Македонија
И во кризната 2020 година општините потрошиле на тендери исто колку и во 2019 година, лидер е Град Скопје

Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) ја објави Базата на податоци за јавни набавки на општините во 2020 година според која 80-те општини и Градот Скопје склучиле 3 454 договори за јавни набавки во вкупна вредност од околу 8 милијарди денари, односно 129 милиони евра, скоро исто колку и претходната 2019 година.
Пораст на вредноста на набавките има кај Градот Скопје и 20 општини, додека намалување е евидентирано кај 61 општина. Најголем вредносен скок во однос на претходната година има кај Градот Скопје, од 10,3 милиони евра, Општина Гостивар од 5 милиони евра и Аеродром од 2,7 милиони евра. Најголеми падови во вредноста на набавките има кај Општина Липково за 2,8 милиони евра, Тетово за 2,4 милиони евра и Штип и Прилеп по околу два милиони евра.
Лидерската позиција и натаму ја држи Град Скопје со вкупна вредност на тендерите од 31 милион евра – што е една четвртина од вредноста на набавките на сите општини заедно. Половина од вкупно потрошените пари на општините за јавни набавки ги потрошиле Градот Скопје и седум други општини, а само Град Скопје и 10-те скопски општини заедно трошат дури 45 % од сите пари за јавни набавки на општините. По жител, и годинава апсолутен лидер е Новаци која за јавни набавки троши дури 401 евро по жител, наспроти Шуто Оризари која троши само 7 евра по жител. Просечно, по жител, се трошат по 56 евра.
Кај фирмите, најголема вредност на договорите за јавни набавки имаат: градежната компанија Гранит АД Скопје, енергетската Енерџи Деливери Солушнс ЕДС од Скопје и градежната Пелагонија од Гостивар. На првите 10 фирми со најголема вредност на договорите за јавни набавки отпаѓа една четвртина од вкупната вредност на набавките.
Посебно беа истражувани парите што општините ги потрошиле од своите буџети за заштита од корона-вирусот. За оваа намена општините, без Град Скопје потрошиле само околу 600 илјади евра што не е ниту еден промил од нивните буџети.
Базата на податоци е интерактивна и овозможува пребарување на тендерите по општини и по фирми, а и дава графички преглед на учеството на фирмите во набавките на секоја општина одделно. Базата содржи податоци и за уделот на набавките во буџетите на општините, како и за вредноста на набавките по жител. Базата содржи податоци за последните пет години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Салиу-Хуменбергер: Интеграцијата на Ромите не е само национален приоритет, туку и европска вредност

Министерот без ресор задолжен за интеграција и имлементација на Стратегијата за инклузија на на Ромите 2022-2030, Шабан Салиу, оствари работна средба со заменик-амбасадорот на Австрија, Матијас Хуменбергер.
Во рамки на разговорот, соговорниците разменија мислења за унапредување на заедничката соработка и дефинираа можни конкретни чекори за реализација на иницијативи во областа на образованието и културата, со особен акцент на интеграцијата на Ромите.
„Интеграцијата на Ромите не е само национален приоритет, туку и европска вредност. Затоа е значајно што Австрија, како наш партнер, покажува интерес за поддршка на иницијативи во областа на образованието и културата, кои ќе им отворат повеќе можности на младите и ќе го зачуваат нашиот културен идентитет,“ истакна Салиу.
На средбата беше нагласена заедничката заложба за понатамошно продлабочување на партнерството и спроведување на активности кои ќе придонесат кон инклузивни политики и долгорочен развој на ромската заедницата.
Македонија
„Влен“: ДУИ партнер на Левица, за власт ги гази Албанците

„ДУИ падна толку ниско што повеќе не се крие зад сцената, туку отворено се појавува како политички партнер на најалбанофобната партија во земјата, ЛЕВИЦА на Димитар Апасиев. Кандидатурата на Јована Мојсовска во Струга е печат на срамниот договор што го смислија луѓето на Али Ахмети со ЛЕВИЦА, со единствена цел да ја спречат победата на Менди Ќура во првиот круг“, велат од „Влен“.
„Денес, исто како во „соба 161“ кога се откажаа од претседателот на парламентот само за да останат на власт, ДУИ избра да ги здружи силите со Левица за да ги спречи промените.
Овој договор меѓу ДУИ и Левица е јасен доказ дека се отуѓиле и се откажале од секоја потреба на стружани. За Ахмети и неговите емисари, власта е повредна од достоинството на Албанците, иднината на Струга или слободното гласање.
ДУИ избра да стане партнер на Левица. Но, граѓаните на Струга избраа да бидат партнери во промените. И на 19 октомври, оваа промена ќе се случи. Струга ќе стави крај на ерата на корупција и ќе отвори нов, чист и чесен почеток со Менди Ќира“, се додава во соопштението на „Влен“.
Македонија
Неколку скопски општини денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00 до 11:00 часот, корисниците од селата: Рашче, Бојане, Копаница, Горно и Долно Свиларе, Радуша и Кондово (Општина Сарај ) и дел од нас. Волково. (Општина Ѓорче Петров)
· од 08:30 до 15:00 часот, корисниците од с. Таор. (Општина Зелениково)
· од 08:30 до 15:30 часот, корисниците на дел од ул.Благоја Гојан и ул. Рилски конгрес.(општина Кисела Вода)
· од 09:00 до 12:00 часот, корисниците од дел од ул. Коле Неделковски, (од ул. Ленинова до Градинката). (Општина Центар)
· од 09:00 до 12:00 часот, корисниците од ул. Домазетовска во с. Драчево. (Општина Кисела Вода)
· од 09:00 до 13:00 часот, корисниците од дел од ул. Осло. (Општина Карпош)
· од 09:00 до 15:00 часот, корисниците во околината на објектот на ул. Козле бр. 149. (Општина Карпош)
· од 09:30 до 12:00 часот, корисниците од улиците: Речиште и Герника во с. Драчево. (Општина Кисела Вода)