Свет
Убијците на Кашоги поминале обука во САД, одобрена од Владата
Четворица Саудијци кои учествуваа во убиството на новинарот на „Вашингтон пост“, Џамал Кашоги во Истанбул во 2018 година, поминале обука во САД една година порано врз основа на договор одобрен од Стејт департментот.
Обуката ја одржала групата „Тиер 1“, која е во сопственост на приватната компанија „Серберус Капитал Менаџмент“, и е дизајнирана да ги заштити саудиските лидери, пренесува „Ројтерс“, повикувајќи се на вчерашниот извештај на „Њујорк Тајмс“.
Како одговор на извештајот за медиумите, портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс рече дека според законот, тоа министерство не може да коментира за лиценцираните одбранбени активности наведени во извештајот на весникот и дека американската политика кон Саудиска Арабија го нагласува владеењето на правото и почитувањето на човечки права.
Кашоги, кој напиша критички колумни за саудискиот престолонаследник принцот Мохамед бин Салман, беше убиен од тим оперативци поврзани со принцот, а неговото тело распарчено во конзулатот на кралството во Истанбул во октомври 2018 година.
Во извештајот на американската разузнавачка служба од февруари се наведува дека саудискиот престолонаследник ја одобрил операцијата за апсење или убиство на новинари.
Според „Њујорк Тајмс“, директорот на „Серберус“, Луис Бремер, ја потврдил улогата на неговата компанија во обука на четворица членови на тимот за убиството на Кашоги минатата година, но изјавил дека се одговорни Стејт департментот и другите владини агенции за проверка на странски сили обучени на американско тло.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Истражување врз 30 милиони луѓе: Вакцините против коронавирусот не ја зголемуваат смртноста
Голема француска студија на речиси 30 милиони возрасни лица потврди дека вакцините против болеста Ковид-19 не доведоа до зголемена стапка на смртност. Покрај тоа, истражувањето покажа дека ризикот од смрт во рок од четири години од почетокот на вакцинацијата е за 50 проценти поголем кај невакцинираните луѓе во споредба со вакцинираните луѓе, пишува „РФИ“.
Во студија објавена во научното списание „Џама Нетворк оупен“, француската епидемиолошка група „Епи-Фаре“ анализираше податоци собрани од 2021 до 2025 година. Групата „Епи-Фаре“ , која ги обединува националната агенција за лекови АНСМ и системот за здравствено осигурување, опфати речиси 30 милиони возрасни лица на возраст од 18 до 59 години. Од нив, околу 23 милиони примиле барем една доза од вакцината, додека 6 милиони останале невакцинирани.
Резултатите покажаа дека во текот на четиригодишниот период, 0,4 проценти од вакцинираните лица починале, без оглед на причината. Во исто време, стапката на смртност кај невакцинираните била 0,6 проценти, што ја прави вкупната стапка на смртност приближно 50 проценти повисока во таа група. Огромното мнозинство од администрираните дози биле вакцини со мРНА од „Модрена“ и „Фајзер“.
Авторите на студијата ги сумираа своите наоди со јасна порака: „Вакцините со мРНА противКовид-19 не го зголемуваат долгорочниот ризик од смрт од која било причина.
Махмуд Зуреик, кој го надгледуваше истражувањето, рече: „Можеме да кажеме со висок степен на сигурност дека нема зголемен ризик од смртност по вакцината против Ковид-19“.
Зуреик објасни како ова истражување беше клучно за разбирање на долгорочните ефекти.
„Имавме цврсто разбирање за краткорочниот профил на корист-ризик од вакцината против Ковид; сепак, нејзината долгорочна корист никогаш не беше проучена“.
Овие резултати директно се спротивставуваат на лажните наративи долго време промовирани од мрежите на скептици за вакцини, тврдејќи дека мРНА вакцините предизвикуваат скриен „бран на смрт“. Иако ефикасноста и безбедноста на вакцината се добро документирани, со ретки и познати сериозни несакани ефекти како што се кардиоваскуларни проблеми, оваа студија дава важен долгорочен увид.
Сепак, истражувачите нагласуваат дека самата студија не може да докаже дека вакцинацијата директно предизвикала намалување на вкупниот број на смртни случаи. Разликата во стапките на смртност помеѓу вакцинираните и невакцинираните групи може да биде резултат на заштитниот ефект на вакцината, но може да ги одразува и демографските и социјалните разлики, како што се возраста или социоекономскиот статус на поединците.
Свет
2025 година би можела да се изедначи со втората најтопла година во историјата на мерењето
Планетата е на добар пат да ја забележи втората најтопла година во историјата на мерењата, изедначувајќи се со 2023 година, по рекордно високото ниво во 2024 година, соопшти во вторник службата за следење на глобалното затоплување на Европската унија.
Изминатите 10 години беа 10-те најтопли години досега, соопшти Светската метеоролошка организација претходно оваа година.
Податоците од службата за климатски промени „Коперникус“ потврдуваат дека глобалните температури се на добар пат да надминат 1,5°C над прединдустриските нивоа – прагот поставен во Парискиот договор за климата од 2015 година.
Температурите се зголемија во просек за 1,48°C помеѓу јануари и ноември и „моментално се изедначени со 2023 година како втора најтопла година досега“, според месечното ажурирање на службата.
„Тригодишниот просек за 2023-2025 година е на добар пат да надмине 1,5°C за прв пат“ во споредба со прединдустрискиот период од 1850-1900 година, кога луѓето почнаа да горат фосилни горива на индустриско ниво, изјави Саманта Бургес, раководителка на одделот за климатска стратегија во Коперникус.
„Овие пресвртници не се апстрактни – тие го одразуваат забрзаното темпо на климатските промени и единствениот начин за ублажување на идните зголемувања на температурата е брзо намалување на емисиите на стакленички гасови“, рече Бургес.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, предупреди во октомври дека светот нема да може да го ограничи глобалното затоплување под 1,5°C во следните неколку години.
Ноември меѓу најтоплите досега
Минатиот месец беше третиот најтопол ноември досега со 1,54°C над прединдустриските нивоа, според Коперник, при што просечната температура на површинскиот воздух достигна 14,02°C.
Ваквите постепени зголемувања може да изгледаат мали, но научниците предупредуваат дека тие веќе ја дестабилизираат климата и ги прават бурите, поплавите и другите катастрофи потешки и почести.
„Месецот беше обележан со низа екстремни временски настани, вклучувајќи тропски циклони во Југоисточна Азија, предизвикувајќи широко распространети, катастрофални поплави и загуба на животи“, рече Коперник.
За Европа, тоа беше петтиот најтопол ноември досега, со просечна температура од 5,74 степени.
Додека источна Европа, Балканот и Турција забележаа невообичаено високи температури, условите во Скандинавија и јужна Германија беа релативно ладни.
Само три претходни есени во Европа беа топли како оваа.
Свет
Литванија ја обвинува Белорусија за хибриден напад поради балоните со цигари, воведена е вонредна состојба
Литванија прогласи вонредна состојба откако балони за кои вели дека се пуштени од шверцери од Белорусија повторно го нарушија воздушниот сообраќај и ја загрозија јавната безбедност.
Метеоролошките балони што се користат за пренос на шверцувани цигари го принудија аеродромот во Вилнус неколку пати да ги прекине операциите, предизвикувајќи итен одговор од литванските власти, пишува Ројтерс.
„Не станува збор само за цивилното воздухопловство, туку и за националната безбедност“, рече министерот за внатрешни работи Владислав Кондратовиќ. Вонредната состојба ѝ дава на војската проширени овластувања да дејствува сама или заедно со полицијата, иако деталите не се објавени.
Белорусија ги отфрла обвинувањата и тврди дека Литванија е таа што ги спроведува провокациите, вклучително и наводно испраќање дрон со „екстремистички материјал“. Вилнус ги нарекува ваквите тврдења апсурдни и дел од хибриден притисок. Европската комисија веќе предупреди за влошување на ситуацијата. Урсула фон дер Лајен ги опиша нападите со балони како „хибриден напад“ од страна на Белорусија, што ЕУ го смета за неприфатлив.
Во последните години, Литванија постојано прибегнуваше кон вонредни мерки поради тензиите со Белорусија и Русија, прво во 2021 година поради зголемениот број нелегални мигранти, а потоа во 2022 година по почетокот на руската инвазија на Украина.

