Македонија
Стоилковски: Две машини за перење од 25.000 евра се набавуваат за градинка во Ѓорче Петров

За градинка во Ѓорче Петров се набавуваат две машини за перење во вредност од 1.569.164 денари, односно 25.515 евра, изјави на прес-конференција, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски коj ги обвини функционерите и градоначалниците од СДСМ за недомаќинско дејствување.
„Според документите, градинката ‘Росица’ во oваа населба, чија директорка е избор на градоначалникот Александар Наумоски, склучува договор со Друштво за посредување, трговија и услуги ДОН ХОЛДИНГ ДООЕЛ Скопје за електрична опрема во вредност од 25.515 евра. Се работи за машина за перење од производител Фагор со определени перформанси, волумен, капацитет, вртежи, Г фактор, вртежи на центрифуга, греење на струја, систем таканаречен Лоадинг Еид (контрола за тоа колку е полна)“, стои во документот што го објави Стоилковски.
Според достапните информации од Бирото за јавни набавки, оваа набавка е направена со поедноставена отворена постапка, без електронска аукција со критериум за доделување на договор- најниска цена.
Подолу во информациите, како што изјави портпаролот на опозициската партија, стои дека биле добиени 2 понуди, од кои највисоката понуда е 1.329.800 евра, а најниската добиена понуда е 1.100.000 денари. Потоа, стојат податоци дека направена е набавка со кој што е склучен договор и е направен избор на понуда која што е повисока.
Стоилковски додаде дека не интернет може да се провери оти истата машина може да биде набавена по цена од 7.850 евра, или 15.700 евра за двете машини.
Тој праша доколку критериум за избор бил најниска цена, како тоа од двете понуди пристигнати на објавениот тендер избрана е поскапата, за цели 230.000 денари без ДДВ? Второ, што е мотивот да се прави набавка за две машини за перење, набавка чија што цена е за цели 10.000 евра поголема и имал ли улога во изборот на понудувач за оваа набавка градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) СДСМ Прилеп: Заради протест на вработените, прилепчани останаа без градски превоз

„Систематски, како по книга, ВМРО-ДПМНЕ го уништува Прилеп! Неисплатената плата на вработените во Јавното претпријатие за просторни и урбанистички планови, е причина за тридневниот прекин на градскиот превоз во Прилеп. Како главни виновници за настанатата ситуација, вработените и директорот на јавното претпријатие ги посочија Општината, односно училиштата, кои на претпријатието му должат фантастични 7 милиони денари“, вели Саша Лепиткова, претседателка на Форум на жени на ОО СДСМ-Прилеп.
„Така, неспособноста на градоначалникот Борче Јовчески и аматерското водење на институциите од страна на директорите на ДПМНЕ, ги принуди прилепчани сами да се снаоѓаат и да го решаваат проблемот кој им го сервираше локалната власт.
Со тоа, после само два дена на виделина излегоа лагите за „успешното“ функционирање на локалните институции, кои преку таканаречениот „Отчет“ Јовчески и ДПМНЕ ги презентираа на партискиот „Саем на срамот“ во Скопје.
Лага е дека Општината набавила 5 нови минибуси за градскиот превоз, а уште поголема лага тезата за „огромните“ инвестиции во основните и средните општински училишта.
Да биде трагикомедијата поголема, токму лошото менаџирање на овие институции и нивната меѓусебна спрега, ги доведе во ќорсокак вработените во јавното претпријатие за просторни и урбанистички планови.
Граѓаните на Прилеп немаат никаква дилема дека актуелната владејачка гарнитура на ДПМНЕ, е најлошата од постоењето на градот.
После обврските од 6 милиони евра кои Јовчески и ДПМНЕ му ги оставаат на новиот градоначалник, после испустените јавни претпријатија, прашањето кое се наметнува е – ќе имаат ли време до крајот на мандатот да уништат уште нешто?“, изјави Саша Лепиткова, претседателка на Форум на жени на ОО СДСМ-Прилеп.
Македонија
Влада: Се конкретизираат работите за изградба на третата фаза од пругата од Крива Паланка до границата со Бугарија како и изградба на тунелот како гранична точка

„По средбата на високо ниво меѓу вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и вицепремиерот и министер за транспорт на Бугарија, Гроздан Караџов, а понатаму и работните групи од двете земји, се конкретизираат работите за изградба на третата фаза од пругата од Крива Паланка до границата со Бугарија како и изградба на тунелот како гранична точка“, велат од Владата.
„Во рамки на тие активности, денеска Владата на седница донесе одлука да се ефектуира Договорот за грант за техничка поддршка во висина од 3,7 милиони евра добиен од Европската Инвестициска Банка.
Со ова, избраниот Консултант во следниот период ќе изработи нова проектна документација, како и подготовка на тендерската постапка за избор на изведувач.
Дополнително да се забрзаат активностите, ЈП за Железничка Инфраструктура ќе започне постапка за избор на Надзор на изградбата.
Преку овие активности, Владата во континуитет покажува цврста заложба во реализација на стратешко-инфраструктурните проекти за државата.
Изградбата и модернизацијата на железничката мрежа е приоритет на Владата и во рамките на тие приоритети се преземаат засилени активности за доизградба на железницата на Коридор 8, како и изградба на брза пруга на Коридор 10.
Овие проекти кои имаат и регионално значење ќе ја позиционираат државата како транзит земја на Балканот- дел од европските транспортни рути со што бенефитот е повеќекратен.
Проектите за развој и модернизација на целокупниот железнички систем претставуваат стратешки проекти на државата за регионално поврзување, забрзан економски развој и отворање на нови пазари за домашните компании“, соопштува Владата.
Македонија
„Не било доволно папаја, манго, аспарагус и други егзотични овошја, Министерството за одбрана набавува кафе и алкохол за 31.000 евра“, велат од СДСМ

„Додека стандардот на граѓаните постојано опаѓа и семејствата едвај врзуваат крај со крај, владата на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ продолжува да се луксузира со народните пари. Не било доволно папаја, манго, аспарагус и други егзотични и прескапи овошја, Министерството за одбрана на Мисајловски склучило договори со пет компании за набавка на кафе, вино, ракија, мастика и други алкохолни пијалоци во вредност од 31.000 евра“, соопшти СДСМ.
„Во реалноста, народот не може да си дозволи ниту основни работи. Последните податоци покажуваат дека синдикалната потрошувачка кошничка достигна 65.507 денари, на граѓаните им се потребни речиси 3 минималнни плати за да ги покријат само основните трошоци. Многу производи се недостижни за голем број семејства во државата.
ВМРО-ДПМНЕ ја држи Македонија со најниската минимална плата во целиот регионот и упорно одбива да ги покачи платите и да ги намали цените кои се превисоки. Просечната плата е само една третина од европскиот просек, додека цените на основните производи достигнуваат до 60% од просекот во Европа.
Ваквата расипничка политика на власта е доказ дека Мицкоски и неговите министри се грижат единствено за сопствената удобност, а не за народот кој секој ден тоне во сиромаштија и едвај врзува крај со крај“, се наведува во соопштението на СДСМ.