Македонија
(Видео) Се врши рехабилитација на државниот пат Куманово – Страцин
Регионалниот пат Куманово – Страцин се рехабилитира во две фази. Првата фаза од Куманово до село Војник е во должина од 15 километри, со инвестиција во износ од 4,7 милиони евра, пари обезбедени дел преку ИПА 2-програмата, а дел од финансирањето се реализира преку буџетот на Владата на Република Северна Македонија. Во втората фаза од село Војник до Страцин се реконструира делница од 16 километри за што ЈП за државни патишта инвестира 7,2 милиони евра.
„Ова е пример како треба да се грижиме за својот регион, за сите региони во државата, како сите региони треба да се развиваат, сѐ со цел да ги подобруваме и условите за живеење, но и да се грижиме за одржливиот раст и развој на секој регион. По 4 децении, целосно се реконструираа и рехабилитираа регионалните патни правци што ги поврзуваат граѓаните со овие центри од регионот. Во овој регион имаме десетици проекти што се реализираат и преку програмата за рамномерен регионален развој и веќе се одобрени“, изјави вицепремиерот Николовски.
Министерот за внатрешни работи, Спасовски, посочи дека инвестициите во патната инфраструктура во Кумановско-кривопаланечкиот Регион се единствените вложувања по 40 години.
„Ако сакаме да имаме поголема безбедност во сообраќајот со помалку жртви, помала материјална штета и помалку повредени лица, треба да имаме и добра инфраструктура. И токму затоа и заедно настапуваме за сето тоа што не беше направено, рехабилитирано и обновено да го завршиме што е можно побргу и на тој начин да создадеме подобри услови и поголема безбедност во сообраќајот“, изјави министерот Спасовски.
Министерот за транспорт и врски, Бочварски, рече дека интензивно се вложува во изградба на нови автопатски делници, нови експресни патишта во сите општини, а почната е и реализацијата на проектот за изградба и рехабилитација на локалната патишта за што се инвестираат 70 милиони евра.
„Покрај оваа инвестиција, со силен интензитет работиме и на изградба на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка, а потоа и од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир, каде што се врши проширување на патниот правец со трета лента. Вкупните инвестиции само во овој регион изнесуваат над 80 милиони евра“, изјави министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.
Директорот на ЈП за државни патишта, Рустеми, посочи дека се избрани консултанти за изработка на проектна програма за проектирање нов експресен пат Романовце – Страцин, кој е планиран да се финансира од ИПА 3.
„Нашата цел е сигурни и безбедни патишта, кои ќе нѐ поврзуваат со регионот. Токму во таа насока минатата година беше рехабилитиран и реконструиран патот од Ранковце до Крива Паланка во должина од 21 километар и со почнатите други рехабилитации, санации и изградби во овој регион сакаме да добиеме комплетен Коридор 8, кој ќе биде безбеден и сигурен за учесниците во сообраќајот“, изјави директорот Рустеми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ССМ повикува на масовен протест за плати: „Ова е борба за достоинството на работниците“
Сојузот на синдикатите на Македонија најави масовен работнички протест што ќе се одржи на 28 јануари во 17 часот во Скопје, со главно барање зголемување на работничките плати и покачување на минималната плата на 600 евра. Протестот ќе започне пред Работничкиот дом, а потоа ќе продолжи пред Собранието, Стопанската комора и Владата.
Во отворено писмо до работниците, претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, порачува дека протестот не е прашање на избор или удобност, туку егзистенцијална борба.
„Овој протест не е за ‘ако имаш време ќе дојдеш’, туку за твојата плата, затоа што истата не стигнува од први до први. А кој да протестира за твојата плата ако не прво ти, па сите ние заедно“, наведува Трендафилов.
Тој обвинува дека работниците се потценети и од работодавачите и од власта, при што едните профитираат од ниски плати, а другите ја користат економската несигурност за политичка контрола.
„На газдите им е важно со ниски плати да им го создавате капиталот, а на властите со ниски плати да ве владеат – сиромашен, но послушен народ“, се наведува во писмото.
Според ССМ, над 200 илјади работници во државата земаат плата под 31.200 денари, што е под прагот на сиромаштија, додека функционерите добиваат значителни покачувања.
„Неправдата е во тоа што за нив има зголемувања од 250 евра и 78 проценти, а за работниците – ништо. Истите тие на кои им ја давате моќта и платата, не водат грижа за вас и вашите семејства“, посочува Трендафилов.
Во писмото се предупредува и на, како што се наведува, обидите работниците да бидат заменети со поевтина работна сила од странство, како и на непочитувањето на колективните договори, поради што дел од вработените се принудени правдата да ја бараат на суд.
„Тие мислат дека не ви треба зголемување на платата затоа што не барате. Ако молчите, тие мислат дека ви е доста“, се наведува во пораката.
Трендафилов потенцира дека протестот е и за оние кои се плашат да излезат јавно, но и за сите граѓани, бидејќи зголемувањето на платите ќе значи и зголемување на пензиите.
„Господата ви личат големи затоа што им клечите. Станете со нас и ќе видите колку се всушност мали“, порачува тој.
ССМ информира дека протестот ќе се одржи по работно време за да можат да присуствуваат што поголем број работници, а ќе биде обезбеден и коридор за итни случаи.
„Јас и луѓето што ги знам ќе бидеме таму. Можеби сами не можеме да промениме многу, но заедно можеме да промениме сè. Овој протест е само почеток“, порачува Трендафилов.
Главното барање на протестот е зголемување на платите за најмалку 6.000 денари преку покачување на минималната плата на 600 евра.
„Изговор да не протестираат за плата може да имаат само газдите и избраните и именуваните. Време е“, завршува Трендафилов.
Македонија
Игор Џамбазов со емотивна порака за четиригодишнината од смртта на неговиот татко
Денес се навршуваат четири години од смртта на маестро Александар Џамбазов, а по тој повод неговиот син, актерот и музичар Игор Џамбазов, сподели длабоко лична и трогателна објава на социјалните мрежи, посветена на својот татко.
Во објавата, Џамбазов открива дел од интимната приказна за човекот кој, како што вели, бил „единствен примерок“, а чие присуство и денес го препознава во сопствениот одраз во огледалото. Текстот е извадок од неговата книга „Облечен човек“ и претставува искрено сведоштво за идентитетот, сенките и величината на еден маестро.
„Денес се навршуваат четири години од заминувањето на мојот татко Александар.
Ова е дел од приказната за него во мојата книга ‘Облечен човек’.
Од пред некое време, наутро, кога ќе застанам пред огледалото, како да го гледам него. Особено кога имам на себе неколкудневна брада, јас и изгледам исто како него. И тоа е можно.
До својата 50-та година личев на примероците од ‘велешката сорта’, а оттогаш па наваму, со невидена брзина станувам примерок на ‘штипската крв’.
Татко ми Џамбаз е човек што вреди да го имаш за татко. Единствен примерок.
Татко ми Џамбаз целиот свој живот се жали дека никогаш не бил свој. Секогаш бил во нечија сенка. Се разбира дека тоа не е така.
‘Прво бев сопруг на Анче, па зет на Петре Прличко, а сега сум татко на Игор. А јас? Па што сум тогаш јас?’
Ти си маестро, маестро мој.“
Македонија
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по претежно влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози, но поради врнежите од снег се препорачува внимателно возење, соопштуваат од Авто-мото Сојуз на Македонија. Дополнуваат дека интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата. Појава на магла и намалена видливост до 100 метри има на планинските премини Ѓавато и Стража.
Покрај внимателно и совесно управување со возилата, се препорачува задолжително употреба на зимска опрема, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и прилагодена брзина согласно условите на патните правци.
Исто така се препорачува навремено информирање од страна на сите информативни центри за условите и сообраќајот на државните патишта.
-Кооридинираните активности на надлежните институции продолжуваат и во текот на наредниот перидод, со цел да се обезбеди непречено и безбедно одвивање на сообраќајот, велат од АМСМ.
Потсетуваат дека од 15 ноември 2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Од АМСМ информираат дека интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Сезонски режим на сообраќај има на патниот правец Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица каде што од од 21.11.2025 до 31.03.2026 година се затвора за сообраќај за сите видови возила.

