Економија
МФ, ЕИБ и Развојна банка потпишаа договор за нови 100 милиони евтини кредити за мали и средни фирми
Договор за нови 100 милиони евра евтини кредити од Европската инвестициска банка (ЕИБ) со кои ќе се поддржат најмалку 300 проекти на домашни мали и средни компании, беше потпишан од страна на министерот за финансии Фатмир Бесими, потпретседателката на ЕИБ Лилјана Павлова и директорот на Развојната банка на Северна Македонија Кире Наумов, во присуство на евроамбасадорот Дејвид Гир. Средствата, Развојната банка ќе ги пласира до фирмите преку комерцијалните банки.
Условите под кои ќе се даваат кредитите до фирмите се исклучително поволни, со рок на отплата до 12 години и вклучен грејс-период од 2 години, зависно од тоа дали кредитите ќе бидат наменети за инвестиции или зголемување на потребите за обртни средства и по исклучително поволна повластена каматна стапка, која за првите транши би изнесувала до 1,6%.
„Нашата определба како Влада е да продолжиме со фискалниот стимул на стопанството се додека тоа не застане на здрави нозе. Претходните кредитни линии од Европската инвестициска банка, пласирани преку Развојната банка, покажаа навистина добри резулати. Денеска потпишавме исклучително важни договори со Европската инвестициска банка, со кои се обезбедуваат 100 милиони евра поволни средства за малите и средни фирми во Република Северна Македонија, или една значајна ликвидносна поддршка за заздравување од ефектите од Covid-19 пандемијата. За нашата економија, овие средства значат нови вработувања, нови инвестиции, а со тоа и придвижување на економската активност и забрзување на економскиот раст“, рече Бесими.
Оваа кредитна линија е дел од поддршката на Европската унија и Европската инвестициска банка за адресирање на ефектите на Ковид-19 пандемијата врз економијата.
„Овие средства ќе одговорат на ликвидносните потреби на фирмите за обртни средства, но и ќе поттикнат долгорочни инвестиции во Република Северна Македонија, во контекст на економско заздравување и иден раст. Оваа линија е дел од иницијативата Тим Европа и финансискиот пакет на ЕИБ за поддршка за опоравување на земјите од Западен Балкан од КОВИД-19. Ja користам оваа можност да ја изразам целосната поддршка на ЕИБ кон Република Северна Македонија и регионот во постигнувањето на нивните цели и реформи во согласност со политиките на ЕУ. Со нетрпение очекуваме напредок на пристапниот пат на Северна Македонија, како и да ја продолжиме нашата блиска соработка со Владата, Развојната банка, ЕУ и другите финансиери во земјата, за успешни сегашни и идни проекти кои ќе донесат придобивки за граѓаните на Северна Македонија“, рече Павлова.
Малите и средните претпријатија се сржта на секоја економија тие обезбедуваат работни места, создаваат додадена вредност и предводат со иновативни решенија, особено кога станува збор за приоритетите на ЕУ, како зелената и дигиталната агенда. Токму затоа Тим Европа, односно Европската унија и земјите членки, како и поврзаните финсиски институции, презема чекори да ги поддржи малите и средни претпријатија во Република Северна Македонија уште од почетокот на пандемијата. Тие можат да инвестираат и да креираат иновации, така со помошта на ЕУ, тие можат да ја одиграат својата улога во заздравувањето на економијата од здравствената криза – рече Дејвид Гир, амбасадор на Европската унија во земјава.
Директорот на Развојната банка посочи дека соработката со ЕИБ е стратешка и успешна. Во последните 13 години до денес, воспоставени се шест договори со кои 550 милиони евра се ставени во полза на економскиот развој во земјава, со кои се поддржани 2.090 проекти на домашни мали и средни компании и креирани се 8.029 нови работни места.
„Во периодот пред нас, кој е фокусиран на економското закрепнување и на забрзан економски раст, потребно е искористување на потенцијалот за раст, развој и адаптација на компаниите преку цврст партнерски однос помеѓу нив и финансиските институции. Како развојна банка, ќе продолжиме одблизу да ги следиме потребите на реалниот сектор и ќе настојуваме да нудиме портфолио на производи и услуги кои ќе го засилат искористувањето на нивниот потенцијал. Во оваа насока, преку овие 100 милиони евра очекуваме да обезбедиме финансиска поддршка преку комерцијалните банки за најмалку 300 проекти на домашни мали и средни компании“, рече Наумов.
Од претходните пет заеми од Европската инвестициска банка преку Развојната банка се пласирани средства во вкупен износ од 450 милиони евра, од кои 182 милиони евра кон компании од производствената дејност, 127 милиони евра кон компании со дејност трговија, 40 милиони евра кон компании од транспортната дејност, и компании од други дејности како – услуги, угостителска дејност, здравство, образование.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Нови цени на горивата од полноќ
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,26% во однос на одлуката од 24.11.2025 година.
Од 28.11.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 75,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 77,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 70,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 67,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,865 (денари/килограм)
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 2,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалува за 2,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 2,370%, кај дизелот за 6,738%, кај екстра лесното масло за 6,741% и кај мазутот намалувањето за 3,944%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,4085%
Економија
Државниот пазарен инспекторат на терен по најавените продажни акции: трговците да обезбедат фер пазарни услови и да ги почитуваат законските обврски
Државниот пазарен инспекторат по повод најавените продажни поттикнувања “Black Friday” акции, ќе врши засилени вонредни инспекциски надзори кај сите трговци на целата територија на државата.
Целта е, како што е соопштено, да се обезбеди заштита на потрошувачите од нечесни трговски практики како и почитување на законските обврски од страна на трговците кои нудат попусти.
„Апелираме до сите трговци да обезбедат фер пазарни услови и да ги почитуваат законските обврски.
Секоја неправилност, доведување во заблуда на потрошувачите и измамнички дејствија ќе резултира со соодветни мерки од страна на Државниот пазарен инспекторат во согласност со законите.
Ги повикуваме граѓаните секоја нерегуларност да ја пријават во Државниот пазарен инспекторат на 191 или на www.dpi.gov.mk“.
Економија
Трипуновски: Опозицијата манипулира, ИПАРД 3-програмата не е загрозена, активностите течат според планираното
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања изјави дека борбата против корупцијата и криминалот мора да биде бескомпромисна и без исклучоци.
„Борбата со корупција и криминал не познава граници. Ние како Влада и како Министерство тоа го покажавме на дело. Независно дали некој извршува политичка или државна функција, доколку го прекршил Законот, треба да одговара. Сомнежите што постојат мора да се истражат и сите инволвирани да одговараат“, истакна Трипуновски.
Тој потсети дека претходната власт и покрај притисоците од јавноста, укажувањата и документите од свиркачи, не постапувала по наводите за сериозен криминал особено во Министерството за земјоделство додека со него раководел поранешниот министер Николовски.
Министерот објасни дека веднаш по сознанијата за злоупотреби од страна на директорот и други лица, бил активиран Националниот механизам, по што националниот координатор презел мерки за брза реакција и привремено стопирање на работата на Платежната агенција со цел да се утврди што точно се случувало.
„Тоа не значи блокада на средствата од Брисел, како што тврдеше опозицијата. Обидите да се манипулира јавноста дека ќе изгубиме 130 милиони евра грантови и дека земјоделците ќе останат без поддршка се невистини“, нагласи Трипуновски, додавајќи дека реакцијата на државата била оценета позитивно токму од Брисел.
Посочи дека тековните активности во Агенцијата се одвиваат согласно планираната динамика, а ИПАРД апликациите се во фаза на евалуација.
„Во ИПАРД 3 Програмата (2021–2027) вкупниот буџет изнесува 128 милиони евра од кои 97 милиони се европски средства, а 31 милион евра национално кофинансирање. Од 453 склучени договори, 289 се веќе исплатени, 111 корисници немаат поднесено барања за исплата, а 53 договори се во фаза на чекање. Паѓаат во вода обвинувањата на опозицијата дека илјадници договори ќе останат без средства и дека земјоделството ќе колабира“, истакна министерот.
Трипуновски додаде дека опозицијата се обидува со невистини да добие политички поени.

