Македонија
УКЛО потпиша меморандум за понагласена соработка со безбедносниот сектор
Во Ректоратот на УКЛО денеска беше потпишан Меморандум за соработка со Комората на РСМ за приватно обезбедување.
Потписниците, ректорот, проф. д-р Сашо Коруновски и претседателката на Комората, м-р Верица Милеска Стефановска нагласија дека Меморандумот е во функција на воспоставување на поинтензивна соработка.
„Длабоко сум убедена дека со потпишување на меморандумот за соработка со Универзитетот ‘Св. Климент Охридски’ – Битола ќе отпочнеме плодна соработка меѓу приватниот безбедносен сектор и универзитетските единици, особено со Економскиот, Правниот, Факултетот за туризам и угостителство, но и ќе ја продлабочиме успешната соработка со Факултетот за безбедност и секако и со другите единици, со сите нивни научно – истражувачки потенцијали, стручни и едукативни активности, преку трансфер на знаења и практики, се разбира во насока на унапредување на дејноста приватно обезбедување.

Што е најважно, силно верувам дека со денешното потпишување на Меморандумот за соработка многу поуспешно ќе ја следиме безбедносната динамика, современите безбедносни закани, но и економски предизвици кои во услови на актуелната здравствена криза силно се чувствуваат во сите сфери на живеење во нашето општество„ истакна претседателката на Комората, м-р Верица Милеска Стефановска.
Ректорот, проф. д-р Сашо Коруновски од име на Универзитетот истакна дека потпишувањето на Меморандумот отвора ново поглавје во заедничката соработка.
„Интензивните контакти со Факултетот за безбедност претставуваа иницијален елемент за воспставување соработка, а иднината е во глобалната соработка. Низ таква перспектива, целиот наш потенцијал ќе биде на располагање и на Комората и секако, вашиот потенцијал ќе биде достапен и за нашиот Универзитет, бидејќи синергијата меѓу Универзитетот и бизнисот не е еднонасочна. Нашата визија е дека она образование коешто се остварува кај нас е образование дизајнирано од вас и од нас. Особено при обуки и проекти во кои влегуваме како партнери. Целосно се посветуваме заеднички да делуваме и да бидеме партнери, а нашите студенти да го видат бенефитот и да бидат дел од вашите развојни планови“, нагласи ректорот Коруновски.
Покрај размена на научни и стручни мислења од областа на приватното обезбедување, со договорот се овозможува унапредување во образованието и оспособувањето на кадри од областа на приватното обезбедување.

УКЛО преку Центарот за кариера, алумни и доживотно учење со Комората ќе подготовува заеднички програми за научно-стручно оспособување и усовршување на кадрите од областа на приватнотот обезбедување, како и учество во заеднички проекти, анализи и проценки во областа на приватното обезбедување.
На Официјализирањето на соработката меѓу УКЛО и Комората на РСМ за приватно обезбедување присуствуваа и проректприте на Универзитетот: проф. д-р Гордана Трајковска, проф. д-р Љупче Кочоски и проф. д-р Марјан Ѓуровски и повеќе членови од Комората.
За Комората официјализирањето на соработката со УКЛО како важен дел од академската и научна јавност има дополнително значење и своевидна симболика, бидејќи се остварува на 21 годишнина од постоењето и работата на оваа установа што е непосреден учесник во градењето поволен безбедноен амбиент во нашата држава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Отворени гласачките места, граѓаните избираат градоначалници во 32 општини и Град Скопје
Денеска во земјава се одржува вториот круг од локалните избори, на кои граѓаните избираат градоначалници во 32 општини и во Град Скопје. Право на глас имаат 1 013 375 избирачи, од кои 474 304 гласаат и за градоначалник на главниот град.
Во првиот круг на 19 октомври беа избрани 44 градоначалници, а денеска се гласа во Центар, Карпош, Аеродром, Куманово, Кичево, Струга, Тетово, Пробиштип, Кочани, Валандово и други.
Гласачките места се отворени од 7 до 19 часот.
Изборниот процес го следат 1 598 набљудувачи – 933 домашни и 651 меѓународен. Државната изборна комисија најави дека првичните резултати ќе ги соопшти вечерва, околу 23 часот.
Вчера гласаа болните лица и затворениците, а гласањето се одвиваше непречено.
Македонија
Сончево време со температура до 23 степени
Претпладне по одделни котлини ќе има услови за појава на магла. Во текот на денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 7, а максималната ќе достигне од 18 до 23 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има слаба маглa. Преку денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 21 степен, јавува УХМР.
Во понеделник попладне, во текот на ноќта и во вторник ќе има повремени локални врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни. Ќе дува умерен до засилен северен ветер, а дневната температура ќе опадне за неколку степени. Од среда повторно се очекува стабилно и суво време.
Македонија
ДИК: Без неправилности помина денешното гласање на болните и затворениците, гласовите ќе се бројат утре
Денес се спроведува гласањето на болните или немоќни лица, лицата кои се на издржување на казна затвор или се во притвор и лицата кои се пријавиле за гласање, а се сместени во установите за вонсемејна грижа.
Гласањето на оваа категорија гласачи се одвива во општините каде се одржува вториот круг на локалните избори и Градот Скопје.
Од вкупно 4.826 болни или немоќни лица кои можат да го остварат своето право на глас на вториот круг од локалните избори, до 20:00 часот гласале 3327 гласачи. Во 14 казнено поправни установи, каде што своето право на глас можат да го остварат 1256 лица кои се на издржување казна затвор или притвор, до 18:30 часот гласале 588 гласачи. Од 214 лица сместени во установите за вонсемејна грижа до 18:30 часот гласале 125 гласачи.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните и немоќните лица, затворите и домовите за стари лица, не се објавуваат денес посебно. Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвараат денес. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре после 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа.

