Спорт
Го нема Ленард, тука е Џорџ – брејк на Клиперси во Солт Лејк сити

Без најдобриот играч, Каваи Ленард, кошаркарите на Лос Анџелес Клиперс направија брејк во Солт Лејк сити и поведоа во серијата против Јута Џез со 3:2.
Клиперси славеа со 119:111 откако во првото полувреме ја преживеаја рафалната стрелба на „џезерите“. Играчите на Јута во првото полувреме постигнаа 17 тројки. Најмногу се истакна Бојан Богдановиќ, хрватскиот репрезентативец погоди шест тројки од исто толку обиди, а на крајот беше најефикасен кај Јута со 32 поена.
Клиперси ги предводеше Пол Џорџ со 37 поени, 16 скока и пет асистенции, Маркус Морис постигна 25, а Реџи Џексон 21 поени.
Покрај Богдановиќ, кај Јута се истакнаа Донован Мичел со 21, односно Руди Гобер со 17 поени и 10 скока.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Каде се парите? Ѓоковиќ најдобар од сите, но и најсиромашен

Од специјалниот известувач од Вимблдон
„Тоа веќе не е тема во тенисот“ – беше одговорот на големиот хрватски тенисер Иван Љубичиќ, кога минатата година на Вимблдон во интервјуто за Макфакс и Топ Спорт го прашав дали е правично наградите на Вимблдон да бидат исти и за мажите и за жените. Но како го продлабочувавме разговорот, испадна дека тоа е, всушност, забранета тема за тенисот. Барем јавно за неа да не се зборува. Последен кој нешто проговори за тоа, бил (а, кој друг) – Новак Ѓоковиќ. Тој во март 2016. година изјавил дека АТП морал да се бори повеќе пари да има за машките тенисери, бидејќи статистиките покажувале дека на машките натпревари имало повеќе публика.
„Тоа е една од причините зошто би морале да бидеме повеќе наградени“ – аргументирал Ѓоковиќ.
Веднаш со осуда се јавила Мартина Навратилова, изјавувајќи дека Новак не разбирал зошто на Гренд слемовите и комбинираните турнири, мажите и жените морале да бидат платени подеднакво.
Целата дебата, всушност, јавно била отворена неколку дена пред Ѓоковиќ, кога директорот на турнирот во Индијана Велс, Реј Мур, уште пожестоко изјавил дека женскиот тенис се шлепал покрај машкиот и тенисерките требале да бидат благодарни што биле родени Федерер и Надал, бидејќи тие го носеле тенискиот спорт.
Но, позначајно од овие јавни преписки, било она што се случувало зад сцената. Пет дена по изјавата на Ѓоковиќ, додека престојувал во Мајами, тој бил повикан од Крис Еверт и Били Џин Кинг на приватен ручек на кој пријателски му разјасниле некои работи. Како обично бива, по оваа средба Новак се огласил со изјава дека погрешно бил разбран и кога зборувал за поголеми примања, мислел повеќе пари за двата пола. Со ова се затворила забранетата тема, неочекувано отворена од наивниот Новак, кој поверувал во правото на слобода на говор, без да имал претстава колку феминизмот и воукизмот биле нетолерантни кон неистомислениците. Макар, се викал тој и Новак Ѓоковиќ.
Меѓутоа, иако забранета во јавниот дискурс, таа е присутна и денес, но за неа не се дискутира. Зошто, кога основната теза е сосема разумна и издржана: доколку професионалниот тенис е дел од корпоративниот бизнис, во чија основа лежи потребата за остварување профит, тогаш и тенисот мора да биде организиран според тие правила. А, тие се многу цврсти: секогаш мечевите на мажите, почнувајќи од првото коло до финалето сѐ далеку погледани од жените. Така било отсекогаш, а особено во ерата на Федерер-Надал-Ѓоковиќ. Така е и овие денови на Вимблдон. Со самото тоа и цената на минута реклама во телевизискиот пренос е повисока. Значи, ако имате производ кој поскапо се продава од конкурентот, нормално е дека оној кој го создал поатрактивниот производ да има и поголема заработувачка.
Тоа е законитост на пазарот која важи во сите спортови: фудбал, кошарка, хокеј, голф… Но и во модниот свет. Смее ли некој машки фото модел да се осмели и да побара на Париската модна недела (еден од четирите модни Гренд слемови) да добие хонорар за една ревија исто колку и неговата женска колешка? Меѓутоа, кога е тенисот во прашање, тој како да живее во некој утопистички комунизам, во кој не важат принципите на пазарната економија, туку со декрет е наметнато израмнувањето според родови критериуми.
Од друга страна, тенисерките имаат поголем извор на вонтеренска заработка, поради поголемата понуда на брендови од модната, козметичката или јувелирската индустрија, а кои функционираат според точно утврдени пазарни критериуми.
Оваа дискрепанција во заработката најубаво може да се прикаже преку примерите на двата најдобри претставници на тенисот во машка и женска конкуренција. Новак Ѓоковиќ сѐ вкупно во кариерата има заработено околу 240 милиони долари. Наспроти него, Серена Вилијамс, во тотал има дури 350 милиони долари. Од вкупната заработувачка, Новак од турнирите заработил 185 милиони долари, додека Серена „само“ 95 милиони долари. Во ситуација кога висината на наградите им е иста, испаѓа дека Новак бил многу подобар од Серена на теренот, односно продавал производ на пазарот кој бил поуспешен. Сепак, Ѓоковиќ од вонтеренски извори има заработено скромни 55 милиони долари, додека Серена неверојатни 255 милиони долари. Ако за вонтеренските приходи важат пазарните законитости, во кои Серена е поатрактивен производ од Новак, тогаш и висината на приходите од терен мора да функционира според истиот принцип.
Фрустрацијата на Новак била нормална и разбирлива бидејќи како најуспешен во својата професија, тој е финансиски губитник во однос на жените преку нефер распределбата на наградите, но и во однос на машката конкуренција, кога се во прашања спонзорствата и вонтеренската заработувачка. Така, Роџер Федерер, важи за прв тенисер милијардер бидејќи неговата вкупна заработувачка изнесува 1,3 милијарди долари (пред оданочување) или 550 милиони долари нето приход. Рафаел Надал е втор со 220 милиони долари нето заработка, меѓутоа тој има изграден моќен бренд преку договорите со „Најк“, „Киа“, „Ролекс“, „Амстел“, „Банко Сабадел“ и „Инфосис“. Овие партнерства му генерирале годишна заработка од 20 до 30 милиони долари, или кумулативно над 400 милиони долари до неговото неодамнешно пензионирање. И, како што видовме, трет е Ѓоковиќ со ‘скромни’ 240 милиони долари нето заработка.
И, тука, повторно се јавува истиот парадокс (за кој не може да се тврди дека е неправичен, бидејќи сите учествуваат во иста игра, според исти правила и исти можности – сите се мажи). Според освоени награди, Новак е најуспешен со 185 милиони долари, потоа Надал 135 и последен е Федерер со 130. Како е можно најслабиот од нив најмногу да заработува, а најдобриот најмалку? Како и во случајот со Серена Вилијамс, Новак не може да има забелешки за вонтеренските заработувања на неговите конкуренти, бидејќи тие функционираат според пазарни принципи во кои Федерер и Надал, иако понеуспешни во професијата, се поатрактивни на пазарот, но и доаѓаат од економски многу посилни држави. Зад Федерер, цело време стоеле Ролекс, Кредит Свис и Линд чии соодветни аналогии во српската економија не можете да најдете.
Трета причина за послабата заработка на Новак во однос на најдобрите тенисери и тенисерка, можеби се должи и на неговите погрешни кариерни одлуки. Во текот на целата кариера, тој како свесно да ги избегнувал двата највлијателни спортски брендови Адидас и Најк, да му бидат спонзори, кои не само што можеле да му дадат најдобри услови, туку и да бидат негова заштита. Во златното време на Големата тројка, кога Федерер и Надал биле спонзорирани од Најк, чудно е зошто Ѓоковиќ го напуштил Адидас (спонзор само 2008-2009 година), и потпишал за Серџо Тачини (2010-2012), Уникло (2012-2017) и Лакоста (2017 до денес).
Финансиски, веројатно, Ѓоковиќ поминал добро во спонзорскиот однос со овие брендови, но белегот на ‘несакано дете’ во тенисот сигурно не би бил допуштен доколку зад него стоел Адидас или Најк. И оние мачни слики, кои со години го следеле на терените, како неомилен за публиката, не само кога играл против Федерер и Надал, туку и против било кои други тенисери, вклучително и на Запад омразените Руси, секако би биле амортизирани, ако се знае дека повеќе од триесет проценти од картите на турнирите ги откупуваат спонзорите. Голем број одат токму за Адидас и Најк.
Меѓутоа и од избраните спонзори, Новак не успеал да го собере најголемиот дел од кајмакот. За петгодишното спонзорство со Уникло, период во кој освоил седум Гренд Слемови, тој добивал по 8 милиони долари годишно. Меѓутоа, во 2018 година, кога на Федерер завршетокот на кариерата веќе му се гледал на хоризонтот, тој добил фантастичен договор од истиот тој Уникло, каков Ѓоковиќ немал во својот најпродуктивен период. Договорот со Федерер е вреден неверојатни 300 милиони долари за 10 година, и не бил условен да морал активно да игра тенис. Тоа значи дека на годишно ниво, Федерер како неактивен тенисер добива од Уникло 30 милиони долари, додека Ѓоковиќ како најдобар тенисер на сите времиња, кој сѐ уште игра тенис и освојува турнири, добива од Лакоста 10 милиони долари, односно три пати помалку од пензионираниот Федерер.
Ниската цена на Новак кај спонзорите, во однос на конкурентите, може да се види и од податокот дека во 2012 година, кога почнал да соработува со Уникло тој добивал по 8 милиони долари годишно, додека во 2025 година од Лакоста добил 10 милиони долари, износ кој не го следи тринаесет годишниот инфлаторен раст. Осум милиони долари во 2012., тринаесет години подоцна, во 2025. вредат околу 11 милиони долари ако се земе во предвид просечната инфлација во САД за овие тринаесет години од ~38%, така што Ѓоковиќ денес е за еден милион долари годишно помалку платен од спонзорот во однос на 2012.
За разлика од Новак, неговата сонародничка Ана Ивановиќ не била склона кон експериментирања со спонзорите и нивно често менување, и уште на почетокот на кариерата во 2010 година потпишала доживотен договор со Адидас во вредност за која се претпоставува дека била од 5-10 милиони долари годишно и тогаш преставувал еден од најскапите договори во женскиот тенис.
Во 2016 година, кога Србинката имала 29 години, Адидас ѝ понудил нов договор севкупно вреден 40 милиони долари ако продолжила да игра до својата 33 година, без обврски за пласман на ВТА листата или освојување на турнирите. Се барало само да игра и да се појавува на терените и во телевизиските преноси. Единствениот услов бил додека траел договорот да не се мажи. Сепак, убавата тенисерка ја одбила големата парична понуда, решавајќи предност да им даде на плановите за мајчинство и формирање семејство со германскиот фудбалер Бастијан Швајнштајгер.
Ова се само некои податоци кои покажуваат дека да се биде најдобар во тенисот, дури и на сите времиња, како што е Новак Ѓоковиќ, не мора да значи и дека најмногу ќе се има заработено во однос на ‘послабата’ конкуренција. Парадокс кој е незамислив во фудбалот во кој Кристијано Роналдо во годините кога важел за најдобар во својот спорт, воедно, бил и најплатен фудбалер на светот, а со тоа имал и најголем маркетиншки импакт и популарност.
Меѓутоа, во тенисот постојат ‘егзотични’ (непазарни) екстерни фактори кои влијаат на заработката. Новак се обидел да смени еден, но не успеал. Другиот му бил понуден да го смени – но го одбил (не прифатил да биде Британски државјанин и со тоа самиот придонел како тенисер кој доаѓа од Србија помалку да заработува). Третиот, изборот на спонзори – дали можел подобро? Тој најдобро си знае. За нас набљудувачите од страна засекогаш ќе остане тајна.
Но, како што во една прилика кажал Ноле: „Јас го носам својот крст на грбот и свесен сум за тоа. И не се каам за ништо што сум направил во животот на потежок начин, иако сум можел во тој момент со полесно да поминам. Вака е послатко.“
(податоците за заработките и висините на спонзорствата се преземени од Microsoft Copilot)
Ненад Живановски – Столиќ
Спорт
Авганистанецот Аскар ново име во редовите на Башкими

Хабибула Аскар е нов играч на Башкими.
Левиот бек од Авганистан пристигнува како слободен агент од Воска Спорт, каде минатата сезона одигра 10 натпревари во Првата лига.
Актуеленниот репрезентативец на Авганистан, со шест настапи за својата земја, има и шведски пасош.
Спорт
Љубов оддалечена за едно столче: Мирка и Роџер Федерер разделени поради протокол

Еден од најголемите тенисери во историјата, Роџер Федерер, го привлече вниманието на јавноста за време на осминафиналниот меч на Вимблдон помеѓу Новак Ѓоковиќ и Алекс де Минoр.
Иако повеќе не е активен играч, Федерер и понатаму е чест гостин на престижните турнири, а неговото присуство во ложата на Централниот терен секогаш предизвикува интерес меѓу љубителите на тенисот. Сепак, овојпат вниманието не го предизвика само неговото доаѓање, туку и една необична протоколарна ситуација во која се најде.
Имено, организаторите на Вимблдон одлучиле Федерер да седи покрај Деби Џеванс, актуелната претседателка на британската тениска асоцијација. Иако тоа е вообичаена пракса во рамки на спортски и протоколарни настани, она што многумина го забележале е фактот што неговата сопруга Мирка била приморана да седи едно место подалеку, наместо веднаш до Роџер.
Овој распоред на седење предизвикал мала непријатност, како кај присутните, така и на социјалните мрежи, каде што многу корисници коментирале дека брачните партнери треба да седат заедно. Иако немаше јавна реакција ниту од Федерер, ниту од Мирка, ситуацијата остави впечаток дека процедурните правила ја надвладеале основната човечка близина.
Познато е дека Мирка Федерер редовно го следеше својот сопруг на големите тениски настани, како за време на неговата активна кариера, така и по неговото пензионирање. Тие двајца се познати по својот складен брак и блискиот однос, што ја направи оваа сцена уште повпечатлива. Многумина сметаат дека ваквите ситуации лесно можат да се избегнат со малку повеќе флексибилност во организацијата.