Македонија
Направени се исчекори во спроведувањето на Договорот од Преспа, но треба да внимаваме, изјави Османи

Направени се доста исчекори во спроведувањето на Договорот од Преспа, истакна денеска македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи.
„Сметам дека одредени разлики што се појавија околу фудбалот во контекст на Договорот од Преспа немаат потенцијал да го минираат стратешкото партнерство што е изградено со Грција, но ако не внимаваме и ние и Грците во однос на обврските од договорот може проблемите да се акумулираат и да излезат на површина тогаш кога најмалку ги очекуваме, изјави Османи, одговорајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција во МНР.
Затоа од првиот ден кога дојдов во МНР формирав работна група, назначив координатор за следење на договорот и акциски план за реализација кој лично го контролирам на неделно ниво, потенцира министерот.
„ Мислам дека најголем дел од обврските од членот 8 се реализирани или се реализираат. Дел од обврските се поврзани со процесот на евроинтеграцијата, отворањето и затворањето на поглавјата и тие се меѓузависни. Би посакал да има повеќе резултати од комисиите. Во комисијата за учебници во Грција се смени целиот состав и таа треба одново да почне со разговори. Пандемијата ги онезвозможи физичките контакти кои се важни. И меѓународоната група на експерти што ги дефинира трговските марки исто така делумно е жртва на пандемијата, а делумно на неможноста да се состанат со Стопанската комора заради неадаптирање на името. Тоа во меѓувреме се реши и сега има средби меѓу коморите, бизнис асоцијациите. Мислам дека во овој дел од Преспанскиот договор, независно што околу фудбалот се појавија одредени разлики, тие немаат потенцијал да го минираат стратешкото партнерство што е изградено со Грција, изјави шефот на дипломатијата Османи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Германски државјанин протеран од државата: на натпреварот Шкендија-Карабаг во Скопје веел знаме „Голема Албанија“

По извршена идентификација и поднесена кривична пријава, Основното јавно обвинителство Скопје по итна постапка процесуираше државјанин на Германија за кривично дело – Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа.
Против него беше поднесено обвинение, бидејќи на 5 август, непосредно пред фудбалскиот натпревар помеѓу ФК „Шкендија“ и ФК „Карабаг“ што се одигра на градскиот стадион во Скопје, со истакнување и веење знаме на „Голема Албанија“ и со натпис „Автохтона“, предизвикал чувство на омраза, раздор и нетрпеливост врз основа на етничка припадност. Тоа го забележале полициски службеници, кои го лишиле од слобода.
Врз основа на обезбедените докази во координација меѓу полицијата и надлежното обвинителство, Основниот кривичен суд Скопје веднаш изрече пресуда со која обвинетиот го огласи за виновен и го осуди на условна казна затвор од две години, која нема да се изврши доколку осудениот не стори ново кривично дело во следните 5 години.
Во исто време, бидејќи станува збор за странски државјанин, Судот донесе одлука да го протера и да му забрани влез во државава во следните пет години.
Од Обвинителството најавија дека тие и МВР продолжуваат да преземаат координирани активности за откривање и идентификување на сторители на кривични дела на ширење на омраза и нетрпеливост поврзани со спортски натпревари. Веднаш по идентификацијата на сторителите, тие ќе бидат процесуирани во согласност со надлежностите на јавното обвинителство.
Македонија
Одложени активности на отворено: Министерството за здравство со препораки поради најавите за високи температури

Министерството за здравство информира дека во согласност со најновата прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) во периодот од 8 до 13 август 2025 година се очекува значително зголемување на дневните температури, кои во одделни региони може да достигнат до 39°C.
Поради тоа, потсетуваат на почитување на општите препораки за заштита на населението од високи температури:
„Престојувајте во затворени, разладени простории, особено во периодот од 11 до 17 часот;
Внесувајте доволно течности избегнувајќи алкохол и засладени пијалаци;
Носете лесна, светла облека и користете заштита за главата и за очите;
Избегнувајте физичка активност во најтоплите часови од денот;
Посветете внимание на децата, старите лица, лицата со хронични заболувања и на бремените жени – овие групи се особено чувствителни на високи температури;
Во случај на симптоми, како вртоглавица, главоболка, гадење или забрзан пулс, веднаш побарајте медицинска помош;
Одложете активности на отворено во најтоплиот дел од денот;
Обезбедете микроклиматски услови (разладени простории со температура до 25°C) на работното место и во домот“.
Министерството, како што велат, внимателно ја следи состојбата на дневна основа и ќе постапува во согласност со процените и потребите.
Македонија
Алиу промовира нов модул за електронска евиденција на здравствени прегледи во областа на медицина на трудот

Министерот за здравство Азир Алиу на денешната прес-конференција го промовира новиот модул за електронска евиденција на здравствените прегледи во областа на медицина на трудот. Модулот е изработен од Управата за електронско здравство во соработка со Институт за медицина на трудот и со Здружението на лекарите специјалисти по медицина на трудот.
„Модулот овозможува електронска евиденција на здравствени прегледи што досега се спроведуваа исклучиво на хартија, со што се прави значителен исчекор кон целосна дигитализација на здравствените услуги во оваа област. Овој модул претставува значаен напредок во дигитализацијата и модернизација на здравствените системи, кој носи конкретни придобивки за сите граѓани, работодавци и здравствени работници во нашата држава. Во системот електронски се евидентираат здравствените прегледи за општа здравствена способност, за засновање работен однос, за здравствена и психофизичка способност за управување со моторно возило, трактор и работна машина, како и прегледи за здравствена состојба за поседување и носење оружје“, посочи Алиу.
Драгана Бислимовска од Институтот за медицина на трудот информира дека станува збор за прва електронска евиденција од ваков тип во националниот систем „Мој термин“, со која се овозможува електронски запис за издавање лекарски уверенија и следење анализи и податоци во реално време.
„На овој начин, конечно, ќе се овозможи интегрирање на дејноста медицина на трудот во системот ‘Мој термин’ преку регистрација на извршените здравствени прегледи, со што ќе се овозможи видливост и следење на нашите активности од областа на медицината на трудот. Особено е значајно што нас како лекари специјалисти по медицина на трудот ни се овозможува пристап до здравствените податоци за секое лице“, псочи Бислимовска.
Жаклина Чагороска од националниот електронски систем „Мој термин“ информира дека сите прегледи се вршат исклучиво во овластени здравствени установи, каде што лекарите се идентификуваат преку своја професионална лиценца или факсимил.
„Со секој преглед автоматски се креира посебен здравствен картон за овој тип на евиденција. Понатаму, системот автоматски генерира лекарски извештај, кој содржи медицинско мислење, идентификувани состојби, препораки за вработениот и за работодавецот, како и оценка на работната способност“, рече Чагороска.
Процесот на дигитализација ќе продолжи во следниот период со креирање портал за работодавците преку е-услуги за иницирање прегледи на вработените, интеграција во здравствените досиеја и прикажување во апликацијата „Мое здравје“, како и целосна дигитализација на документите и поврзување со институции преку интероперабилност, особено со Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за вработување“, најавија од Министерството.