Спорт
Долберг и Данците ги декласираа Велшаните за четврт-финале
 
																								
												
												
											Данската фудбалска репрезентација е првата која се пласираше во четврт-финалето на ЕУРО 2020, откако во доминантен меч на „Јохан Кројф арената“ во Амстердам со 3:0 го декласираа тимот на Велс, кој не успеа да го повтори успехот од минатото ЕП, кога играа во полуфиналето.
За Данска, ова е прво четврт-финале на ЕП од 2004 година и таму ќе се сретнат со подобрите од мечот Холандија-Чешка, и доаѓа по шокантните случки од првиот меч на шампионатот, кога нивниот најдобар играч Кристијан Ериксен колабираше на теренот со срцев напад. По ова, тие со една победа успеаја да се пласираат во осминафиналето, но покажаа многу повеќе од Велшаните и заслужено се меѓу осумте најдобри репрезентации во Европа.
Човек на одлука беше 23-годишниот напаѓач на Ница, Каспер Долберг, кој го отвори резултатот во 27. минута со фантастичен удар од далеку. Данците беа подобри во играта во текот на целото полувреме, за во 48. минута, Долберг да зголеми на 2:0. И покрај резултатската негатива, повеќе шанси правеа токму Данците, за во 88. минута, Јоаким Меле да зголеми на 3:0, пред Мартин Брејтвајт во 94. минута да удри печат на победата.

Графика: Sofascore за Топспорт.мк
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
 
																	
																															Спорт
Алонсо се смири со Винисиус: За мене, приказната е завршена
 
														Тренерот на Реал Мадрид, Чаби Алонсо, изјави дека напаѓачот Винисиус Жуниор нема да биде казнет, по бурната реакција при напуштањето на теренот за време на „Ел Класико“ со Барселона.
Бразилецот беше заменет во 72-та минута од натпреварот со Барселона (2:1) во неделата, по што следеше неговата лута реакција.
„Јас? Мистер? Јас повторно? Оди по ѓаволите! Секогаш јас! Доста ми е, подобро да си одам!“, зборуваше Винисиус додека камерите снимаа, потоа директно се упати кон соблекувалната без да се збогува со тренерот Алонсо.
Во порака на социјалната мрежа „X“, Винисиус Жуниор им се извини на „сите фанови на Реал Мадрид“.
Тренерот на Реал, кој беше неколку пати прашан за инцидентот на денешната прес-конференција, рече дека сè е завршено од моментот кога играчот излезе и се извини.
„Во среда имавме состанок со целиот тренерски персонал и играчите, а Винисиус одржа одличен говор – искрен и од срце. За мене, од средата оваа приказна е завршена“, рече Алонсо, додавајќи дека нема да има казни или дисциплински мерки против бразилскиот напаѓач.
Алонсо додаде дека целиот тим е фокусиран само на теренот и дека се свртуваат кон нови предизвици во Примера.
По победата над Барселона во 10-то коло од шпанското првенство, Реал Мадрид го зазема првото место на табелата со 27 бода, додека каталонскиот клуб заостанува пет бода на втората позиција.
Следниот натпревар Реал Мадрид го игра следниот натпревар дома против Валенсија.
Спорт
Шарас: На теренот, не изгледаме како професионални спортисти
 
														Актуелниот европски првак, Фенербахче доживеа еден од најтешките порази во Евролигата, синоќа во Мадрид (84:59). Тренерот Шарунас Јасикевичиус се обиде да анализира што се случува со неговиот тим.
„Денес не направивме ништо што сакавме на теренот. Бевме ужасни во првото полувреме“, рече Јасикевичиус на прес-конференцијата по натпреварот.
„Искрено, не ми е гајле каква кошарка игравме бидејќи не бевме добри. Не изгледавме како професионални спортисти на теренот. Тоа многу ме загрижува бидејќи од почетокот на сезоната многу зборуваме за мотивацијата. Како да не можеме да се справиме со успехот што го постигнавме досега. Во овој момент изгледаме очајно на теренот. Играта веројатно ќе се подобри како што ќе одат натпреварите, но ова не изгледа добро во моментов“, рече Јасикевичиус.

Тој вели дека тимот треба да влезе во ритам:
„Ова е еден од најлошите порази. Да, секако дека е лошо, но ова не е крајот. Мислам дека како тим мора да бидеме поскромни, верувам дека ако сакате да бидете шампион, мора да се однесувате како шампион секој ден. Кога во некои натпревари работите тргнуваат наопаку, ние едноставно престануваме да играме, а шампионскиот тим не смее да се однесува така. Секако, сè уште има многу натпревари пред нас и ќе бидеме подобри како што напредува сезоната, но во моментов работите не одат по наша волја.“
Фенербахче е 17-ти на табелата со само три победи и пет порази оваа сезона.
Спорт
Вушковиќ подготвува милионска тужба, ќе се снима и филм за неговиот случај
 
														Марио Вушковиќ, 23-годишен дефанзивец, се соочува со речиси четиригодишна суспензија поради позитивен допинг тест за еритропоетин (ЕПО), забранета супстанца што ги подобрува перформансите со зголемување на бројот на црвени крвни зрнца.
Иако Вушковиќ веднаш побара анализа на примерокот Б, кој исто така потврди присуство на ЕПО, тој и неговиот правен тим тврдат дека е невин и се борат против одлуката, за која тврдат дека неправедно му ги одзела најдобрите години од кариерата. Неговото враќање на тренинзите е планирано за септември 2026 година, а официјалните натпревари за ноември истата година, пишува „Билд“.
Случајот на Вушковиќ беше многу сложен и предизвика многу контроверзии. Меѓу нив се тврдењата дека тој имал исклучително тежок физички тренинг пред тестот, што можело да влијае на резултатите од анализата на примерокот од урината и да предизвика нелогични наоди.
„Вушковиќ, за кого моментално се снима документарен филм, собра тим адвокати од Берлин за тужбата. Сепак, постапката пред Европскиот суд за човекови права трае со години, а исходот е неизвесен. Во овој случај, поверојатно е дека ќе бараат надомест отколку намалување на суспензијата“, пишува „Булд“.
Неговиот тим ангажираше реномирани адвокати и научници од САД и Канада за да ја оспорат пресудата и да укажат на можни неправилности во постапката. Откако германската федерација и Меѓународниот суд за спортска арбитража (CAS) ги отфрлија неговите жалби, правдата сега се бара во Европскиот суд за човекови права.
Дополнително, се разгледува и покренување постапка пред државниот суд. Таа акција би можела да резултира со мултимилионска тужба за изгубени плати, неисплатени бонуси и пропуштени можности за профитабилни фудбалски договори. Бидејќи Вушковиќ не сака да признае нешто што не го сторил, тој ја одби и можноста за спогодба, што би било признавање на вината во замена за пократка суспензија.


 
									 
																	 
									 
																	 
									 
																	 
									 
																	 
									 
																	 
									 
																	 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											