Економија
Се зголемуваат цените на горивата

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги донесе одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,5 %.
Според одлуката на регулаторна, малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 денар/литар, додека малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 0,50 денар/литар.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,772 ден/кг и сега ќе изнесува 36,009 ден/кг.
Од 22.6.2021 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС-95 -69,50 (денари/литар).
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС-98 -71,50 (денари/литар).
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) -62,00 (денари/литар).
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) -62,00 (денари/литар).
Мазут М-1 НС 36,009 (денари/килограм).
Во изминатиот седумдневен период сите референтни цени на светските берзи во просек бележат зголемување: бензинот за 1,681%, дизелот за 1,934%, екстра лесното масло за 1,962% и кај мазутот зголемувањето е за 2,07%.
Во истиот период курсот на денарот во однос на доларот е повисок за 0,724 %.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Од полноќ пониски цени на бензинот, дизелот, мазутот и екстра лесното масло за домаќинство

Регулаторната комисија за енергетика донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,87 отсто во однос на одлуката од 1 април.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 0,730%, кај дизелот за 1,046%, кај екстра лесното масло за 1,189% и кај мазутот намалувањето е за 1,815%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,4386%.
Од 8 април од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 76,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 78,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 68,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 68,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 41,025 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,680 ден/кг и сега ќе изнесува 41,025 ден/кг.
Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 8.4.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.
Економија
Димитриеска-Кочоска на Меѓународна контролинг конференција – Ефикасно управување со јавните финансии и одговорни институции главна смерница на фискалната политика

Владата и Министерството за финансии целат кон примена на европските стандарди за модерно и одговорно управување со јавните финансии со цел ефикасно управување со средства и транспареност и одговорност на институциите. Ова го порача министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на 5-тата Меѓународна контролинг конференција што се одржа во Скопје, а беше посветена на процесот на контролинг во приватниот и во јавниот сектор.
„Темата на конференцијата носи силна симболика за контролингот како Рубикова коцка. Односно алатка која помага да се доведе ред комплексноста – да се направи стратегија од хаосот, да се поврзат различни делови од системот во функционална и ефективна целина.
На овој процес не треба да се гледа како на луксуз, туку како неопходност и тоа и во приватниот и во јавниот сектор. Во приватниот сектор, тој дава можност за навремено следење на резултати, планирање, алоцирање ресурси и подобрување на профитабилноста. Постапки кои[што се особено важни за развој и создавање одржлив бизнис.“, рече министерката.
Таа појасни дека ефикасното управување со јавните финансии и институции, како и развиени претпријатија ќе придонесат за севкупниот национален развој. Затоа покрај посветеноста на реформските процеси од страна на државата, значајни се и воведување вакви процеси во приватниот сектор со цел тој да обезбеди сопствен развој, кој ќе влијае и на развојот на државата. Заедно сме во постигнување на таа цел, преку индивидуален план до колективни резултати.
Таа упати порака дека процесот на контролинг е важен и во приватниот и во јавниот сектор, затоа што преку сопствен развој на компаниите се постигнува повисок економски раст во земјата, што е еден од приоритетите на Владата.
Министерката за финансии е една меѓу првите сертифицирани контролери во Македонија, била дел од едногодишната контролинг академија спроведена од Менаџмент центар Белград, лиценцирана од CA AKADEMIE AG во Минхен, па своето знаење подоцна го применува во својата долгогодишна кариера во приватниот сектор.
Економија
Лабудовиќ: Македонија е подготвена да стане стратешка транзитна точка за гас кон Европа

Македонија е подготвена да стане стратешка транзитна точка за гас кон Европа. Ваква порака упати заменик-министерот за енергетика, рударство и минерални суровини, Мирослав Лабудовиќ, кој ги предводеше македонската делегација на 11. министерска средба на Советодавниот совет за Јужниот гасен коридор (SGC) и на 3. министерска средба на Советодавниот совет за зелена енергија, што се одржаа во Баку, Азербејџан.
„До крајот на годината почнуваме со изградба на нов гасовод кон Грција, што ќе нè поврзе со Трансјадранскиот гасовод и ќе овозможи директен пристап до алтернативни извори на снабдување“, истакна Лабудовиќ во своето обраќање. Тој нагласи дека ова не е само инфраструктурен проект, туку клучен чекор за зацврстување на позицијата на Северна Македонија како сигурен партнер во европските енергетски стратегии.
На маргините на конференцијата заменик-министерот Лабудовиќ и раководителот на секторот нафта и гас во Министерството за енергетика, Горан Николовски, остварија средби со претставници од Азербејџан, ЕУ и со членови на присутните делегации од 24 земји, 7 меѓународни финансиски институции и 42 енергетски компании, со кои во фокусот на разговорите беа унапредување на соработката во областа на природниот гас, обновливите извори и борбата со метанските емисии.
„Гасната соработка со Азербејџан е директен придонес за намалување на зависноста и обезбедување алтернативни извори на снабдување со цел стабилност на европскиот пазар. Северна Македонија е подготвена да биде дел од решението“, заклучи Лабудовиќ.
Од Министерството потсетуваат дека Јужниот гасен коридор беше инициран од Европската комисија во 2008 година како дел од напорите за намалување на зависноста на Европа од рускиот гас и зголемување на диверзификацијата на снабдувањето.
Коридорот од Азербејџан до Европа ги вклучува SCPX, TANAP и TAP, со вкупна инвестиција од речиси 35 милијарди американски долари. Главниот извор на снабдување е гасното поле Шах Дениз во Каспиското Море.