Македонија
Шабани: Грижата за наследството на Блаже Конески е нашиот долг кон великанот

Заменик-министерот за образование и наука Арафат Шабани се обрати на меѓународната научна конференција Македонска книжевна архива: од ракопис до дигитална култура, со која Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје одбележува 40 години од основањето на институцијата и 100 години од раѓањето на Блаже Конески.
„Ова е ден кој нè потсетува дека грижата за културното наследство е наша заедничка одговорност и обврска и долг да продолжиме со негување на најдрагоцените творби и дела на великанот Конески. Денес на едно место се обединети минатото и сегашноста и посебно – иднината што како наследство ние ја создаваме. Токму програмата на овој денешен настан потврдува дека низ различни текстови и со неколку значајни имиња од македонската и европската славистика, ќе го создадеме тој мост на почитување, разбирање и соочување со новите предизвици“, нагласи заменик-министерот Шабани.
Еден од најголемите предизвици е зачувувањето на наследството, укажа Шабани, додавајќи дека обврската за негување на творештвото подразбира и негово интегрирање во глобалните трендови на образованието, науката и културата. Затоа, Министерството за образование и наука инвестира во нови кадри, студенти и млади научници како трајно вложување во вистински национални и европски вредности.
„Го подигнуваме квалитетот на образованието на сите нивоа, за да можат и најмалите ученици да го фатат чекорот со своите врсници од светот. Токму во таа насока започнуваме со нова дигитална култура на учење и учебници што ќе бидат мултимедијален спој на наука, национална традиција и знаење“, рече Шабани.
Заменик-министерот посочи дека наша обврска е да им помогнеме на младите да градат нова култура, но и да создаваат свој личен однос кон традицијата, литературата и културата.
На дводневната конференција, којашто е поддржана од Министерството за образование и наука, преку научноистражувачки проследувања ќе се проговори за македонската книжевна и културна традиција низ вековите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Денес се навршуваат 24 години од загинувањето на бранителите кои нагазнаа на мина кај Љуботенски бачила

На повеќе локации во Скопје денеска ќе бидат одбележани 24 години од загинувањето на осуммината бранители, припадници на резервниот состав на Армијата кои загинаа во 2001 година кај месноста Љуботенски бачила.
Делегација од Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата предводена од директорот на Генералштабот, бригаден генерал Орце Јордев ќе положи венци со свежо цвеќе пред спомен обележјето на паднатиот бранител Томислав Настевски во Општина Ѓорче Петров, споменикот на паднатите бранители во село Волково, споменик на загинати бранители во село Љубанци и спомен-плоча во касарната „Илинден“.
Делегација на Собранието во состав на пратеничките Емилија Ангелова и Каролина Насковска, ќе положи свежо цвеќе пред спомен-обележјето поставено во чест на загинатите бранители во село Љубанци.
Општина Ѓорче Петров организира оддавање почит пред спомен-чешмата на Томислав Настески – Бумбар, во урбана заедница Мирче Ацев (ул. „Ѓорче Петров“) додека централна комеморативна манифестација ќе биде пред споменикот на загинатите бранители во Волково.
На 10 август 2001 година со воено товарно возило на патот кон месноста Љуботенски Бачила при активирање на мина животот го загубија осум припадници на резервниот состав на Армијата: Томе Бадаровски, Гоце Чанкуловски, Бранко Јанев, Томислав Настевски, Марјанчо Бошковски, Ивица Златевски, Томе Димовски и Раде Јанковски. На овој ден се оддава почит и на Ацо Ангеловски кој во 2000 година загина во Арачиново при вооружен напад врз полициска патрола.
Македонија
Летните одмори направија редици на Табановце

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за влез во државата е околу еден час, на останатите граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Внимавајте на сонце, денес многу топло со температури до 39 степени

Времето денеска ќе биде сончево и многу топло. Ќе дува слаб до умерен ветер од источен и североисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 21, а максималната ќе достигне од 32 до 39 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло со слаб до умерен променлив ветер.
Минималната температура ќе се спушти до 19, а максималната ќе достигне до 39 степени.
Под влијание на многу топла воздушна маса од југ во текот на наредната седмица времето ќе биде претежно сончево и многу топло.
Дневната температура насекаде ќе биде над 30 степени, а наместа ќе достигне и 40 степени.