Економија
Ангеловска-Бежоска: Анкетите на ММФ укажуваат на широк јаз меѓу половите во пристапот до финансии

Поголемата финансиска вклученост воопшто, особено поголемата финансиска вклученост на жените, може да донесе голем број економски придобивки за целото општество. Но, за жал, достапните студии и податоци на глобално ниво, како што е Анкетата на ММФ за финансискиот пристап, укажуваат на релативно широк јаз меѓу половите во пристапот до финансии. Ова е сложен феномен што треба да се реши на холистички начин, со политики коишто се вон работата на централните банки, но мислам дека и ние, како централни банкари, можеме и треба да преземеме некои чекори во таа насока, истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска во видеоразговорот за „Еуромани“.
Со ова денеска започнаа активностите од програмата на големиот Глобален форум на позајмувачи и инвеститори во обврзници.
Разговорот со „Еуромани“ беше посветен на прашања за вклученоста на жените во економските текови, особено во контекст и на предизвиците од актуелната корона-криза, информираат од НБРМ.
„Во однос на пристапот до кредити, жените сочинуваат 45% од вкупниот број индивидуални кредитокорисници, во споредба со 55% мажи, а во однос на обемот на кредити, уште помалку, односно само 38% од вкупните одобрени заеми отпаѓаат на жени. Во однос на динамиката, има подобрување за 3 процентни поени во последните 10 години, односно учеството на жените во вкупните кредити се зголеми од 35% на 38%. Сепак, податоците укажуваат дека машката популација има полесен пристап до финансиите“, посочи гувернерката.
Таа укажа на два аспекта на коишто треба да бидат фокусирани централните банки во справувањето со јазот на финансиската вклученост на мажите и жените.
„Прво, можеме да создадеме регулаторно окружување што би довело до поголема конкуренција и нови, поевтини и подобри финансиски производи согласно со потребите на клиентите – пример за тоа се финтек-производите. Тие може да обезбедат полесен пристап до финансии и за жените и за другите групи кои традиционално се помалку вклучени во формалниот финансиски систем. Во овој контекст, ние како централна банка сме во завршната фаза од изготвувањето на новиот Закон за платежни услуги и платни системи што промовира поголема конкурентност, транспарентност, како и поголема заштита на потрошувачите, што сметаме дека ќе го намали и родовиот јаз во пристапот до финансии. Една од главните предности на оваа нова законска рамка ќе биде воведувањето сметка за плаќање со основни функции, што ќе биде бесплатна за поранливите категории“, истакна гувернерката.
Вториот аспект што го посочи е вложувањето во финансиската едукација. Повисокото ниво на финансиска писменост ќе го олесни и пристапот до финансии на граѓаните.
Големиот Глобален форум на позајмувачи и инвеститори во обврзници е еден од најзначајните меѓународни настани во организација на „Еуромани“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Божиновска се сретна со британскиот амбасадор: се разговараше за можностите за размена на искуства во управувањето со природните ресурси и енергетската транзиција

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со британскиот амбасадор Н.Е. Метју Лосон.
На состанокот присуствуваа и Никола Стојаноски, директор за меѓународна трговија и инвестиции во Амбасадата на Обединетото Кралство, како и претставници на меѓународната компанија „Англо Американ“, една од водечките светски корпорации во областа на рударството и металургијата.
Средбата се одржа во духот на континуирана и конструктивна соработка меѓу Македонија и Обединетото Кралство во областа на енергетиката и рударството. Разговарано беше за актуелните активности на Министерството и можностите за размена на искуства и добри практики во управувањето со природните ресурси и енергетската транзиција.
Министерката Божиновска ја истакна одличната соработка со британската амбасада, која, како што нагласи, претставува значаен партнер во процесите на развој на енергетските политики, унапредување на регулативата и поттикнување на одржливи практики во секторот.
Амбасадорот Лосон и претставниците на „Англо Американ“ ја поздравија досегашната соработка со Министерството, изразувајќи интерес за понатамошен институционален дијалог и заеднички иницијативи во насока на зајакнување на билатералните односи.
Економија
Божиновска на 13. Советување на МАКО СИГРЕ: AI може да помага, но не може да го замени креативниот ум, искуството и страста на инженерите

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денес го отвори 13. Советување на МАКО СИГРЕ, клучен настан за електроенергетскиот сектор во земјава, кој го собира академскиот и индустрискиот кадар за размена на идеи, иновации и практични решенија.
Божиновска го отвори советувањето како претседател на почесниот одбор. Во своето обраќање, министерката нагласи дека советувањето е место каде се дебатираат најновите реформи и достигнувања во енергетиката.
Божиновска посочи дека, и покрај растечката улога на вештачката интелигенција во анализи и симулации, ништо не може да го замени човечкиот потенцијал и знаењето на професионалците.
„AI може да помага, но не може да го замени креативниот ум, искуството и страста на инженерите кои го обликуваат секој аспект од енергетскиот сектор“, нагласи Божиновска.
Посебен акцент беше ставен на младите инженери и студенти, како иднина на секторот: „Вашата енергија и ангажман се основа на долгорочниот развој на енергетиката“, истакна Божиновска.
Економија
Од 7 октомври годинава побрзи и поевтини плаќања во евра за граѓаните и компаниите, најави Народната банка

Започнувајќи од 7 октомври 2025 година, граѓаните и компаниите ќе можат да ги извршуваат плаќањата во евра со земјите од Единствената област за плаќања во евра (СЕПА) побрзо и поевтино, соопшти Народната банка.
„Историскиот чекор којшто се направи кога Европскиот совет за плаќањата го прифати барањето на нашата земја за приклучување кон СЕПА им овозможи на домашните банки да се интегрираат во европските платежни шеми во кои учествуваат давателите на платежни услуги од уште 40 земји“, се наведува во соопштението.
Девет банки веќе се целосно подготвени да започнат со извршување плаќања во рамките на шемата за кредитни трансфери СЕПА на почетокот на октомври 2025 година. Согласно објавениот календар на Европскиот совет за плаќања, од 7 октомври 2025 година, плаќањата ќе бидат овозможени преку „НЛБ банка“ АД Скопје, „Стопанска банка“ АД Скопје, „Комерцијална банка“ АД Скопје, „Шпаркасе банка“ АД Скопје, „Халк банка“ АД Скопје, „Прокредит банка“ АД Скопје, „ТТК банка“ АД Скопје, „УНИ Банка“ АД Скопје и „Централна кооперативна банка“ АД Скопје.
Од Народната банка велат дека останатите три банки интензивно работат на интеграцијата во оваа шема на СЕПА и се очекува дека ќе завршат најдоцна до крајот на првиот квартал од 2026 година, согласно рокот утврден со одлука на Народната банка.
Според објавените официјални тарифи на овие 9 банки, плаќањата во евра со земјите од СЕПА се повеќекратно поевтини во споредба со постоечкото кореспондентно банкарство. Притоа, банките нудат пониски надоместоци за електронските плаќања во споредба со плаќањата на шалтерите.
Граѓаните ќе им плаќаат на банките во просек за шестпати помалку за електронско плаќање на износ од 500 ЕУР кон земјите од СЕПА, коешто чини околу 260 МКД наспроти 1600 МКД колку што плаќаат во моментов преку кореспондентното банкарство. За приливите во евра на истиот износ од земјите во СЕПА, граѓаните ќе плаќаат во просек двојно помалку, односно 140 МКД наспроти 280 МКД преку кореспондентното банкарство.
Трошоците на компаниите кон банките исто така значително се намалуваат. Така, за плаќање во евра кон земјите во СЕПА на износ од 20.000 ЕУР, компаниите ќе плаќаат во просек за осумпати помалку, односно надоместокот ќе изнесува околу 570 МКД наспроти 4.740 МКД преку кореспондентното банкарство. За приливите во евра на истиот износ од земјите во СЕПА, компаниите ќе плаќаат во просек тројно помалку, односно околу 390 МКД наспроти 1.180 МКД преку кореспондентното банкарство.
Народната банка и Македонската банкарска асоцијација ги повикуваат граѓаните и компаниите да ги користат придобивките од подготвеноста на банките за извршување на плаќањата во СЕПА од 7 октомври, при што во интерес на ефикасноста ги охрабруваат сѐ повеќе да ги користат дигиталните канали.