Економија
(Видео) Заев: Швајцарската програма за соработка до 2024 е израз на силна пријателска посветеност

Програмата за соработка на Швајцарија со Северна Македонија 2021–2024 е израз на силната посветеност на оваа наша пријателска земја да ја продолжи поддршката на нашите социјални и економски политики, особено сега во пост-ковид периодот, рече премиерот Зоран Заев на денешната промоција на Програмата каде беа присутни и вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска и министерот за локална самоуправа, Горан Милевски.
„Посебна нагласка од главните области на Програмата имаат темите кои и Владата ги утврдила како приоритет за просперитетот на земјата со фокус на борбата против корупција, понуди за миграција на сивата економија кон легалните економски текови, дигитализација и климатски промени“, посочи премиерот.
Заев истакна дека финансиската поддршка од 65 милиони швајцарски франци за Програмата е креирана во тесна соработка на Швајцарската агенција за развој и соработка и Државниот секретаријат за економски прашања, со институциите од централната и локалната власт, со партнерите од граѓанското општество и приватниот сектор.
„Швајцарија има релевантно искуство и експертиза во сите овие области“, подвлече премиерот издвојувајќи неколку од придобивките од Швајцарската програма за соработка со Северна Македонија, особено во областа на демократското управување како најдолготрајна.
„Благодарение на поддршката на Швајцарија, Собранието на Република Северна Македонија ги зајакна капацитетите за работа, огромен број членови на општинските совети речиси во сите општини во земјата стекнаа знаења и вештини за подобро креирање на општинските буџети и за надгледување на буџетските трошења и, како особено важно, значително се зголеми довербата во граѓанските организации преку проектите за приближување на работата на овие организации до граѓаните. Благодарение на проектите поддржани со оваа програма ние денеска имаме поголема транспарентност и отчетност на институциите на централната и на локалната власт, неколку илјади работни места, како и пристап до квалитетна вода за над 100 илјади граѓани во неколку општини“, заклучи Заев изразувајќи уверување за ефективен придонес во прифаќањето и имплементацијата на најдобрите практики за натамошен развој.
На промоцијата на Програмата за соработка на Швајцарија со Северна Македонија 2021–2024, организирана од страна на Швајцарската амбасада во земјата, амбасадорката на Швајцарија Сибил Зутер Техада и заменик-амбасадорот, Лусиен Егетер, присуствуваа и заменик-претседателот на Собранието Горан Мисовски, директорката на Центарот за истражување и креирање на политики Марија Ристеска, претседателката на деловниот клуб Северна Македонија – Швајцарија, Јасминка Талеска и претставници на важни партнерски институции и организации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Се намалува цената на мазутот, дизелот и бензините не се менуваат

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,11 % во однос на одлуката од 14.04.2025 година.
Од 23.4.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 71,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 73,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 64,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 64,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,780 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,212 ден/кг и сега ќе изнесува 36,780 ден/кг.
Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 23.4.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 3,969%, кај дизелот за 3,456%, кај екстра лесното масло за 2,637% и кај мазутот зголемувањето е за 2,133%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 3,0273%.
Економија
Владата озаконува паушални фактури за струја, граѓаните не смеат да бидат жртви, апелираат Инженери на Македонија

Инженери на Република Македонија (ИРМ), денеска упати апел до пратениците и Министерството за енергетика за да ги отстранат како што велат, некоректните одредби од предлог Законот за енергетика за да се обезбедат фер, прецизни и транспарентни фактурирања, исклучиво врз основа на реално измерена потрошувачка на електрична енергија.
Граѓаните, како што велат, не смеат да бидат жртви на проценки и математички грешки што причинуваат штета од илјадници денари за нивниот семеен буџет
„Во новиот Предлог-закон за енергетика, кој на 22 април влегува во собраниска процедура, Владата предлага контроверзни одредби со кои се овозможува издавање на фактури за потрошена електрична енергија врз основа на претпоставена, а не реално измерена потрошувачка“.
Со вакви измени, оценуваат, се озаконува досегашната практика на паушално фактурирање, која стана особено проблематична по воведувањето на ценовните блокови за скапата струја од 1 јули 2022 година.
„При нередовно читање на броилата, потрошувачите неретко се распределуваат во погрешни ценовни блокови, што резултира со зголемени сметки и неоправдани наплати.
Нашите пресметки покажуваат дека дури и ±10% грешка при проценката на потрошувачката може да предизвика разлика во наплатата до 8.000 денари годишно по домаќинство. Со оглед дека во државата има 598.632 домаќинства, а ЕВН располага со 915.492 броила, ова претставува сериозен удар врз џебот на граѓаните и можност за милионски профити на штета на јавниот интерес.
Иако Регулаторната комисија за енергетика веќе потврди дека ваквите проценки носат штета за потрошувачите и започна процес за измени на Правилата за снабдување со електрична енергија, Владата оди во спротивна насока. Со одредбите во Глава VIII од новиот закон – иронично насловена „Заштита на потрошувачите“ – се предвидува озаконување на паушалното фактурирање преку член 185, став 2 и став 4, точка 2.
Особено загрижувачки е што Владата го носи законот со европско знаменце, повикувајќи се на усогласување со ЕУ директивата CELEX: 32019L0944, која никаде не предвидува дозвола за фактурирање со претпоставена потрошувачка. Дополнително, овие одредби не се содржани ниту во претходните верзии на законот објавени на платформата ЕНЕР“, е појаснето во реакцијата.
Апелираат до пратениците и Министерството за енергетика да ги отфрлат овие одредби и со амандмани: да се избрише став 2 од членот 185, а од ставот 4, точка 2, да се отстрани вториот дел од реченицата.
Бараат фер, прецизно и транспарентно фактурирање, исклучиво врз основа на реално измерена потрошувачка. „Граѓаните не смеат да бидат жртви на проценки и математички грешки што причинуваат штета од илјадници денари за нивниот семеен буџет“.
Економија
„Алкалоид“ трета година по ред е апсолутен победник – најпосакуван работодавач за 2024 година

„Алкалоид АД Скопје“ е прогласен за апсолутен победник во категоријата најпосакуван работодавач за 2024 година, трета година по ред, според анкетата спроведена од веб-порталот „Вработување.ком“.
На манифестацијата организирана од „Вработување.ком“, беа доделени награди за компании во повеќе категории, врз основа на анкетен прашалник спроведен на национално ниво во текот на 2024 година.
„Ова признание претставува особена чест за нас и уште една потврда за нашата посветеност на негувањето на основните компаниски вредности – да креираме работна средина која ги поврзува сите: од вработените до образовните институции и заедницата во која живееме и работиме. Во основата на сето тоа се високите професионални стандарди, кои ја обликуваат корпоративната култура на нашата компанија. Нашите вработени со своето знаење и посветеност се движечката сила на секој наш успех“, велат од компанијата.
Од „Алкалоид“ додаваат дека остануваат посветени на грижата за вработените, како и на нивниот раст и кариерен развој, бидејќи веруваат дека луѓето се најценетиот капитал на нивната компанија.
„Низ визија, иновација и поддршка продолжуваме да одржуваме највисоки етички и професионални норми и работна средина која и натаму ќе претставува најпосакуван избор на компанија за вработување на младите луѓе“, додаваат од „Алкалоид“.
(ПР)