Едноставно, не е фер и не е чесно.
Граѓани од прв и втор ред е кога луѓе лежат луѓе во затвор за украдени тегли ајвар, а првенците на Заев како Ден Дончев, Рашкоски, Катица, Боро Малборо и десетици други со полни џебови да седат дома и никогаш да не се соочат со правдата.
Граѓани од прв и втор ред е кога луѓе да се малтретираат и викаат на разговори за потпишан реверс за фотокопир машина и новинари поради објавен текст, а членови на семејството на кланот Заеви за кои има сомневања дека рекетираат милиони евра, Ковачевски кој местел тендери или Спасовски кој делел пасоши на мафијаши да не се повикани ниту на разговор во Обвинителството.
Граѓани од прв и втор ред е кога обичниот човек треба да плаќа дополнителни 4 денари повеќе по литар бензин, а соодветно на тоа и поскап превоз, храна и останати трошоци, додека оние од власта нема тоа поскапување ни да го почувствуваат бидејќи се возат со бензин кој ние им го плаќаме и јадат храна која ние им ја плаќаме.
Граѓани од прв и втор ред е кога патриоти лежат во затворите како наводни терористи, а вистински убијци и терористи од ИСИС се шетаат по светот со македонски пасоши на слобода.
Не смее репер да биде Зоран Заев кој секој пат кога говори за тоа како ја стекнал онаа империја и милиони кажува различна приказна, затоа што тоа што е со крадење стекнато не може да биде лесно испрано, или оној фараон градоначалник кој може да биде само фараон за спиење и неградење. Тоа не е правилната слика.
Денеска ја претставив новата политичка стратегија на ВМРО-ДПМНЕ „Македонија за сите луѓе“ која обединува и во која секој е важен. Подадов рака затоа што Македонија тоа го бара од мене од секој еден од вас. Неминовно е обединување на опозицискиот блок и тој процес кој што е веќе започнат го официјализираме од денес, па набргу очекувајте конкретни резултати.
Македонија е за сите луѓе, како што реков, за сите партии, групации и индивидуалци коишто си ја сакаат Македонија, и затоа оваа битка е наша заедничка битка, на сите нас кои сме против мафијата на власт предводена од Зоран Заев и СДСМ. Можеби помеѓу нас има разлики, но она што не обединува е многу поголемо. Македонија тоа го бара од нас, од сите нас. Ја знаете сите онаа важна животна лекција дека една по една прачките полесно се кршат, ама кога се заедно една до друга, здружени, обединети, нема сила којашто ќе може да ги скрши. Туку тие ќе го скршат криминалот и хибридниот режим кои ја притискаат Македонија.
Добредојдена е секоја интелектуална и граѓанска сила и партија, било да се оние кои срамежливо одбиваат да одговорат дали ни се приклучуваат или оние кои ни даваат поддршка да одиме до крај. Оваа е заедничка битка и заедничка ќе биде победата.
Македонија е многу повеќе од една или две партии, од една генерација или повеќе генерации политичари. Македонија е заедничката покривка околу која сите се обединуваме. Луѓето бараат среќа и поквалитетен живот, луѓето бараат промени, луѓето сакаат да си ја вратат државата. Ќе се избориме обединети, силно и одлучно.
Ова е битката на нашите животи. Да ги развиориме боите на Македонија, да го отсонуваме заедничкиот сон. Како што фудбалерите нашите херои го остварија нашиот сон од младоста, овој пат сонот на нашите животи за успешна и интегрирана земја да го исполниме ние, започнувајќи од сега и од овде. Македонија за сите луѓе!
Честит роденден ВМРО-ДПМНЕ!“ порача Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.
Македонија
Детален список: каде целосно ќе се забранат сите видови цигари со новиот закон за заштита од пушење
Државата подготвува целосно нов и значително построг Закон за заштита од пушење, со кој драстично се заоструваат правилата за употреба, продажба, рекламирање и промоција на тутунските и никотинските производи. Предлог-законот, изготвен од Министерството за здравство, попладнево беше прикачен на ЕНЕР и има за цел системска заштита на јавното здравје и намалување на една од водечките причини за смртност и хронични заболувања во земјава – пушењето.
Целосна забрана за пушење во речиси сите јавни и работни простори
Со предлог-законот се воведува целосна забрана за пушење на тутун, електронски цигари, загреан тутун и други никотински производи во:
1. Во објекти на здравствени установи, установи за социјална заштита, воспитно – образовни, културни и рекреативни установи и организации за физичка култура и спорт;
2. Пред влезови на објекти на здравствени установи, установи за социјална заштита, воспитно – образовни институции;
3. Во и пред објекти за престој и сместување на деца, ученици и студенти;
4. Во објекти каде се наоѓаат државни органи и органи на единиците на локалната самоуправа;
5. Во објекти и возила што претставуваат работни места;
6. Во сите видови јавен превоз, вклучувајќи патен, железнички, воздушен и воден превоз, жичари и ски-лифтови;
7. Во објекти на аеродроми, железнички и автобуски станици, езерски пристаништа;
8. На станици на градски и приградски јавен превоз;
9. Во приватно возило во присуство на дете;
10. Во објекти каде се вршат трговски дејности, пазари и саеми;
11. Во објекти на угостителски објекти за сместување дефинирани согласно одредбите од Законот за угостителската дејност, вклучувајќи ги основните угостителски објекти за сместување и комплементарните сместувачки објекти ;
12. Во објекти на угостителските објекти за исхрана, дефинирани согласно одредбите од Законот за угостителската дејност, вклучувајќи ресторани, барови, национален ресторан – меана, кантини и други угостителски објекти за исхрана;
13. Во заеднички простории на станбени згради и заеднички делови на станбена зграда (светларници, лифтови, заеднички котларници и слично) утврдени со закон;
14. Во објекти на полициски станици, казнено-поправни и воспитно-поправни установи.
15. Во објекти на приредувачи на игри на среќа, дефинирани согласно одредбите од Законот за игри на среќа
16. Во и пред објекти кадешто се приредуваат забавни и рекреативни дејности за деца (како игротеки за деца и приватни установи за грижа на деца).
„Во објектите и просториите, одговорното лице на правното лице е должно да постави ознака за забрана на пушење и да обезбеди контрола на спроведувањето на забраната за пушење“, пишува во предлог-законот.
Дозвола за пушење ќе има исклучиво на строго дефинирани отворени простори, кои мора да бидат физички одделени, отворени од најмалку три страни и без стаклени, пластични или најлонски прегради.
Драстични ограничувања за рекламирање и промоција
Предлог-законот предвидува целосна забрана за директно и индиректно рекламирање и промоција на продажбата на тутун, и други производи што содржат тутун и/или никотин.
Посебно внимание се посветува на медиумската и уметничката содржина. Прикажувањето на пушење во филмови, серии, телевизиски програми, видеоигри и интернет содржини ќе биде строго ограничено, а дозволено само во случаи кога е неопходен дел од уметничката концепција за возрасна публика, и тоа со задолжителна здравствена порака дека пушењето е штетно.
Забрана за ароми и вкусови – крај за ментол и овошни никотински производи
Една од најстрогите одредби се однесува на целосна забрана за производство, увоз и продажба на тутунски и никотински производи со ароми и вкусови. Ова ги опфаќа и електронските цигари, течностите со и без никотин, загреаниот тутун и бездимните производи.
Според предлогот, ваквите вкусови директно ги таргетираат младите и ја зголемуваат веројатноста за рано создавање зависност од никотин.
Строги правила за продажба и изложување
Со новиот закон се забранува продажба на тутунски производи на парче, преку автомати, самопослужување и онлајн. Тутун и никотин нема да смеат да се продаваат во угостителски објекти, на плажи, пазари, саеми и за време на јавни настани.
Изложувањето на цигари и други производи на видливо место во продавниците ќе биде забрането. Тие ќе мора да се чуваат во затворени шкафови.
„Шкафовите за складирање треба да бидат конструирани на таков начин што ќе се спречи визуелното прикажување на тутунските производи кон потрошувачите кога шкафовите се отворени. Шкафовите за складирање на тутун, и други производи што содржат тутун и/или никотин, како и уреди за консумирање на тутун и никотин, не смеат да имаат надворешно осветлување и треба да бидат во боја што не го привлекува вниманието на посетителите“, се вели во предлог-законот.
Високи казни и затворање објекти
Надзорот над спроведувањето на одредбите од овој закон го вршат Државниот пазарен инспекторат, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Државниот просветен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, Министерството за внатрешни работи и Управата за извршување на санкции, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, во согласност со надлежностите утврдени со закон.
Предлог-законот предвидува високи парични казни – од 2.000 до 5.000 евра за правни лица, до 2.000 евра за одговорни лица и до 300 евра за физички лица. Инспекторите ќе имаат овластување да изречат и привремена забрана за вршење дејност – до три месеци за правни лица кои не ја почитуваат забраната за пушење.
Македонија
Состојба по обилните дождови во Македонија: пресек на ЦУК до 18:30 часот
Центарот за управување со криви направи пресек на состојбата по обилните врнежи до 18:30 часот.
Источен регион – Штип
Во моментов нема позначителни врнежи, а водостоите на реките се во опаѓање. Активностите за средување на коритото на Оризарска Река во Чешиново–Облешево ќе продолжат во понеделник. Поради претходните врнежи има зачестени одрони и свлечишта, особено на патниот правец Истибања – Делчево и кон граничниот премин. ЈП „Македонија Пат“ и СВР Штип ги одржуваат патиштата проодни.
Скопски регион
Нема нарушување на редовната состојба поврзано со обилните врнежи од дожд.
Југозападен регион – Охрид и Струга
Во Охрид, Кризниот штаб е на терен и ги контролира критичните точки. Регистрирано е излевање на реката Сушица кај ул. Прилеп, каде се интервенира со багери и се прават насипи. Во селата Орман и Дебелополе реката Далјан е со максимален водостој, но без излевање. Кај с. Вапила, надојдената вода го подјадува патот под мостот кон селото Ливоишта и ќе се интервенира со механизација. Поплавени се поголем број подрумски простории.
Во Струга се пријавени поплавени дворови во четврти реон на Мислешевски пат, како и повеќе куќи во с. Мислешево и дворови во с. Калишта. ТППЕ Струга интервенира со пумпи, а состојбата е пријавена до Општина Струга и ДЗС Струга.
Дебар
Реката Радика има зголемено, но стабилно ниво, без опасност од излевање. Сите патни правци се проодни. Забележани се помали одрони на делниците Жировница – Дебар и Дебар – Струга, кои редовно се расчистуваат. Се спроведуваат повеќекратни теренски контроли во текот на денот.
Кичево
Водостоите на реките Зајашка и Треска се зголемени, но под нивото на излевање. Најкритично е кај ул. Прилепска, каде состојбата со 125 поплавени објекти е непроменета. Евакуирани се околу 150 лица и се сместени во спортската сала „Христо Узунов“.
Екипи на ЈП „Комуналец“, ДЗС и приватни фирми работат на насипи, проширување и чистење на речното корито. За евакуираните лица е обезбедена храна, медицинска грижа, облека и основни услови за престој.
Битолско–Пелагониски регион
Во Битолско–Пелагонискиот регион се регистрирани повеќе последици од поројните врнежи, при што надлежните служби интервенираат на повеќе локации.
Поради оштетување на мост на Боишка Река, затворен е локалниот пат кон село Мренога. ЈП „Комуналец“ превентивно интервенира во населбата Мургашево со проширување на речното корито со цел заштита на околните куќи.
Поради поројните врнежи во изминатите денови дојде до поматување на водата за пиење, поради што се препорачува истата да се преврива најмалку 10 минути. Нивото на реката Црна кај с. Бучин беше покачено, но е стабилизирано и во моментов не постои опасност од излевање. За превенција, ЈП „Комуна“ ги зајакна и поткрена насипите на критичните точки.
Во општина Крушево е пријавено излевање на Крушевска Река кај мостот на патот Кривогаштани – Светомитрани. По координација со општина Кривогаштани договорена е интервенција според потребите на терен.
Во општина Долнени е пријавена штета кај жител на с. Лажани, каде се поплавени двор и приземни простории, со оштетувања и на земјоделски култури. Поплавувања се евидентирани и во селата Пешталево и Лажани поради неисчистени канали, при што интервенирано е со градежна механизација за расчистување.
Во повеќе села се регистрирани поплавени земјоделски површини:
с. Кравари – заезерени 10–20 хектари земјоделско земјиште (без опасност по објекти),
с. Жабени и с. Породин – во текот на денот беа поплавени околу 70–80 хектари, по што водата постепено се повлече.
Излевање е евидентирано и кај Елешка Река, каде беа поплавени околу 50 хектари земјоделски површини, но до попладневните часови водата се врати во коритото.
Поради оштетувања од водата, патот кон Буковски манастир беше разорно раскопан, но по интервенција на ЈП „Нискоградба“ патот е саниран и пуштен во употреба. Активни се и интервенции на свлечишта кај селата Буково, Горно Ореово и Бистрица, како и чистење на канали и речни корита на повеќе локации.
Како последица на врнежите, на повеќе места се поплавени земјоделски површини, дворови, куќи, помошни објекти и магацини за складирање на јаболка. Во општина Ресен ангажирани се сите расположливи градежни машини и пумпи за црпење вода и прочистување на критичните точки.
Југоисточен регион – Струмица
Нема пријави за штети, излевање на реки или одрони. Врнежите се со послаб интензитет и состојбата е стабилна.
Североисточен регион – Куманово
Нема нарушување на редовната состојба. Реките се во коритата, а патиштата се проодни по влажни коловози. Во моментот има врнежи од дожд.
Полошки регион – Тетово
Нема пријави за материјални штети. Врнежите од снег се со слаб интензитет. Пријавени се локални проблеми со електрична енергија во делови од Гостивар, каде интервенираат екипи на ЕВН. Воведена е забрана за движење на тешки товарни возила на патниот правец Мавровска раскрсница – Маврово – Дебар.

