Македонија
Следи топол бран со температури над 40 степени
Од денеска и во следните денови времето ќе биде многу топло со натпросечни температури за овој период од годината. Во следните денови во повеќе места температурите ќе бидат над 35 степени.
Најтопло ќе биде в четврток и в петок кога температурата на места ќе го надмине и 40-тиот степен и ќе биде активирано портокалово, а во некои делови и црвено ниво на опасност од високи температури.
Од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) информираат дека времето денеска ќе биде сончево и многу топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 13 до 22, а максималната ќе достигне од 32 до 40 степени. УВ индексот ќе изнесува 9.
Во Скопје, слично време, сончево и многу топло со мала облачност и со слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 39 степени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Се санира паркот во близина на црквата „Св. Ѓорѓија“ во Кисела Вода
Во завршна фаза е санацијата на паркот во близина на црквата „Св. Ѓорѓија“, проект што се реализира преку партнерство меѓу Општина Кисела Вода и компанијата „Пелистерка АД Скопје“. Станува збор за значајна интервенција на простор кој долго време се наоѓаше во незавидна состојба и бараше целосно обновување.
Во рамките на активностите извршено е целосно поплочување со нови павер елементи на површина од 420 м². Изградени се две нови пешачки патеки, санирани се скалите од амфитеатарот, обновен е споменикот, поставена е нова водоводна инсталација на која ќе бидат монтирани нови чешми, а во тек се работите на новата фонтана.
Паралелно со овие зафати, Општина Кисела Вода постави нови даски за седење кај амфитеатарот, го оплеменува просторот со ново зеленило, поставува ново парковско осветлување и современа урбана опрема, со што паркот добива попријатен изглед.
Очекувањата се дека за три седмици целиот простор ќе биде целосно готов и ставен во функција.
Скопје
Ново детско игралиште и реконструиран спортско-рекреативен центар во општина Бутел
Во општина Бутел е изградено ново детско игралиште со површина од 400 метри квадратни во рамки на спортско-рекреативниот центар „Македонија“. Покрај игралиштето, целосно е реконструиран и малиот плоштад, а поставени се нова урбана опрема, ограда и осветлување. Просторот што долго време беше запуштен и со руинирани содржини денес претставува модерен спортско-рекреативен центар со вкупна површина од 6.000 м².
Општината информира дека во населеното место Радишани е изградено ново корито на реката Серава, пешачка патека, фудбалско игралиште со висококвалитетна вештачка трева, баскет игралиште со специјална подлога, детско игралиште со мека подлога, фитнес-зона, нов парк, како и дополнителни паркинг места.
Од општината порачуваат дека Бутел продолжува да се развива, вложувајќи во подобрување на условите за спорт и рекреација, со цел да обезбеди здрава иднина за младите генерации и можности за редовно практикување спорт за сите граѓани.
Македонија
Повеќе од 100 учесници на првите обуки за африканска чума кај свињите
Агенцијата за храна и ветеринарство во соработка со Факултетот за ветеринарна медицина од Скопје започна серија еднодневни специјализирани обуки за подигнување на свеста за африканската чума кај свињите, при што во рамките на обуките посебен акцент ќе биде ставен и на класичната чума кај свињите, беснилото и авијарната инфлуенца а кои се наменети за одгледувачите на животни, ловците, надлежните доктори по ветеринарна медицина и официјалните ветеринари.
Првите две обуки се одржаа во Велес, на 19.11 и 20.11.2025 година, на која учество зедоа околу 100 учесници, меѓу кои претставници на двете здруженија на одгледувачи на свињи „Гицко“ и „Македонско прасе“, претставници од Ловечката федерација на Македонија, ЈП Национални шуми од Велешкиот регион, претставници и официјални ветеринари од АХВ, како и претставници од Македонската ветеринарна комора. Целта на обуките е да се запознаат учесниците со ризиците, начините на ширење на болеста и мерките за превенција и биосигурност.
Како дел од пошироката кампања за информирање на јавноста, Агенцијата за храна и ветеринарство исто така обезбедува и дистрибуција на информативни материјали, вклучувајќи постери, флаери и брошури, кои ќе бидат достапни за одгледувачите, ловците, ветеринарите и и јавноста. Дополнително, кампањата предвидува и емитување на радиоинформативни спотови на локални радиостаници, со цел да се достигне поширока публика и да се поттикне раното пријавување на сомнителни случаи.
Со овој сет на активности се очекува зајакнување на знаењето за превенција и контрола на африканската чума, подигнување на јавната свест за ризиците за здравјето на животните, поттикнување на раното пријавување на сомнителни случаи и зголемен број доставени примероци за пасивен надзор на болестите африканска чума кај свињите, класична чума кај
свињите и беснило, како и промовирање на одговорно однесување и биосигурносни мерки во одгледувалиштата, ловиштата и националните паркови.
На еднодневните обуки е предвидено учесниците да се запознаат со препознавањето на болеста африканска чума кај свињите, ризиците и начините на внесување и ширење на африканската чума кај свињите во одгледувалиштата, ловиштата и националните паркови. Обуките ќе опфатат информации за штетните последици од појавата на болеста, значењето на раното пријавување, постапките за убивање и нештетно отстранување на заразените животни, како и безбедното земање, пакување, означување и транспорт на примероците и изготвување пропратна документација. Дополнително, учесниците ќе се запознаат со идентификацијата на пол, фенотипските карактеристики и старосните категории кај дивите свињи, како и примената на биосигурносни мерки во одгледувалиштата, ловиштата и националните паркови. Посебни делови од обуките ќе бидат посветени и на препознавањето на болестите беснило и авијарна инфлуенца, како и на значењето на раното пријавување и спроведувањето на кампањата за орална вакцинација на лисиците со вакцинални мамки против беснило.
Агенцијата за храна и ветеринарство во наредниот период ќе продолжи со реализација на ваков тип на обуки во повеќе градови во Македонија, меѓу кои Битола, Гостивар, Куманово, Охрид, Штип, Гевгелија и Скопје. Обуките се организираат со средства од Буџетот на Агенцијата, а се кофинансирани од Европската извршна агенција за здравје и дигитализација (HADEA)

