Спорт
Милевски ќе биде новиот селектор на Македонија
Kако што беше очекувано, Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), го потврди Благоја Боби Милевски за нов селектор на А-репрезентацијата, откако досегашниот селектор Игор Ангеловски потврди дека заминува по крајот на неговиот договор.
Милевски, поранешниот тренер на Вардар, а сегашен селектор на У-21 репрезентацијата, ќе почне со работа од 1 август 2021, а на негово место во младинската репрезентација ќе биде поставен Драган Канатларовски.
„Најпрвин, од мое лично и од име на Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија упатувам благодарност до Игор Ангеловски за неговата работа и придонесот кој го даде за успесите со македонската А репрезентација. Игор Ангеловски самиот најави дека по завршувањето на Европското првенство ќе бара нови предизвици во својата кариера и сега е време ние да ја почитуваме неговата одлука и да ја покажеме нашата благодарност за неговата работа и страст во сите овие години на чело на македонската А репрезентација. Визијата за нашата фудбалска иднина со Благоја Милевски на местото селектор на македонската А репрезентација е кристално јасна. Тој е човекот кој го регенерираше македонскиот фудбалски крвоток, создаде неверојатна група на фудбалери кои зад себе веќе имаат настап на две Европски првенства, младинско и сениорско и уверени сме дека тој пат мора да продолжи. Му даваме доверба на Благоја Милевски да ја предводи македонската А репрезентација поради неговиот карактер, работната етика и човечките квалитети. Тој е тренер кој става личен печат на тимовите кои ги предводи и човек со дисциплина и исклучителна ментална сила“, изјави претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини.
Фото: ФФМ
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
(Видео) Мекалистер го реши дербито со Реал
Фудбалерите на Ливерпул го победија Реал Мадрид со 1:0 во четвртото коло од Лигата на шампионите.
„Црвените“ aпсолутно ја заслужија победата, создадоа поголем број шанси, но поголемиот дел од натпреварот немаа решение за Тибо Куртоа, кој беше неверојатен меѓу стативите.
Во првото полувреме, тој со одлични одбрани во два наврати ги запре обидите на Собослај и спречи водство на Ливерпул.
Домашниот тим бараше пенал кога топката го погоди Чуамени во раката во средината на првото полувреме, на крајот одлуката на Иштван Ковач ќе се прераскажува. Првично досуди слободен удар, а кога од ВАР собаа го повикаа да ја прегледа ситуацијата, бидејќи играчот на Реал беше во шеснаесетникот, ја повлече одлуката и му ја додели топката на Реал.
Ливерпул продолжи да напаѓа во второто полувреме, а голот на гостите постојано висеше во воздух. Куртоа имаше две одлични реакции кога момците на Арне Слот изведуваа корнери, прво се обиде Ван Дајк, потоа Екитике, но без успех.
МекАлистер го пронајде клучот за бравата на Реал. Собослај уфрли одлична топка, а нискиот Аргентинец се најде на вистинското место и успеа да ја испрати топката зад грбот на Куртоа.
What a finish from Alexis Mac Allister.
Been one of the best players on the pitch tonight, just like he was last season. Liverpool have deserved this goal.
— CounterPressers (@CounterPressers) November 4, 2025
Играчот од средниот ред го прослави голот во стилот на Александар-Арнолд, неговиот неодамнешен соиграч кој ова лето отиде во Мадрид.
„Кралскиот клуб“ можеше да израмни кога Винисиус остави повратна топка до Мбапе, но Французинот шутираше крај стативата.
Ливерпул ја пропушти шансата да ја зголеми предноста во финишот. Прво, Куртоа го одбрани ударот со глава на Гакпо, а во продолжението од акцијата, и Салах се закани, но Милитао спречи гол.
Спорт
Роналдо го најави крајот на кариерата
Кристијано Роналдо (40) планира наскоро да ја заврши кариерата и призна дека веројатно ќе плаче кога тоа ќе се случи. Фудбалерот на саудискиот Ал Наср постигна 952 гола во кариерата, а неговата цел е да постигне 1000 пред да се пензионира.
„Ќе биде тешко, веројатно ќе плачам затоа што сум емотивна личност. Ја подготвувам мојата иднина уште од моите 25, 26, 27 години и мислам дека ќе можам да го издржам тој притисок“, рече Роналдо во емисијата на Пирс Морган.
Роналдо се осврна на Манчестер Јунајтед, оцени дека тренерот на тимот Рубен Аморим не може да прави чуда на „Олд Трафорд“ и рече дека чувствува тага за својот поранешен клуб.
„Тој дава сѐ од себе. Што да направи? Чуда? Чудата се невозможни. Ние во Португалија велиме дека чудата се само во Фатима. Манчестер Јунајтед има добри играчи, но некои од нив во главите не им е Манчестер Јунајтед“, рече 40-годишниот португалски фудбалер.
Роналдо разговараше со Морган три години по шокантното интервју, по кое го заврши својот втор престој во Манчестер Јунајтед. Во 2022 година, тој го критикуваше раководството на клубот, тогашниот тренер Ерик Тен Хаг и клупските службеници, што доведе до неговото заминување во Саудиска Арабија.
Роналдо рече дека сè уште го сака Јунајтед, за кого одигра 346 натпревари и постигна 145 гола, но посочи дека клубот треба да најде функционална структура.
„Тажен сум затоа што е еден од најважните клубови во светот и клуб кој сè уште е во моето срце. Мора да ги следите паметните луѓе за да создадете основа за иднината на Јунајтед. Пред многу години, Ники Бат, Гари Невил, Рој Кин, Дејвид Бекам станаа одлични играчи, но беа млади.
Манчестер Јунајтед во моментов нема структура. Се надевам дека тоа ќе се промени затоа што потенцијалот на клубот е неверојатен. Тоа е еден од најважните клубови на векот“, додаде Роналдо.
Спорт
(Видео) Елмас немаше поддршка, Наполи не успеа против Ајнтрахт – Лесна победа на Арсенал во Прага
Натпреварите Наполи-Ајнтрахт и Славија Прага-Арсенал, го отворија четвртото коло во Лигата на шампионите. Наполитанците одиграа без голови со гостите од Франкфурт, додека Арсенал лесно победи во Прага со 3:0 и го задржа максималниот ефект.
Елиф Елмас повторно беше стартер во тимот на Наполи и го одигра најдобриот меч во сезоната. Македонскиот репрезентативец беше најголема закана по голот на Ајнтрахт, на крајот доби највисока оценка oд сите фудбалери на Наполи. Имаше брилинантна соло акција во првиот дел, но Цетер го одбрани неговиот удар.
Во Прага, Арсенал се мачеше на почетокот. Лидерот во Премиер лигата беше изненаден од пресингот на Славија.
Домашниот тим се закани во неколку наврати, но гостите го искористија подарокот што го добија во средината на првото полувреме.
Провод играше со рака во шеснаесетникот и беше досуден пенал за тимот од Лондон. Сака ја презеде одоговорноста и го доведе Арсенал во водство.
„Топџиите“, успеаја да го решат натпреварот во раната фаза од вториот дел. Одбраната на Славија беше лошо позиционирана, Тросар нафрли, а осамениот Мерино, кој играше како напаѓач, рутински ја погоди мрежата.
Шпанецот стави точка на триумфот во 68-та минута. Голманот Марковиќ направи катастрофална проценка по центаршутот на Рајс, а Мерино инстинктивно реагираше и го постигна вториот гол. Резултатот не се промени до крајот на натпреварот.
Треба да се напомене дека Арсенал испиша историја, бидејќи Артета го воведе 15-годишниот Макс Дауман, кој стана најмладиот играч во историјата на Лигата на шампионите.
Foto/ EPA

